Седум олимпијци од Камерун исчезнаа во Лондон

Овој пост е дел од нашата специјална репортажа за Олимпијада во Лондон 2012.

Откако нè почестија со нивните екстравагантни национални костуми за време на отворањето, седум камерунски спортисти решија да го шокираат светот со тоа што ќе исчезнат од Олимпиското село во Лондон.

Сејс Какодкар во блог пост изјави:

Тоа е испланирано исчезнување, во кое сигурно се вклучени и агенти за имиграција. Друсил Нгако прва исчезна. Таа е резервен голман за женскиот фудбалски тим. Пливачот Пол Единг беше следниот брзо потоа. Потоа боксерите кои беа елиминирани во прелиминарните кругови: Томас Ессомба, Кристиан Донфак Адиуфак, Абдон Меволи, Блес Иепмои Мендоуо и Серж Амбомо, еден по еден исчезнаа од олимпиското село.

A Cameroonian fan at the London 2012 Olympics. Image by joncandy (CC BY-SA 2.0).

Камерунски фан на Олимпијадата во Лондон 2012. Фото: joncandy (CC BY-SA 2.0).

Блогот Welcome to iRelate вели дека ова е вообичаено за камерунските спортисти:

„Тоа што започна како гласина конечно се докажа како точно. Седум камерунски спортисти кои учествуваа на Олимписките игри 2012 во Лондон исчезнаа од олимпиското село“,  изјави Дејвид Ојонг, шеф на мисијата, во порака пратена до министерството. …Не е прв пат камерунски спортисти да исчезнат за време на меѓународни спортски натпревари. На минатите Франкофонски и Комонвелт игри како и на јуниорски фудбалски натпревари, неколку Камерунци се откажаа од делегацијата без официјална согласност.

CameroonOnline.org дава повеќе детаљи за тоа зошто камерунските спортисти исчезнуваат на важни спортски настани:

Нивното исчезнување не само што е срам, туку и огромно изненадување за членовите на камерунската олимписка делегација како и за Камерунците кои се во Лондон кои минатиот петок славеа со четворица од нив во хотелот Ројал Гарден, каде што беше одржан прием во чест на спортистите. Треба да се напомене дека ова не е прв пат камерунски спортисти да исчезнат за време на меѓународни спортски натпревари. На Франкофонските и Комонвелт игри како и на јуниорски фудбалски натпревари, неколку африкански спортисти беа намамени од ловци на таленти да се откажат од своите делегации без одобрување од официјалните лица за подобра иднина. Мал дел од нив завршија како натпреварувачи за други земји, додека голем број завршија исфрустрирани.

Некои коментари на Твитер имаа одбрани зборови за седумте спортисти:

@Zichivhu: Порака до 7те спортисти од #Камерун кои исчезнаа: животот во Англија не е мед и млеко. Знам, сум живеел таму.

@iBezeng: #Министерот за спорт и физичко образование на Камерун треба (требаше) да одговара за 7те исчезнати спортисти

@nfor_edwin: Што ќе помисли светот за #Камерун кога #спортисти започнуваат да бегаат од #Олимпиското село во #Лондон2012? Тоа покажува како тие се чувствуваат дома.

Овој пост е дел од нашата специјална репортажа за Олимпијада во Лондон 2012.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.