Србија: Контроверзии околу рехабилитацијата на Дража Михајловиќ

Драгољуб Дража Михајловиќ беше командант на југословенската армија во татковината, исто така позната како четничко движење, за време на Втората светска војна. Во 1946 беше фатен од страна на комунистичките власти во Југославија, обвинет за велепредавство и воени злосторства, осуден на смрт и погубен.

Судењето за негова рехабилитација кое започна во јуни 2010 на барање на неговит внук, Војислав Михајловиќ, уште малку ќе заврши. Иако дел од политичарите, академиците и професорите го поддржуваат ова барање, српската јавност е поделена.  Некои луѓе сметаат дека Дража Михајловиќ е невина жртва, додека пак други сметаат дека тој е правично осуден и дека соработувал со окупаторите кои вршеле злосторства не само во Србија, туку и во Босна и Херцеговина и Хрватска.

Некои политичари, невладини огранизации и граѓани од овие земји исто така реагираа на вестите. Донекаде тие имаат заеднички став за Дража Михајловиќ сметајќи го за криминалец и националист со идеја да воспостави т.н. Голема Србија.

Draža Mihailović. Photo: United States Holocaust Memorial Museum, courtesy of Muzej Revolucije Narodnosti Jugoslavije, in the public domain.

Дража Михајловиќ. Фотографија: Меморијален музеј на холокаустот во САД, од Музејот на револуцијата на народите на Југославија, достапно за јавност.

Иво Јосиповиќ, претседателот на Хрватска за хрватскиот дневен весник Јутарњи Лист изјави:

Дража Михајловиќ беше воен криминалец… Можам да се сетам на многу случаи кога [Четниците] соработуваа со фашистите поточно со Германците, Италијанците и [Усташите], а борејќи се против [партизаните]… Ако судењето заврши како што најавуваат медиумите, но да почекаме до крај, тоа ќе биде голем чекор назад што се однесува до Втората Светска Војна и антифашизмот.

Од Движењето на жртвите од војната од Босна издадоа соопштение кое меѓу другото вели:

Босна и Херцеговина плати висока цена за идеологијата за Голема Србија, чиј заштитен знак е Дража Михајловиќ. По повод неговата рехабилитација ние сме многу загрижени за независноста и мирот во нашата земја и сме исплашени бидејќи не знаеме дали злосторствата и убиствата од пред 20 години се целосно зад нас. Изедначувањето на фашистичкото и антифашистичкото движење е исто како изедначување на жртви и криминалци од периодот на агресијата врз нашата земја.

Меѓутоа, Вук Јеремиќ, министерот за надворешни работи на Србија, смета дека рехабилитацијата на Дража Михајловиќ е внатрешно прашање на Србија.

Српскиот блогер Филип Младеновиќ во една своја објава напиша:

[…] Она што мене посебно ме иритира е ревизија на историјата. Не ми е јасно во чија корист е релативизирањето на антифашистичката борба на нашите претци од Втората светска војна, со тоа што се обидува да го рехабилитира движењето Равногорски и неговиот лидер Дража Михајловиќ. Зошто Србија со вакви автоголови сама се исфрлува од антифашистичката коалиција? Зошто не ги признава многуте жртви кои чесно и храбро загинаа борејќи се против нацистичкиот режим на Адолф Хитлер? […]

Повеќе од 350 коментари се оставени на неговата објава. Еве некои од нив.

Johnnyt напиша:

Плукате на човекот кој беше искрен борец против фашизмот и комунизмот, додека криминалци како [Тито], претседател на државата на геноцидот СФР Југославија лежи во Куќата на цвеќето[…]

Dextera вели:

Филип, вие не знаете многу работи. Читате и цитирате исклучиво историја креирана од режимот на Тито. Не знаете дека судењето на Дража Михајловиќ беше наместено [политичко] судење, не знаете какви документи постојат, не ја знаете улогата на [Коминтерната], не знаете кој бил Драгиќ Јоксимовиќ, не знаете дека сестрата на Дража ја убиле Советски војници кога навлегле во Белград во 1944 итн. Сакате да ги направите работите црно-бели, исто како во режимот на Тито.

Cult вели:

Со закон треба да се забрани фалсификување на историјата и рехабилитација на национални предавници кои соработувале со окупаторите.

niccolo вели:

Бесполезно е да се дискутира кој убил повеќе цивили – четниците или партизаните. Но, дали некој од учесниците во дискусијата сфати дека процесот на рехабилитација нема врска со прашањето дали некој извршил злосторства или не, туку со прашањето дали обвинетиот имал правично судење или воопшто немал судење?

Белградската историчарка Љубинка Трговчевиќ за веб страницата на Слободна Европа (Free Europe) изјави:

Проблемот би бил помал ако ова се однесува само за реконструкција на судскиот процес. На тој начин е јасно дека тој е ослободен, како и неговото движење за се она што сторил или не сторил.

Мирко Ковач, познат писател од Хрватска, за истиот извор вели:

Супер. Луѓето едвај чекаат вакво нешто да се случи за да можат и тие да се рехабилитираат. Регионот е ист како Србија. Тука луѓето сонуваат да го рехабилитираат [Анте Павелиќ].

Душан Стефановиќ од Чикаго го остави неговиот коментар за написот на Слободна Европа:

Не гледам кого Дража го предаде во војната. Тој се бореше против комунистите на Тито, војниците на Павелиќ [Усташите], фашистите на Хитлер… сите непријатели на српскиот народ за време на војната. Спаси илјадници американски пилоти, од кои повеќе од 500 беа евакуирани само од селото Прањани во 1943.  Де Гол и Труман го одликуваа со најголеми почести за неговата улога во војната. Пред се, генерал Михајловиќ не ја издаде Србија.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.