Египет: Задушување на египетскиот код на Да Винчи

Издадена во 2008, книгата Азазил (Велзевул) на Др. Јусеф Жидан предизвика немир кој потоа се претвори во гнев. Денес, во 2010 година – Др. Жидан е обвинет за богохулење и клеветење на Христијанството и бидејќи во Египет навредувањето на било која од „божјите вери“ е нелегално, постои веројатност Жидан да се соочи со затворска казна со времетраење до пет години.

Во 2008 година, Зеинобиа го опиша романот велејќи:

Сега имаме свој Код на Да Винчи и свој Ден Браун со кого Црквата се бори во моментов. Нашиот Код на Да Винчи е Азазил, а нашиот Ден Браун е Др. Јусеф Жидан, истражувач на историјата и управник на Одделот за ракописи и исто така, одговорен за набавки во Александриската библиотека.
Тема на романот е Христијанството во Египет во петтиот век и борбата меѓу новите религии и нивните верници од една страна и старите пагански религии и нивните верници од друга страна. Главен лик на романот е „Хиба“, египетски монах, чија мајка, христијанка по вера, заедно со други христијани, скова завера за да го убијат неговиот татко, кој беше паганин. „Хиба“ ги води овие разговори со својот сопствен Азазил кој се наоѓа во него. Романот ни претставува историски настани, како на пример трагичната смрт на Хипатија од Александрија, убиена од припадниците на египетските радикални Христијани и исто така и други настани, претежно теолошки, засновани врз вистински ракописи од раните векови.
Ова ја разлути црквата, која го обвини Жидан за користење на тенденциозни и лажни извори како на пример, „Светата крв и светиот грал“ и некои од катарзичните верувања покрај фалсификување на ракописот „Романот започнува со признание дека е заснован врз вистински историски ракописи пронајдени во Сирија“.


Нермин Едрис
јавува дека Жидан ја доби наградата Букер во 2009:

Контроверзната книга Азазил на Др. Јусеф Жидан, ја доби наградата Букер за книга од арапското говорно подрачје за 2009 година. Ова е втора по ред година што Египќанин ја добива оваа престижна награда. Минатогодишниот победник беше книгата „Оаза на зајдисонцето“ на Баха Тахер.

Јука – еден страстен читател – вели во својот осврт за книгата:

Имав задоволство лично да го сретнам Жидан и можам да ве уверам дека е исклучително фасцинантен човек. Доследен на своето потекло и образование, тој е одличен соговорник кој може да цитира на повеќе јазици докази од светите книги и литературата низ вековите кои ги подржуваат неговите тврдења. Кога беше запрашан за насловот на книгата, одговори дека религиите, уште од почетокот на времето имаа понудено верзии на Бога или божества кои претставуваат една повисока сила и во нив се отелотворува сето она што е добро или праведно. Кога Јудаизмот започна да се издига, човекот го бараше другиот крај на спектрумот, едно повисоко битие, олицетворение на сѐ што е лошо, бидејќи во спротивен случај, самиот човек ќе требаше да ја преземе одговорноста за своите лоши дела – така се роди Азазил.

А Шепоти од морето напиша:

Фрлајќи светло на историскиот период во Египет и Блискиот Исток и на теолошките разлики во текот на 5-иот век кои се однесуваат на природата на Исус Христос и Девицата Марија, Жидан нагласува на кој начин религиите – сите религии – често се манипулирани за остварување на „земјени“цели или интереси и дека во името на Бога се извршени неброени неправди и бруталности. Тоа е една порака која се однесува до сите религии, било Христијанството, Исламот, Јудаизмот или други вери и е исто важно за сегашните времиња онолку колку што беше и во шеснаесетте изминати века. Историјата е сосема доволен доказ дека ниедна религија или вера не може да гледа од високо кога се работи за тоа какви, за жал, дела овековечија нејзините следбеници во нејзино име низ текот на вековите. И на крајот на краиштата, оној што на крајот го плаќа големата сметка за сето тоа е обичниот човек или човечкиот род.

The Chronikler, критикувајќи го фанатизмот напиша еден пост со наслов: Следејќи го примерот на исламистите, египетските Христијани се обидуваат да забранат еден награден роман бидејќи го навредува Христијанството. Во овој пост, блогерот вели:

Во последниве неколку недели, една група која се нарекува себеси (без трошка иронија) Адвокати без лисици се обидоа да го „оковаат“ слободниот избор на египетските читатели, барајќи да се забрани новоиздадената верзија на класичната сага Илјада и една ноќ, со своите популарни и бесмртни личности Аладин, Али Баба и Синбад. Кој беше поводот? Колекцијата на приказни, стара со векови е „срамотна” и би можела да ги наведе луѓето на „пороци и гревови“.
За среќа, египетските интелектуалци, демонстрираа за да ги одбранат класичните приказни, предупредувајќи на зголемената „бедуинизација“ на египетската култура. Ова е можеби најкомичниот пример за актуелниот тренд кон она што јас го нарекувам, ретроактивна осуда на издадени дела.
За да не останат настрана од манијата на демонстрациите, и Христијаните се придружија кон караницата. Една група на Копти во и надвор од Египет, поднесоа жалба до јавниот обвинител против контроверзниот роман Азазил (Белзебуб) на Јусеф Жидан, добитник на меѓународната награда за арапска белетристика, поддржана од Фондацијата Букер. Бидејќи навредувањето на „небеските вери“ во Египет е нелегално, можно е Жидан се соочи со казна до пет години зад решетки.

Конкретните обвиненија сѐ:

„Ги навреди свештениците и епископите и изјави многу работи за кои не постои никаков доказ или сведоштво кое потекнува од историските книги,” рече Мамдух Рамзи, коптски адвокат вмешан во акцијата, додавајќи за Жидан: „како е можно еден човек кој не е христијанин да знае нешто за Црквата?“

А The Chronikler сѐуште не може да сфати која е грешката на Др. Жидан:

И дури и ако го навреди Христијанското свештенство, моја природна реакција би била: „Па што?“. Сите ние имаме различна дефиниција што навистина претставува една навреда, секој е слободен да искажува навредливи гледања на работите доколку сакаат, а ако не ви се допаѓа, тогаш немојте да го читате романот, и во секој случај, пренесете им и останатите да го прават истото.
А што се однесува до втората изјава на Рамзи, дали е сериозен кога сугерира дека за да можеш да пишуваш за една вера, треба да ѝ припаѓаш на истата? Ова е апсурдно од многу гледни точки, бидејќи во најмала рака ги задушува слободата на истражувањето и говорот и исто така, бидејќи повеќето религии не бараат од своите верници да имаат познавања на историјата и филозофијата на својата вера. Освен тоа, Жидан е реномиран професор по филозофија и директор на центарот за ракописи во Александриската библиотека.

Што конкретно ги изиритира коптските кругови во наградениот роман на Жидан?

Бикја Маср вели дека:

Жалбата беше потпишана од следните организации:
Организацијата на Коптите во Голема Британија, Египетско-американската пријателска организација, Канадската Египетска организација за човекови права, Младинската организација на Копти во Австралија, Коптите во Австрија, Холандската организација на Копти, Француската организација на Копти, Организацијата на Копти во Кувајт, Центарот за човекови права „Келма“.

И покрај нападите на слободата на говор, постојат немалку Христијани кои зборуваат отворено против она што тие го нарекуваат „погрешно насочени“ чувства.

Бикја Маср јавува:

„Се разбира, постои нешто што треба да се каже во врска со тврдењата во оваа книга, но сепак, на крајот на краиштата, се работи само за една книга, и тоа добра и доколку тие (Коптите) не сакаат да ја прочитаат – не мораат, вели Хани Фахми – 32-годишен фармацевт во Каиро, кој вели дека во последните недели тема на поголемиот дел од разговорите беше романот. „Едноставно сметам дека е лицемерно што ги кажуваат овие работи, а истовремено Коптските водачи се оние кои истакнуваат дека проблемот се наоѓа во Муслиманите. Она што навистина ни треба е толеранција”.

Во знак на солидарност со авторот на контроверзниот роман, Шериф Ел Сака напиша:

في ظل الأزمة التي يعيشها الباحثين و الأدباء و الكتاب في محاولة لإعادة محاكم التفتيش و محاكمة
القلوب و النوايا ….و الأن يقدم احد أكبر الكتاب في مصر د. يوسف زيدان لنفس الحملة التي استهدفت
سيد القمني و محد عمارة و الكثيرين غيرهم و لكنني أري إليوم إن الكثيرين ممن ادعوا الليبرالية و
الدفاع عن حرية الرأي التزموا الصمت لذلك أرجو من اصدقائي إن يعلنوا تضامنهم مع الكاتب الكبير ….

Истражувачите, литературните фигури и писатели сега се соочуваат со темните векови на заживувањето на инквизициските судења и толкување на луѓето според нивните верувања и намери. Денес, еден од најпроминентните автори на Египет – Др. Јусеф Жидан – се соочува со истите обвинувања кои некогаш го гонеа и Др. Сајед Ел Кемани, Мохамед Емара и многумина други. Денес, ги повикувам либералните Египќани и бранители на слободата на говорот да ја покажат својата солидарност со Др. Жидан.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.