Нетизените на Магреб реагираат на барањето за развод од 8-годишно девојче од Јемен

Тунискиот блогер Stupeur!! Un nouveu depart!! (Мртвило!! Нов почеток!!) реагира на написот на Јемен Тајмс за 8-годишно девојче кое се обидува да поднесе барање за развод од 30-годишен маж, за кој вели дека била присилена да се омажи.

Новинарот на Јемен Тајмс, Хамед Табет го опишува случајот:

Според законот на Јемен, Ноџуд не може да прогонува, бидејќи е малолетна. Меѓутоа, судијата Мухамед Ал-Квати ги слушна нејзините жалби и подоцна нареди да се уапсат и нејзиниот сопруг и нејзиниот татко.

Stupeur!! Un nouveu depart!! пишува:

Кога ние имавме 8 години, ние го гледавме Капетан Маџед, Голдерак и Такаја Тодораки [сите се карактери од цртана серија која е прикажувана на телевизија од Мароко/Северна Африка пред неколку години], ние игравме со топка, игравме криенка и џамлии. Нашите девојчиња си играа со кукли или се преправаа дека се учителки или медицински сестри.Денес, на 8 годишна возраст тие се соочуваат со судски постапки, каде бараат развод од сопруг на кој се присилени.

Ноџуд Мохамед Насер е млада девојка која се застапуваше самата на суд во Сана’а, каде побара помош од судијата. Таа поднесе тужба против нејзиниот татко, кој ја омажил против нејзина желба за насилен “сопруг”, кој ја злоупотребувал сексуално.

„Секој пат кога ќе посакав да си играм во дворот, тој ме тепаше и ме присилуваше да одам во спалната.“ До каде се спремни да одат овие хомо-игноранти?

Како може сè уште да слушаме за вакви приказни во 21 век? И сѐ уште се прашуваме зошто Арапите имаат лоша репутација! Сѐ уште се прашуваме зошто луѓето не третираат како не доразвиени терористи.

Не се обидувајте да ми докажете дека ова е изолиран инцидент! Всушност, често се повторува, но ретко се зборува за вакви инциденти. Не престанува со децата, туку често се случува и на постари девојчиња и млади девојки.

Насловот на постот, “Ces arabes qui ne nous ressemblent pas” (Арапи кои воопшто не се такви), како додаток на оваа тема, провоцираше низа од коментари од едноставно „тоа е одвратно“, до пофалби за храброста на малото девојче и очекувања дека такви случаи нема да се повторат:

Тие ја украдоа невиноста на тоа мало девојче! Која храброст да отидеш сосема сама пред судија!!! Овие варварски постапки треба да бидат забранети и казнети! Се надевам дека ние никогаш нема да бидеме како нив!

Друг коментар ги потсетува читателите дека педофилијата не е расен проблем, туку државна одговорност:

Арапите се човечки суштества како и сите други! Педофилите може да се најдат било каде во светот и тоа е одвратно. Тоа е не расен проблем, туку повеќе проблем на некои држави кои не превземаат одговорност за донесување закони, во кои ќе се наметне минимална возраст за брак и општа согласност.

Како одговор на овој коментар, друг читател напиша:

Добро кажа, Мад Џебра [тагот на претходниот коментатор]. Западњаците не стапуваат во брак со 8-годишно девојче бидејќи имаат закони кои спречуваат да го направат тоа; меѓутоа тоа не ги спречува да ги силуваат…

Еден емоционален блогер одговара:

Ја читав приказната на ова девојче во денешниот број на Кориере дела Сера [еден од најчитаните весници во Италија]. Верувајте ми, ми надојдоа солзи во очите и во период од 5 минути не кажав ниеден збор… Земјите како Јемен треба веднаш да бидат осудени: силувањето на недолжни млади деца е форма на тероризам, а тие го толерираат тоа. За мене, ова е полошо од тортура… Јас сум навистина изнервиран поради ова… Имам толку многу омраза!

Како одговор на сентименталноста на блогерот, друг пишува:

Нема ништо со кое може да се гордее тој дел од планетата… Нивната Златна Ера дефинитивно е сместена во минатото. Големото будење нема да биде во брзо време…

Последниот блогер присетува на деновите на социјализмот во Јемен, велејќи:

Мислејќи дека во Аден во 1972 година ова беше земја која се повикуваше на социјализмот, со млади девојки и тинејџери кои одат во средно училиште со нивните момчиња без да се двоумат… Оваа приказна ме прави многу тажен.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.