- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Виетнам: Владата затвори три „дисидентски“ блогери

Категории: Источна Азија, Виетнам, Владеење, Граѓански медиуми, Закон, Медиуми и новинарство, Политика, Протест, Слобода на говор, Човекови права

Виетнамските блогери Диеу Цај, AnhBaSG и Та Фонг Тан беа прогласени за виновни [1] од суд во градот Хо Ши Мин на крајот на септември. Пресудата е за прекршување на член 88 од Кривичниот законик на Виетнам, кој се однесува на „ширење лажни вести со цел да се предизвика конфузија меѓу народот“ и „клевета кон народната управа“. По отслужувањето затворски казни, на тројцата им следува и куќен притвор.

Пред апсењата, тројцата блогери конзистентно ги разоткриваа различните општествени проблеми во Виетнам, особено корупцијата на високо ниво и нееднаквоста во провинција. Групите за човекови права веднаш излегоа со осуда на пресудата. Руперт Абот [2], истражувачот на Амнести Интернешнал за Виентам, верува дека тешките затворски казни, во опсег од 4 до 12 години, имаат за цел да внесат страв меѓу локалната интернет заедница:

Осудените виетнамски блогери блогери Диеу Цај, AnhBaSG и Та Фонг Тан. [3]

Осудените блогери блогери Диеу Цај, AnhBaSG и Та Фонг Тан. Фото: Дан Лам Бао.

Овие шокантни затворски казни ги потврдуваат нашите најголеми стравови – дека виетнамските влсти решиле овие блогери да послужат како пример, во обид да ги замолчат останатите

Казните покажуваат дека ситуацијата со слободата на изразување во Виетнам е тешка и се влошува

Амнести Интернешнал ќе поведе кампања за ослободување на блогерите, кои сметаме дека се затвореници на совеста, и ги повикуваме виетнамските власти да ја гарантираат сигурноста на нивните семејства

Покрај заговарањето на ослободување на католичката активистичка блогерка Мариа Та Фонг Тан, херменевтиката на континуитетот [4] зборува за злоупотребата на моќ во Виетнам:

Злоупотребата на моќта и кукавичкиот страв од слободниот говор донесе голема срамота за добриот виетнамски народ! Политичарите би требало да одговорат со разумни аргументи ако сметаат дека некој ги извртел нивните зборови, треба да се способни да живеат со противење. Посрамено наведнете ги главите и дозволете добрите граѓани на Виетнам слободно да ја зборуваат вистината! Ослободете ја Марија Та Фонг Тан!

[5]

Постер со кој се бара слобода за затворените блогери. Фото од Фејсбук профилот на Ме Нам.

Изгледа дека пресметката со опозициските блогери во Виетнам се интензивира. Претходно, кабинетот на премиерот Нгујен Тан Дунг објави изјава со која се критикуваат тројцата блогери како антивладини. Но NamViet [6] уверува дека контроверзните блогови заслужуваат да останат онлајн заради тоа што ја разоткриваат корупцијата во власта и го поддржуваат суверенитетот на Виетнам врз острови за кои Кина тврди дека се нејзини:

Блогот Дан Лам Бао [7] известуваше за работи забранети од Владата односно Виетнамската комунистичка партија – за корупција и дисидентство (различни размисли).

Блогот Куан Лам Бао, отворен во јули 2012 г., иако наводно се залага за антикорупција, само известува за случаи во кои е вмешан Нгујен Тан Дунг, неговиот син Нгујен Тан Нги, неговата ќерка Нгујен Тан Фуонг и нејзиниот маж (дипломец од Харвард) Нгујен Бао Хоанг.

Блогот Биен Донг дискутира само за споровите во Јужното Кинеско Море, помеѓу Кина, Виетнам и Филипините. ВКП наложува целосна забрана за објавување фотографии и видеа на кои се прикажани виетнамски и филипински демонстратори против Кина.

Наспроти прогонот против блогерите и обидите да се цензурираат содржини на интернет, Крис Брамит [8] пишува дека виетнамската влада има потешкотии да воспостави ефективна контрола на однесувањето на нејзините граѓани онлајн:

Фејсбук и другите сајтови за социјални мрежи се блокирани, но државниот огнен ѕид е толку фушерајски направен што дури и ученици од основно знаат како да ги подесат компјутерите да го заобиколат. Владата објави забрана за пристап до одредени веб-сајтови, кои потоа добија огромен број посети. Тројцата блогери беа осудени на затворски казни неделава – еден од нив на 12 години – но многу други продолжуваат да ги застапуваат своите каузи.