Психолошкиот напор на дигиталниот активизам

Иранското Зелено движење започна во 2009 година кога граѓански групи обвинија владини функционери за измена на исходот на националните избори. Граѓаните и активистите се собираа на улиците да протестираат и се потпираа на социјалните мрежи како Твитер да ја шират нивната порака и да координираат акции. Кога владата се обиде да ги контролира медиумските вести за тоа што се случува во земјата, активистите користеа алатки за заобиколување на блокадите за веб-сајтови и за поширока дистрибуција на содржини кон светот, често со помош на поддржувачи од други делови на светот.

Ова беше едно од првите движења со големи размери каде новите медиуми служеа како платформа за координација и комуникација меѓу активистите и играа витална улога во покажувањето на светот што се случува на теренот. Следното сведоштво доаѓа од Камеран Ашраф, американски граѓанин со иранско потекло кој живее во САД и кој помогнал во овоможувањето комуникација и размена на информации за активистите и учесниците на протестите во текот на овој период.

Демонстрација од Зеленото движење во Иран во 2009 г. Фото: Џеф Мекнеил. (CC BY-SA 2.0)

Демонстрација од Зеленото движење во Иран во 2009 г. Фото: Џеф Мекнеил. (CC BY-SA 2.0)

Мојот блог беше тивок веќе подолго време. Причините лежат во постот што сега ќе го напишам.

Од 2009 до 2011 г. играв клучна улога во иранското Зелено движење од страна на Интернет. Ова ми донесе многу можности, како да станам ко-основач на Аксес нау (AccessNow), медиумско внимание (вклучително од иранската влада) и длабоки врски со истомисленици. Ми помогна да ги обликувам моите страсти и желба да направам нешто добро на овој свет, да разберам повеќе за тоа кој сум и како го гледам светот. Арно ама тоа за мене беше и психички катастрофално и нешто со кое сè уште се обидувам да се справам.

Има различни видови дигитални активисти. Некои се фокусираат на Твитер или ширење информации. Други мобилизираат поддршка на Фејсбук. Дел прават постери, мотивациски видео-клипови, или применуваат други таленти. Некои, меѓу кои и јас, обезбедуваат директна технолошка поддршка за движења и активисти во земјата. Нашиот тим обезбедуваше сигурен хостинг на дузини клучни веб-сајтови и поддршка на клучни репортери и активисти во земјата, а јас овозможив над 3 милиони симнувања на видео-клипови од Иран, меѓу другите активности. Бев на повик 24 часа на ден од 2009 до 2011 година и многу ретко се случуваше да спијам повеќе од 4 часа на ноќ.

Ако ви звучи како да се фалам или се дујам, знајте дека не го правам тоа – ова е дел од мојот процес на заздравување и соочување со чувството дека немам направено доволно, немам помогнато доволно, дека не сум доволен. Има нешто во врска со географското оддалечено материјално вмешување кое ги турка човековите чувства кон маргините, до точка кога телото живее според друга временската зона и единствено нешто што ве мотивира чистотата на самата помош.

Многу се зборува за дигиталниот активизам и способноста која Интернет ни ја овозможува да помогнеме, малку се зборува за цената што ја плаќаат оние кои помагаат. Поради екстремната виртуелна близина, се појавуваат интензивни чувства на неадекватност и став дека „не правам доволно“. Правите што можете, си го нарушувате здравјето – луѓето кои ги поддржувате и чија дигитална сигурност зависи од вас се соочуваат со сите ризици кои вие ги искусувате само посредно. Ја препознавате сериозноста а истовремено и апсурдноста, кога секојдневни пречки како кога ќе заглавиш во сообраќај стануваат вонредни моменти во кои гледате што е „навистина важно“ во светот. Константно фокусирање на она што е „навистина важно“ значи дека често ја занемарувате секојдневната страна на она што е „навистина важно“ – вашето ментално здравје, односите со семејството и пријателите, како и време за забава да се опуштите. Задоволството од нормални разговори, апсурдите на секојдневниот живот, сонцето, ѕвездите, прегратките, сите полека се раствораат додека започнувате да ја живеете кризата и реалностите на други луѓе кои живеат илјадници километри од вас. Овие вознемираности се интернализираат и се изразуваат преку гнев, нервоза, истресување – што и го правев.

Сепак се работи „за каузата“, после сè.  Тоа движење кое ќе го поправи светот, кое ќе ги исправи страшните неправди кои се случуваат секојдневно. Да ги одмазди уапсените пријатели, измачуваните или убиените. Го живеете, дишете, јадете, чувствувате, допирате, било што поврзано со тоа. Моментите кога не сте на компјутер се трошат на телефонски јавувања, смс-и, или средби лице в лице и настани. Телото ми беше во Лос Анџелес, но умот ми беше во Иран. Кога сте толку поврзани со нешто со нешто со кое што сте неповрзани е, верувам, длабоко вознемирувачко за вашата психа. Порано или подоцна работите добиваат смисла и вашиот ум разбира дека гледа и чита едно нешто, а живее друго. И доаѓа момент кога тоа само ќе ви се случи – ви „се стемнува“. Исчезнувате. Не кажав никому. Престанав да одговарам на е-пошта, смс-и и телефонски повици. Тоа беше целосен слом од којшто сè уште се опоравувам. До денешен ден го вртам мобилниот со лицето надолу и го држам звукот исклучен бидејќи го асоцирам со многу трауми и лоши вести.

Цела година молчев, одев на психотерапевт, но си држев сè во себе. Неколкумината на кои им се доверив можеа само од далеку да се обидат да разберат, на сличен начин со кој сочувствуваме со некој кој изгубил сакана личност додека ние сме сè уште цели. Иако не го сфатив тоа на времето, еден добар пријател и важен активист ми кажа пет збора кои полека се вградија во мене: Ти го направи својот дел.

Тоа беше тоа. Ти го направи својот дел. Си ги повторував тие зборови – ти го направи својот дел – дење и ноќе. Тоа беше моето Зелено движење – во кое застанав за себе. Беше правилно, но не беше просветление. Не ме излечи и не ми овозможи затворање на случајот. Но ова ми отвори врата низ која можев да видам што имам сторено и да сфатам дека тоа беше она што можев во тие услови. Јас го направив својот дел. Си дадов одговор на прашањето што си го поставив во јуни 2009 година: Што ќе им кажеш на твоите деца ако прашаат што стори ти кога Иранците излегоа на улиците? Сега можев да го одговорам ова, како да не го знаев цело време: јас го сторив мојот дел. Можев да останам ангажиран во дигиталниот активизам, но на начини кои оддаваат почит и на каузите што ги поддржувам, но и на самиот себе.

Секој дигитален активист вклучен во активности во земјата на поинаков начин ќе се соочи со стресови. Траумата од кризата на далечина ќе има уникатни реперкусии поради нивните уникатни психолошки профили. Ова е различна, но исто така херојска страна на дигиталниот активизам, многу оддалечена и скриена од идеалите на приватност, сигурност, демократија и човекови права. Тоа е личен хероизам кој малкумина го гледаат а само една личност го чувствува.

Накратко ја споделив мојава приказна како средство да се отвори реален дијалог за менталното здравје и дигиталниот активизам, нешто што посакувам да го направев многу порано и што би морало да биде дел од алатникот и обукатана секој активист. Сите дигитални активисти имаат сопствена приказна, сопствена исповед која ќе им овозможи да продолжат по патот кон чувство на лична нормалност и целосност. Ова е почетокот на мојата.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.