За одговорноста на студентите

American University of Beirut students attending a concert in AUB’s Green Field, 1980. From Maroun Baghdadi’s ‘Whispers’

Студенти од Американскиот универзитет во Бејрут присуствуваат на концерт во Грин Филд на АУБ, 1980. Од „Шепоти“ на Марун Багдади.

Следниов напис е од незавршен есеј половично инспириран од „Одговорноста на интелектуалците“ на Ноам Чомски (1967) и „Одговорноста на луѓето, и други есеи за политичката критика“ на Двајт Мекдоналд (1957) како и од дела на неколку новинари, интелектуалци, активисти и историчари, имено Хауард Зин, Едвард Саид, Хана Аренд и Мареј Букчин. Не треба да се потенцира, тоа што фокусот е на Либан е повеќе практичен отколку морален избор. Овој есеј се однесува на сите вас без разлика на националноста и/или местото на живеење. Првично се појави на Outlook на АУБ во малку модифицирана форма, во печат и на интернет, за неделата од 28 октмври, 2014.

Годината е 1980. Музичарот Хаитам Хадад е студент по архитектура на Американскиот универзитет во Бејрут (АУБ) кога Надја Туени, позната либанска поетеса, му приоѓа. Патувала по нашата завојувана земја со режисерот Марун Багдади кога, на крајот од патувањето, наминала во АУБ. Размената прикажана во видеото подолу, е надреална.

Сцената е преземена од „Шепоти“, еден од документарците на Багдади што најмногу ве опседнува со својата убавина. Во филмот, неумоливиот оптимизам на Надја Туени е остро поставен во контраст со цинизмот на деструктивноста околу неа. Распарчаните улици по кои одела таа се истите по кои одиме и ние денес, што укажува дека можеби оптимизмот извојувал мала но значајна победа.

„Шепоти“ ни дозволува краток, иако вознемирувачки, поглед во минатото, со Туени која го раскажува ова патување на папсан живот помеѓу урнатините на смртта. Но, „Шепоти“ не е само поглед во минатото. Духовите што ги демне се присутни и денес, иако во поскриена форма.

Денес живееме во состојба на длабок цинизам каде што се верува дека ни едно индивидуално дејство нема капацитет да води кон вистинска промена. Во исто време, во Либан живееме во земја полна со талент и исклучителна издржливост. Значи, предизвикот е да се сруши имагинарната граница што ја дели имагинацијата од студената реалност на секојдневниот живот. Ова не само што е изводливо, туку е и морален императив.

Haitham Haddad being interviewed in Maroun Baghdadi’s ‘Whispers’

Хаитам Хадад на интервју во „Шепоти“ на Марун Багдади.

А еве и едно длабоко врежано верување: како што студентите биле во првите борбени редови за промена во буквално секое општество повеќе од еден век – од Чиле до Јужна Америка, од Хонг Конг до Виетнам, Египет до Палестина, Франција до Соеднитите Американски Држави- исто така и ние, студентите од Либан имаме голема улога во државата. Всушност, нашата улога е најважната.

Студентите ја обликувале историјата баш кога таа изгледала дека е во најзакоравена состојба, а во Либан не е ништо поразлично. Размената помеѓу Хаитам Хадад и Надја Туени открива студент кој се осмелува да се надева и да верува дека младите луѓе можат да се обединат и да го променат светот околу нив. Триесет-четириесет години подоцна, дали сме ја изневериле таа доверба?

Нашата влада по својата природа е неспособна за радикална промена. Единствената работа што ја постигна Парламентот беше што нелегално го продолжи својот мандат. Моравме илјадници да излеземе на улица да бараме, одново и одново, жените во оваа држава да бидат заштитени од бруталноста на домашното насилство; а кога парламентот конечно се сложи, законот што го донесе испадна дека е заслабена верзија на она што го баравме толку гласно и непрестајно. (Силувањето е се уште легално, ако заборавивме. Можеме да им се заблагодариме на религиозните „надлежни органи“ за тоа.)

Зошто очекуваме да се грижат за неправдите за кои на безброј либански жени им било кажано да ги „прифатат“? Како за почеток, повеќе од половина од нив гласаа против законот за домашно насилство. Нашиот министер за надворешни работи го меша претставувањето на Либан во Обединетите нации со претставување на својот пенис, а самиот човек што го предложи нелегалното продолжение на мандатот на парламентот изгледа е премногу зафатен со удирање жени во врат за да слушне што имаме да кажеме.

Mothers and loved ones of victims of domestic violence at an anti-domestic violence protest organize by KAFA last summer. Photo by Cynthia Ghoussoub

Мајките и саканите на жртвите од домашното насилство на протест против домашно насилство организиран од KAFA минатото лето. Фотографија од Синтија Гусуб

И ова е само еден проблем во листата на премногу проблеми. Сфаќаме дека нивната итност е неопходна за да избледи нереалната беспомошност за која се држиме на сопствена штета. Во 1991, кога нашите родители го славеле „крајот“ на Граѓанската војна, големиот американски историчар Хауард Зин напиша: „Ако главните во нашето општество – политичари, корпоративните извршители и сопствениците на печатот и телевизијата – можат да ги доминираат нашите идеи, ќе бидат сигурни во својата моќ. Нема да им требаат војници да патролираат по улиците. Ние самите ќе се контролираме.“

Зарем ова не е и вистината за Либан? Корумпираната религиско-политичка класа – оние воени водачи, нивните синови и свештенството што им ја опростува вината – што ги доминира сплетките на либанскиот живот, не припитоми. Сме го усвоиле статус кво толку длабоко, толку темелно, што ги веднеме главите и молчиме дури и без да се бара тоа од нас. Зарем грешката не паѓа врз нас? Дозволете да го цитирам Едвард Саид, кој, можеби најмногу од сите, успеал вешто да ја сумира моменталната ситуација во Либан, пред речиси 20 години:

„Речиси се откажав пробувајќи да ги изнесувам промените и пресвртите [во Либан], секоја следна погуста и покомплицирана од претходните, секоја од нив ме вџашуваше со либанската способност за правење пари, завера и поединечни и масовни убиства. Сепак, таканаречените традиционални лидери и нивните разновидно просечни потомци остануваат непроменети, како што ги склучуваат и речиси веднаш ги предаваат сојузите помеѓу самите себеси, исто како со Сиријците, Палестинците, Иранците, Американците, Израелците и Саудијците (кои изгледа сите ги потпомагаат финанскиски). Нема на кого да му се восхитуваш или да му веруваш во оваа предолга и премногу гнасна глетка на идиотско насилство и бескрајна корупција. Дури и невините граѓани кои прават тоа па тоа, со своите храбри рутини, и способност да ги изградат и да ги обноват своите животи веќе по десети пат, критикувани поради својата храброст, имаш чувство дека мора тајно да ковале заговори со лидерите што ја продолжуваат војната. Инаку, како можеше да продолжи толку долго време?“

Навистина, како можеше? А можеме да одиме и подалеку во минатото. Гибран Калил Гибран напишал во 1920те – пред 90 години – дека има два Либана: Либан кој е „арена за мажите од Западот и мажите од Истокот“ и Либан на секојдневниот живот, на убавината и смеата. Дали ни треба уште еден век за да сфатиме дека другиот Либан, оној што го презираме и од кој се гадиме, мора да се уништи за оној Либан кој го цениме да може да диши?

Пречесто ние секуларните го обвинуваме „секташтвото“ за либанските зла. Но, исто така ова го претставуваме премногу едноставно: само како систем што разликува секти, и кој во суштина спроведува дефиниција наложена од државата за нечие религиско убедувања без обѕир на изборот на поединецот.

Но, секташтвото не е само национална поделба заснована на нечија секта, што всушност човек ретко ја избира. Има силни историски корени што го поплочиле патот за сегашниот систем на Либан што потекнува барем од средината на 19 век. Се наоѓа во нашата конституција, ни ги оформило социјалните класи и начинот на кој се однесуваме еден кон друг. Парадоксално, го раздвои и секташкиот јаз заразувајќи не со својата незапирлива морална корупција. Со други зборови, секташтвото, како смртта, е повеќе „секуларно“ од повеќето од нас.

Да се потсетиме на безбројните студенти во светот што успеале да го трансформираат своето општество кон подобро, за своите пријатели и сакани, соседи и туѓинци. Ајде да го искористиме нашиот привилигиран статус како либански студенти за да го потттикнеме светот околу нас да поставува длабоки прашања, за да можеме заедно да ја примениме старата Марксистичка изрека: „Филозофите само го протолкувале светот, на разни начини; целта е тој да се промени.“

 

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.