- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија: Подобрувања на скопската Зоолошка градина

Категории: Западна Европа, Источна и Централна Европа, Македонија, Холандија, Владеење, Граѓански медиуми, Животна средина, Образование, Уметност и култура

Блогерот Алекс Карека објави мала фотогалерија [1] од зоолошката градина во Скопје со овој коментар:

Скопската [зоо] градина оваа година драстично го промени својот лик, што наиде на огромно задоволство на населението во цела Македонија, но и Косово и Србија, од каде што редовно има посетители.

Реновирањето на зоолошката беше голема новост за повеќето граѓани на Скопје, кои воглавно го избегнуваа овој руиниран јавен простор во последните неколку декади за да си го зачуваат сопственото ментално здравје. Поради неподносливите услови, зоолошката се сметаше за мачилиште за животните и во медиумите се појавуваше само по ужасни инциденти: нилски коњ одгризал рака на посетител во самоодбрана, провала во која се заклани елени, како и повредувањето или убивање животни од фрлени петарди, камења, пластични кеси…

Јагуар во скопската зоолошка, август 2002. Фото: Филип Стојановски. [2]

Јагуар во скопската зоолошка, август 2002. Фото: Филип Стојановски.

Како што е документирано во овој напис од 2002 година, сосем спротивно на нивната природа, големите месојадци беа држени во за нив мали бетонски ќелии во кои затапено лежеа по цел ден, прекинувајќи го „принудниот одмор“ „само со кратки паузи при кои нервозно, со импресивна брзина, чекорат лево-десно пред решетките“.

Лавови во скопската зоолошка, август 2002. Фото: Филип Стојановски.

Лавови во скопската зоолошка, август 2002. Фото: Филип Стојановски.

Така, за Зоолошката градина Скопје беше извор на лоши вести и се прочу по лошо низ светот околу 2007 година кога извесни странци [3] (англиски) почнаа да се обидуваат да му помогнат на шимпанзото Коко. Сираче од бебе, Коко живееше сам и во тешка депресија. Неговото тажно лице беше користено како илустрација за маките на шимпанзите на други места, на пр. во напис од Ројтерс [4] (анг.) за САД. Како излез од постојаниот резил (со најголема заслуга на весникот Вест), во 2009 г. властите дозволија Коко да биде пренесен на лекување во  прифатилиштето за примати ААП во Холандија [5] (анг.).

Всушност, некаде во тоа време скоската зоолошка почна да воспоставува односи со соодветни евроски асоцијации како ЕАЗА [6] и други зоолошки за размена на животни, кои тоа го имале условено со реновирање и градење инфраструктура. Реформите станаа поинтензивни во 2010 година, со поставувањето на Дане Кузмановски на директорска позиција.

Сега зоолошката изгледа дека има повеќе персонал, а имаат ангажирано и приватна агенција за обезбедување. Посетителите кои сакаат да ги хранат животните може да купат соодветно подготвени зеленчук и овошје. Од летоска функционираат и кафуле и дел за јавање пони-коњчиња. Повеќето кафези се реновирани или се изградени нови живеалишта, а увезени се десетици нови животни, меѓу кои и тигри. Се одржуваат спонзорирани настани за деца, а има и можност за изнајмување простор за славење родендени.

Воспоставена е соработка со образовни институции [7] (анг.), еколошки НВО [8] и медиуми. На пример, емисијата „Zoo story“ на двојазичната ТВ Алсат-М [9] која емитува на албански и македонски.

Страницата на Фејсбук [10] на Зоолошката градина Скопје има над 34.000 љубители, често ажурирање и администратор кој одговара на прашања и покажува способност за признавање грешки. За чудо, шаблонот на официјалниот веб-сајт [11] на зоолошката не е подновен, па на насловната страница посетителите ги пречекува генеричка фотографија [12] направена на некое друго место.

Како и за други јавни претпријатија, критичарите може да мрчат за наводни партиски влијанија за деловните партнерства или вработувања.  Некои лоши работи се имаат случено поради околности надвор од контрола на вработените, како пцовисувањето на два елени и две гнуа од жештина при нивниот превоз од загрепската зоолошка во август. Обете зоолошки објавиле [13] дека ќе го тужат превозникот што не дозволил на патот од над 610 км животните да ги придружува и ветеринар.

Арно ама, опозицијата, која често ги смета владините потфати за фасада за перење пари, претежно молчи во врска со очигледно големите инвестиции на јавни пари во скопската зоолошка. Веројатно бидејќи придобивките се опипливи и може да се верификуваат: повеќето животни сега живеат во пристојни оградени простори каде што имаат допир со почва, растенија и отворено небо. Посетителите навистина добиваат задоволително искуство и го шират гласот за тоа.

Lion in Skopje Zoo, July 2010. [14]

Дел од новиот простор за лавови, август 2010. Фото: Филип Стојановски, објавено под Криејтив комонс-наведи извор.

Каролин Веинкопф, германски посетиел на зоолошката го објави [15] следново во јули (на англиски, заедно со фотогалерија):

Има различни приказни на страв и ужас на Интернет за зоолошката во Скопје – и ние не сме експерти за зоолошки, но не можевме да сфатиме од кај дошле. Можеби ја исчистиле и ставиле поголеми кафези кога чуле дека Германците доаѓаат. Но за навистина нас не изгледаше многу поразлична од зоолошката во Берлин. Зоолошките веројатно и не се најдоброто нешто на свето, но без разлика на тоа, овде скоро секој вид беше благословен со куп бебиња, што мора да е добар знак, нели?

Најнови вести за Коко: пред година дена (22.12.2009), Вест извести [16] дека холандските зоолози одбиваат да го вратат поради мизерните услови за опстанок. Според последната вест [17] (6.11.2010) на темава, приватни компании ќе изграделе ново живеалиште за 14-годишниот човеколик мајмун, кој се очекува да се врати во април 2011.