Малезија: Која е вистината за палмовото масло?

Во текот на последните неколку години палмовото масло стана цел на критикување од страна на еколозите и зелените активисти. Впрочем, дури годинава, Нестле, Маркс и Спенсерс и Џенерал Милс реагираа на сопствената употреба на палмово масло, откажувајќи ја соработката со набавувачи кои наводно не се издржливи или барајќи друг начин да го зајакнат својот став против уништувањето на првобитните густи тропски шуми и биолошкиот диверзитет во централното подрачје на југо-источна Азија.

Контроверзијата што го опкружува палмовото масло, кое претставува првичен извор на земјоделските приходи во многу земји во југо-источна Азија, посебно во Малезија и Индонезија, од неодамна порасна кога на YouTube се појави едно видео – пародија на рекламата за чоколадото КитКат на Нестле. Во видеото направено од Гринпис, гледаме еден канцелариски службеник кој отвора чоколадо КитКат за да „паузира“ од работата, но кога го загризува чоколадото, гледаме дека наместо чоколадо загризува прст од орангутан. Видеото (подолу) е дел од еколошката кампања на Гринпис против употребата на палмово масло кое потекнува од неиздржливи операции во Индонезија, а во корист на компанијата Нестле.

Она што може да се види како резултат од видеото, е фактот дека Нестле најави прекин на набавката на палмово масло од Синар Мас, индонезиски набавувач на палмово масло. Тимот Орангутан информира:

Имајќи ги во превид количините на палмово масло во нивните производи, за Нестле ќе биде исклучително тешко да ги набави тие количини од плантажи за палмово масло кои се одржуваат со издржливи практики.

Палмовото масло произведено со издржливи практики едноставно не постои. Површините кои се користат за издржливо масло имаат ограничена површина. Не постои начин за покривање на потребите без уништување на тропските шуми. Затоа треба да ги поттикнеме компаниите да најдат други видови на масла. Проблемот нема да исчезне се додека компаниите не го заменат или не престанат да го користат палмовото масло во своите производи.

Одлуката на Нестле е само привремена победа, но се додека таа победа трае, мораме тоа да го сметаме како поттик дека можеме да помогнеме ситуацијата да се смени и да направиме нешто што ќе го смени животот во овој свет.

Фотографија на плодови од палма, отстапена од Скот Паркер

Тимот Орангутан, гледајќи ја ситуацијата во поширок размер, предупредува:

Официјалните власти во Индонезија изјавија дека нивна цел е до 2020 година да го зголемат производството на сирово палмово масло на 40 милиони тони (двојно поголема количина од онаа која се произведува денеска). Тоа се планира со зголемување на бербата и на бројот на плантажи.

Уништувањето на тропските шуми во Индонезија, ја прават оваа земја една од најголемите произведувачи на карбон диоксид во светот. Исто така, секојдневно се убиваат стотици орангутани.

Палмовото масно е едно непотребно масло. Треба да продолжиме со информирање и со вложување на напори.

И тоа можеме да го направиме заедно. Заедно можеме да го спречиме геноцидот на орангутаните.

Место на кое се објаснува историјата на палмовото масло, барем на територијата на Малезија, е Малезискиот земјоделски блог, кој цитирајќи еден дел од напис на Ахмад Ибраим од Њу Стрејтс Тајмс, вели:

Само пред една година, палмовото масло беше на „седмо небо“. Сите оние во областа на економијата на земјата наздравуваа во име на маслото. Цената на необработеното палмово масло забележа пораст над РМ 4,000 (РМ – Малезиски Рингит = 13,32 денари) и стигна до РМ 4,312 од тон на 3-ти март минатата година. Цената се задржа над РМ 3,000 околу седум месеци, што беше дотогашен рекорд.

Компаниите кои произведуваат палмово масло, на своите вработени им даваа огромни бонуси. Многумина нудеа голем удел во добитокот на своите инвеститори. Малите произведувачи на палмово масло уживаа во профитабилните резултати. Тогаш, никој не ни помислуваше дека цените на палмовото масло ќе паднат на толку непрофитабилно ниво. Повеќето во индустријата беа убедени дека цената на палмовото масло никогаш нема да падне под РМ 2,000 од тон.

Ова само ја демонстрираше огромната доверба што многумина ја имаа во индустријата за палмово масло.

Минатонеделните настани ја уништија таа доверба. На 24-ти октомври минатата година, цените на маслото нагло паднаа на РМ 1,390 од тон, што претставува огромен пад од РM 4,000.

Можеби дел од ова успорување во индустријата за палмово масло е евидентиран од една детална новинарска статија напишана од Мартин Хикман, во Малезија и Индонезија наградена со Медијската награда на Асоцијацијата на странски новинари како „Еколошка статија на годината“, со наслов: „Виновните тајни на палмовото масло. Дали и вие несвесно придонесувате кон уништувањето на тропските шуми?“, во врска со тоа како палмовото масло ги уништува негибнатите тропски шуми и му се заканува на опстанокот, меѓу другите и на загрозените орангутани.

Во статијата се наведува:

Палмата, на еден свој начин е чудесно растение. Зачудувачки продуктивно, со годишен плод од 3,6 тона од хектар во споредба со половина тон соја или семе од репка. По потекло од западна Африка, палмовото масло го има единственото својство да се „дели“ кога се готви, т.е. неговите својства можат лесно да се поделат за различни продукти. И покрај тоа што има високо ниво на заситени масти кои ги затнуваат артериите во човечкото тело, сепак е поздраво од хидрогенизираните масла. За производителите, постои уште една значајна корист. Со цена од 400 англиски фунти од тон, палмовото масло е поевтино од сојата, семето од репка или сончогледот.

Индонезија се обидува да преземе остри мерки против нелегалното пошумување со палмови дрва, но корупцијата е голема кога се работи за реони оддалечени стотици километри од главниот град Џакарта. Слики од сателит покажуваат дека со сечењето на тропските шуми, отуѓена е 90% површината на националните паркови на Борнео и согласно со Еколошката програма на Обединетите нации (United Nations Environment Programme – UNEP): „Новите процени покажуваат дека до 2022 година, 98% од индонезиските шуми можно е да бидат уништени, а низинските шуми многу порано“.

Имајќи ја во предвид разновидната употреба на растението, палмовото масло беше во центарот на вниманието на земјоделскиот свет во регионот. Чудно, но Фондацијата за вистината за палмовото масло ни дава контра-аргументи за погоре наведеното, барем што се однесува до Малезија:

Во Малезија се спроведува речиси целосно проширување на одгледувањето на палми со замена на постоечките плантажи од кои се произведува каучук, какао или на исечени шумски површини кои беа предвидени за земјоделие. Освен тоа, од вкупната земјена површина од 30.2 милиони хектари, само 6 милиони хектари се назначени за земјоделие согласно со Третиот малезиски земјоделски план. Култивирањето на палмовото масло се совпаѓа со регионот кој е определен за земјоделие. Иронично, но регионот кој е сѐ уште пошумен, покрива површина од преку 60%, во секој случај е поголем од оној во развиените земји од каде и потекнува сета оваа збрка околу хабитатите на орангутаните.

Време е светот да ги препознае ваквите подмолни и измамнички кампањи, а тоа може единствено да се случи кога кај луѓето ќе се развие доволна остроумност со која ќе можат да го видат она што се крие во позадината и кога ќе престанат да се однесуваат како стадо овци. Тоа е можеби спротивно на интуицијата, но инстинктот на „стадото“ може да се надмине само преку едукација и програми за јасно именување на работите и комуникација. Програми кои конечно ќе ги експонираат лагите и полувистините кои изгледа се страст и речиси ексклузивен домен на Центарот за наука во интерес на јавноста (CSPI) и на останатите од нивниот вид.

Покрај тоа, Тан Шри Јусуф Басирон, малезискиот главен и одговорен директор на Советот за палмово масло во малезискиот весник Стар, одговарајќи на прашање за конзервација на шумите, одговори и на неколку прашања во врска со виталните и „зелени“ практики за палмово масло:

Постои оправдана загриженост околу заштитата на биодиверзитетот во џунглите и природните шуми. Ова е постигнато со одвојување на специјално дизајнирани површини за конзервација. Не е неопходно да се заштити целата џунгла. Странките во Конвенцијата на обединетите нации за биодиверзитетот, пред многу години решија дека 10% од шумите низ целиот свет треба да се заштитат за да се заштити шумскиот биодиверзитет. Во Малезија, повеќе од 50% од земјата е одвоена за таа цел – европскиот просек е 25% – согласно со обврската која ја презедовме на Самитот за земјата во Рио во 1992 година.

Можеби една од најголемите грижи во врска со палмовото масло е парадоксот на уништувањето на шумите од дејности кои од една страна се во самиот ланец на набавка со палмово масло и од друга страна, нивните иницијативи за „корпоративна социјална одговорност“. На пример, согласно со блогот Мрежа на акцијата за тропските шуми (Rainforest Action Network – RAN):

Во Џенерал Милс, компанија која е позната по својата корпоративна социјална одговорност, во истиот тој месец е забележано дека нејзиниот одговорен за издржлив развој одби дури и да разговара со RAN околу политиката на компанијата во врска со палмовото масло; јасно е дека компанијата не е целосно обврзана кон „издржливоста“.

Во светот на Корпоративната социјална одговорност, последниве две недели беа мошне интересни за компаниите како Џенерал Милс, бидејќи примија награди, како на пример „Врвен корпоративен граѓанин“ со која се наоѓаат на 47-то место од 50-те „Најценети компании“ и 29-ти на листата на „Диверзитети“. Со овие награди на компанијата ѝ се оддава признание за големиот глобален углед – барем согласно со магазинот Fortune и со водачите на глобалниот бизнис.

Но, она што овие луѓе кои носат одлуки не го знаат е дека милиони староседелци, загрозени видови и шуми во Индонезија се наоѓаат на работ на исчезнување поради експанзијата на палмовото масло – благодарејќи ѝ на компанијата Џенерал Милс.

Ниту иницијативите кои се превземени за асистирање во расчистувањето на индустријата не помагаат, туку напротив, осудувани се како вид на „зелено перење“. Согласно со блогот на Канаѓани за климатски промени:

Еколозите се расправаат дали она што почна како иницијатива за расчистување на практиките на производство на „валкано“ палмово масло т.е. Тркалезната маса за издржливо палмово масло, стана нешто повеќе од алатка за „зелено перење“ на невладините организации. Ребека Зу од Репортажи/ /Извештаи за човечката околина.

Тркалезната маса за издржливо палмово масло (The Roundtable on Sustainable Palm Oil – RSPO) беше создадена од WWF за да ангажираат компании во создавање на повеќе издржливи начини за производство на палмово масло. Меѓутоа, експертите во областа на човековата средина веруваат дека RSPO не само што е неефективна, туку дека стана едно средство за „зелено перење“ на лошите практики.

„RSPO им дава на компаниите зелен параван и ја поттикнува зголемената потрошувачка, што е точно и причината која го предизвикува проблемот”, рече Валери Филипс, активистка за шумите од одделот на Гринпис во Папуа Нова Гвинеја, една од трите земји која е најлошо погодена од индустријата на палмовото масло.

Всушност, порталот Тропски шуми известува дека во ноември 2009, до RSPO и WWF (еден од основачите на RSPO) е испратено отворено писмо, потпишано од 80 организации од 31 земји. Писмото ги поттикнува двете страни да прекинат со „зелено перење“ и да прекинат да издаваат сертификати на плантажи за палмово масло како „издржливи“, доколку не се. Порталот изјавува:

Согласно со отвореното писмо, компаниите кои имаат добиено сертификат од RSPO се директно одговорни за голем дел од социјалната и еколошката штета: дислокација на локалното население и нивните средства за живот, деструкција на тропските шуми и тресетната земја, загадување на земјиштето и водата и учество во глобалното затоплување. Овие се причините заради кои „монокултурите на палмово масло не се и никогаш нема да бидат издржливи и нивното „сертифицирањето“ е само еден начин за одржување и проширување на оваа деструктивна индустрија“.

Со исклучок на овој негативен развој на случувањата, се прават уште повеќе напори за да се постигне „издржливо палмово масло“. Фондацијата Шума (The Forest Trust) на пример, меѓународно непрофитабилно здружение, дефинира набавувачка политика за „издржливо палмово масло“ за европските трговци на мало. Веб страницата на TFT тврди дека знаат за критикувањата на планот на RPSO и дека работат на тоа да се воведе една група на производители на храна со цел да: се воспостават системи за набљудување и следење за да постои сигурност дека плантажите се во склад со строгите побарувања на RSPO; и да им пружат техничка помош на одгледувачите, особено на малите кои сакаат да го добијат сертификатот на RSPO.

Како и да е, на крајот од денот, Peak Oil вешто сумира:

Плантажите за палмово масло играат главна улога во растечките проблеми од дефорестацијата и емисиите на карбон диоксид во Индонезија и во тропските шумски предели низ целиот свет. Минатонеделната Меѓународна конференција за палмовото масло и човечката околина (International Conference on Oil Palm and Environment – ICOPE) е еден чекор напред кон вметнување на индустријата како дел од решението.

Дали индустријата за производство на палмово масло всушност може да биде дел од решението против дефорестацијата, е предлог кој ги разединува фабрикантите, произведувачите, препродавачите и се разбира еколошките групи. Од една страна, издржливата продукција на палмово масло се смета за оксиморон. Спротивната страна, критиките за палмовото масло ги гледа како лаги во една завера на развиениот свет против сиромашните фармери, завера скована врз приказни за изумрени видови и климатски промени, финансирана од страна на ривалите на палмовото масло и произведувачите на масло и маслени продукти.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.