Нигерија: Одрази од 50-годишнината од независноста

1-ви октомври ја обележа 50-годинината од независноста на Нигерија, најнаселената држава во Африка. Златниот јубилеј се прославува насекаде во државата и светската дијаспора, со говори, концерти, забави и секаков друг тип на настани. Но некои се прашуваат, дали воопшто има нешто за кое што треба да се слави? За многумина, последните педесет години изгледаат како забрзан пад во хаосот. Сепак, за повеќето Нигеријци, 1ви октомври е време за прослави.

Подолу се прикажани неколку од начините на кои луѓето го обележуваат овој настан на интернет мрежата насекаде во светот:

Мислење: Колаборативниот блог Разговорот на Нигеријците објави низа есеи од познати нигериски блогери на тема „Нигерија наполни 50.“ Низата започна една недела пред Денот на Независноста и прикажуваше „ по еден пост дневно од различни аспекти на нигериското искуство“.

Политика: Сокари објави севкупен есеј за женските нигериски водачи, жени „кои преземале акција за постигнување правда и направиле општествена, економска, еколошка или политичка промена“.

Фотографија: Џереми од Касава репаблик побара од осуммина видни писатели да одговорат на една иронична фотографија од ерата на независноста. Дознајте што одговорија тие.

Литература: Наија Сторис спонзорираше натпревар по кратки приказни на тема “Денот на Независноста.” Тука дознајте кои се победниците, или прочитајте го есејот на Хенри Ц. Ониема за нигериската литература на 50.

Мода: Бела Наија ја портретираше „Дамата, музата“, во соработка со најдобрите нигериски модни дизајнери организирана по повод 50-годишнината.

Музика: Џибола Л. објави линкови на десет музички записи „побарав во моите спомени со цел да се навратам на добрите времиња пишува таа. „Има ли подобар начин за тоа, ако не преку музиката?“

Историја: Макс Сиолун поврза збир од одбрани видео записи за историјата на Нигерија и за нејзините водачи, вклучувајќи го и овој краток документарец на Ал-Џазера:

Златен јубилеј или ништо за славење?

Во блогосферата, приближувањето кон 1-ви октомври ги натера Нигеријците да се запрашаат дали последните 50 години обезбедиле вистинска причина за прославување. Претходната година беше особено бурна за Нигеријците, по низа пресврти вклучувајќи го неочекуваното отсуство и последователна смрт на претседателот, обид за терористички напад од Нигериец, национално и религиозно насилство на северот и постојана нестабилност на југот. Овие и многу други ендемични јадови направија Нигеријците да се запрашаат дали прославите се оправдани. Пишувајќи за дактилографскиот блог, Извештајот од Африка, Адеола Адероунму го искажа цинизмот кој го споделува со многумина во онлајн заедницата:

Педесет години по независноста, демократијата на Нигерија сè уште останува во неред. Додека владата на претседателот Гудлак Џонатан ќе троши N17bn ($110m) за забавата по повод независноста, милиони Нигеријци ќе живеат по принципот „од рака во уста“, без загарантиран нареден оброк. Вредноста на парични средства планирани за оваа „прослава на неуспеси“ е неоправдана. Требаше да биде воздржана, време за одраз на трезноста. Требаше да го искористиме овој златен момент за да процениме каде работите тргнаа наопаку и да направиме вистински проектни шеми за тоа како да излеземе од нашата моментална тешка ситуација.

Тоин Акиоде зазема различен став:

Фактот дека сè уште се водиме како обединета нација и покрај сите несреќни реалности во нашите секојдневни животи, повикува на повеќе од прослава. Постојат многу примери на земји кои се распаднале справувајќи се со помалку предизвици од нашата драга нација.

Џозеф Екву ги потврди многуте грешки на државата, но одбра да се задржи на позитивните, насочувајќи се кон успесите на Ноливуд, постигнувањата на Нигеријците во дијаспората и ширењето на ГСМ технологијата. Тој напиша:

Изнесете ги тапаните…..црвените теписи…. каде се елегантните Ефички танчарки? Коњаниците од Сокото….каде е динамичната и фалбаџиска младина, ТРОПАЈЌИ и прикажувајќи го својот пат преку успехот… изнесете го најдоброто од културите како што направи мојата драга земја…..да, мојата прекрасна татковина НИГЕРИЈА НАПОЛНИ 50.

Најдолна граница?

Сепак, циниците добија поттик за нивните аргументи кога се дозна дека прославите во Абуџа биле попречени од координирана експлозија на повеќе автомобил-бомби, кои усмртија 8 и ранија 21 жртва. Воената група МЕНД од Нигер Делта ја превзема одговорноста за нападот, нагласувајќи го фактот дека тие претходно ги известиле властите за експлозиите.

Пишувајќи од Абуџа, Џереми на Наијаблог го искажа своето мислење за нападот:

Тежок факт е доколку го земеме ова предвид: МЕНД беа подготвени да ја „прослават“ 50-годишнината од независноста на Нигерија повеќе од кој било друг. Мора да е планирано со месеци наназад за да се дојде до план за изградба на волку моќни автомобил-бомби. Загрижувачки е што ова покажува колку лесно Абуџа може да биде пробиена од терористи– регионот околу Игл Скуер мора да бил добро опремен со техничко обезбедување а сепак огромна автомобил-бомба експлодираше близу него. Сигурно додека пишувам, терористите се сè уште во ФЦТ, прославувајќи го успехот од нивната ужасна мисија: убиството на невините Нигеријци.

Лексикстрикс напиша:

Дали е ова дното? Дали сме навистина на крајот? Ќе се свртиме ли назад сега? Мирниот тек на обесхрабрувачките извештаи минатата недела изгледаше како да означува дека ситуацијата не може да биде полоша. За жал, но сепак достојно, одговорот го добив утрово. Како што се проширија вестите за експлозијата во Абуџа утрото на денот на независноста, сфатив дека најдобриот одговор е сè уште не.

Нема да славам овој викенд. Но, ги разбирам оние кои чувствуваат дека треба да слават. Ако музичкиот стил на Д'бањ и П-Сквер ви носат радост, одмор, заборав или што и да барате овој викенд, на сите основи, посетете ги. Во меѓувреме, моите чевли за танцување ќе останат да мируваат.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.