Узбекистан: Откриени случаи на ХИВ, затворска казна за водачот на кампањата за борба против сидата

Околу 150 узбекистански деца се инфицирани со вирусот ХИВ во болниците во Наманган, трет град по големина во земјата. Иако се работи за случај од 2007/2008 година, сепак објавен е дури во 2010, кога анти-владиниот веб сајт Ferghana.ru (блокиран во Узбекистан) објави [руски] документарен филм кој го емитуваше и националната телевизија по наредба на јавниот обвинител.

Во документарецот, Бахтијор Шодмоновцита, претставник на јавното обвинителство во Наманган, изјавува [руски] дека четиринаесет од 147-те деца кои биле заразени, умреле (филмот е снимен на почетокот на 2009). Меѓу другото, потврдува дека дванаесет доктори и медицински сестри од двете болници во Наманган се обвинети за небрежност и негрижа кон малолетни пациенти и се осудени на 5-9 години затвор (погледнете го филмот на узбекистански).

Веста брзо се прошири низ локалната блогосфера: многумина беа шокирани не само од постапките на лекарите, туку и од прикривањето на случајот од властите. Некои сметаат дека казната не е доволно строга.

Neoleo пишува [руски]:

Казната е премногу блага; тие буквално ги убиле децата. А што да се каже за нивните родители? И нивните животи се уништени.

На Registan.net [англиски] има вакви коментари:

Metin:„Докторите лесно си поминале; доживотен затвор ќе беше посоодветна казна. Построго треба да се казнува неодговорноста во професиите кои директно влијаат на туѓите животи“.

Lettore: „Ова се случува кога постои неукост и кога се спасува образот“.

Jay: „Узбекистанскиот народ знае дека болниците се места каде се оди да се умре, а не да се оздрави. Овој случај само го потврдува тоа“.

michaelhancock: „Се сеќавам кога се случи ова, уште живеев во Сајрам [во јужниот дел на Казахстан] и луѓето погодени од оваа трагедија беа најмногу млади мајки од тој регион со мнозинско узбекистанско население“.

Според посебна наредба на Министерството за здравство во земјата, во сите болници кои лекуваат деца и имаат оддел за хирургија мора да има и епидемиолог. Во документарецот, директорот на детската болница во Наманган потврдува [руски]дека имаат потреба од таков специјалист, но никој не бил примен на тоа место и покрај барањата испратени до општинските и градските епидемиолошки станици.

И затворањето на активистот Максим Попов ,ангажиран во здравствениот сектор, го отсликува обидот на владата да ги сокрие проблемите со СИДА-та во Узбекистан. Независниот онлајн весник Uznews.net објавува [руски] дека узбекистанскиот суд му одредил казна затвор од седум години на Максим Попов, 28 години, меѓу другото и директор на невладината организација Изис, за борба против СИДА-та. Според судот, флаерите кои тој ги дистрибуирал се „несоодветни со локалната традиција“.

for_efel пишува [руски]:

Во антиката, многу луѓе биле спалувани затоа што се обиделе да им ги отворат очите на другите.

Контроверзни коментари има и на Registan.net [англиски]:

Turgai Sangar: „[…] многу од овие проекти за превенција од ХИВ на интернационално ниво (најчесто финансирани од западните земји) во суштина се центри за поддршка на проституцијата. Фини се нивните ’блабла’ идеи за развој, но ако се дистрибуираат презервативи за проститутките и се нуди медицинска помош, значи се поддржува и охрабрува таквото однесување – точка.

Nathan: […] Многу добро знаеш дека дури и западните невладини организации воопшто да не стапнеа на ова тло, проституцијата сеедно ќе постоеше. Особено момчињата адолесценти имаат потреба од некаква едукација за сексуално преносливите болести. Предбрачните сексуални односи и сексуалните односи надвор од бракот постојат во Централна Азија и постоеле и пред западните НВО, советските бирократи и царските власти – точка.

Anna: Сметам дека помалку сигурни се општествата за жените и децата каде сексуалноста е сè уште табу тема. Имам слична активност со онаа на Максим и сметам дека е важно да им се помогне на стигматизираните групи, не само во смисла на здравствена помош, туку и затоа што тие групи често живеат во нехумани услови, на улица, се борат со зависности како алкохол и дрога, игнорирани од сопствените семејства […].

Случајот со Максим само потврдува дека узбекистанските власти неофицијално ја попречуваат [руски] работата на НВО и меѓународните организации, вклучително и УНИЦЕФ во информирање за употребата на кондоми како заштита од сексуално преносливи болести и ХИВ. Пред неколку дена, Алџезеира на англиски јазик емитуваше документарен филм “AIDS on the Heroin Road” [СИДА-та на патот на хероинот]. Филмот раскажува како корумпираноста на државата и на војската е суштинска во ширењето на вирусот ХИВ во Централна Азија.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.