Полска: Владата одобри предлог за креирање на Регистар на забранети веб-сајтови и сервиси

На 20 јануари полската Влада го прифати предлогот да создаде Регистар на забранети веб-сајтови и сервиси. Глобал војсис веќе пишуваше за недостатокот на транспарентност поврзан со создавањето на овој закон. Последната одлука предизвика бранови протест на интернет.

Водечкиот глас во случајов, Пјотр Вагловски, познат како Вагла, авторот на блог посветен на законски прашања поврзани со интернет [полски], истиот ден објави напис со кој ги објасни правните процедури којшто предлогот треба да ги помине пред финалното одобрување. Во оваа фаза, создавањето на Регистарот е официјално предложено, но се уште треба да го одобрат неколку владини тела. Со цел да ја определи тековната позицијата на глобалната арена, Вагла исто така посочи слични случаи на нарушување на човековите права од владите од други земји. Најнакрај, тој спомена дека премиерот може да очекува писма од јавноста.

Вагла пишува [полски]

Г. премиер може да очекува писма подготвени како резултат на соработка на неколку невладини организации. Едно од овие писма укажува на недостатокот на консултации со специјалисти од областа, а друго на потребата да се почитуваат основните човекови права во текот на законодавната постапка. Немам поим што ќе направи премиерот со тие писма. Изгледа дека тоа е само почеток на „одлучните акции“ од страна на Владата.

Мичук, еден од коментаторите на постот, посочи дека се потребни протести, оти овој предлог има големи шанси да биде прифатен:

Законот најверојатно набрзина ќе помине низ парламентот – затоа мора да се дејствува веднаш. Напишав писмо до претседателот на Република Полска со цел да го убедам да стави вето на овој закон.

Тој објави линк до писмото [полски] што го напишал лично до претседателот, објавено на веб-сајтот stopcenzurze.wikidot.com [запретејацензурата.викидот.ком], заедно со потписи од поддржувачи (НВО-активисти, професори, бизнисмени, адвокати, политичари, уредници и блогери), потпишани со нивните вистински имиња и линкови до нивни веб-сајтови. Учесниците во протестот објавиле и страница на Фејсбук наречена „Запрете ја цензурата“ (полска) со над 200 фанови ден по прифаќањето на предлогот [во моментот на пишување на преводов има скоро 1.600].

Реакции на овие настани се појавија и на блогови, на Flaker.pl, во коментари на написи на веб-сајтови на мејнстрим медиумите, како и на Фејсбук, обединувајќи ги во протест луѓето на кои им се важни слободата на изразување и слободен пристап до интернет.

Реакцијата на Норбертрабарбар на форумот од Gazeta.pl го одразува општото расположение на јавноста:

Не смееме да се коцкаме? Дури ни на странски портали? И што, ќе имаме список на сајтови што не смееме да ги посетиме, како во Кина?

Плус, 6 часа за исклучување на веб-сајт… значи компаниите мора да вработат администратори што ќе работат 24/7…

Системов почнува да ме плаши. Наскоро ќе треба да пополнуваме формулар со пријава за да ни се дозволи пристап на Интернет…

Килакс1 укажа [полска] на бескорисноста на владиниот предлог:

Тинејџери лесно ги заобиколуваат најразвиените кинески шеми за цензура. Единствените што ќе бидат спречени од идеите на Туск ќе бидат неколку случајни коцкари.

Виџи се осврнува [полски] на глобалниот аспект на проблемот со цензура:

Мислам дека проблемот е подлабок од нашите глупави власти. А најлошиот дел е фактот дека нема кому да му се пожалиме за нарушување на човековите права, оти ваквото однесување станува глобален тренд и стандард, така што меѓународните судови нема да направат ништо (не би ризикувале да постават преседан од ваков тип).

Вичинстер не се согласува [полски]:

Полјаците нема да се предадат ако Туск воведе цензура. Тука е TOR, имаме системи што овозможуваат создавање на подземен полски интернет. Ова ме потсетува на ситуацијата во текот на Втората светска војна, кога млади авантуристички настроени Полјаци мораа да се борат за она што е нивно. Штета е што борбата денес е Полјак против Полјак.

На денот на прифаќањето на нацртот, раководителите на полските здруженија поврзани со интернет – Полската ИТ асоцијација, Полската комора на ИТ и телекомуникации, како и Фондацијата Модерна Полска – испратија отворено писмо до премиерот Туск во врска со планираната цензура на Интернет. Документот е јавно достапен (во формат .pdf, полски).

Блекаут Јуроп Полска ја промовира слободата на полскиот интернет и планира [полски] демонстрации за 23 јануари во Варшава:

Демонстрација: 23.01.2010 – 12:00 – Плоштадот на Замокот во Варшава. Демонстрацијата најверојатно ќе се придвижи до Парламентот. Ги каниме сите, а најмногу оние на кои им е гајле за иднината на полскиот интернет.

Тие ја проширија информацијата преку нивниот блог [полски], на Твитер [полски] и Фејсбук [полски]. Постерот со информациите за демонстрацијата циркулираше преку вебот и почна да се појавува на блогови [полски].

blackouteurope

Викоп (полската верзија на Диг) на насловната страница имаше три линкови поврзани со прашањето: овде [полски] (272 поени по еден ден, 477 денес), овде [полски] (315 поени дента, 451 денес) и овде [полски] (280 поени, кои пораснале на 539). Повикот за демонстрацијата од Блекаут Јуроп на Викоп [полски] исто така генерираше 483 поени за еден ден. На сите овие линкови има коментари кои во целост го поддржуваат протестот и изразуваат несогласување со владиниот предлог.

Корисниците на Фејсбук се собираат на страницата „Владата треба да го остави интернет на мира“ [полски] преку која разменуваат линкови во врска со прашањето.

Евелина Џиубинска резимираше [полски] на нејзиниот блог со поканата за учество на демонстрацијата во Варшава:

Заедно навистина може да постигнеме повеќе, само треба да го посакаме тоа. Недостатокот на реакција ќе биде сметан како согласност, затоа да покажеме дека оваа генерација нема да дозволи манипулации и цензура.

Во наредните денови и недели може да очекуваме повеќе реакции на темава од полската блогосфера.

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.