Бугарија: Реакции на победата на Дилма Русев во Бразил

Насловна страна од изданието на бугарскиот весник од 1 ноември

Новоизбраната претседателка на Бразил Дилма Русев е тема на разговор во голема мера во Бугарија, поради нејзините бугарски корени.

False Flag, бугарски блог за меѓународна политика, го напиша следното [BG]:

Веќе некое време во Бугарија се покажува интерес за претседателските избори во Бразил. Овој ненадејно зголемен интерес од страна на бугарското општество се појави поради фактот дека главната кандидатка за местото претседател е половина Бугарка.

Таткото на Дилма Русев бил бугарски емигрант – Петар Русев. Меѓу другото, тој бил активен член на Бугарската Комунистичка Партија во дваесетите години, период обележан од [бомбардирањето на црквата Св.Недела]. Во доцните дваесетти години, бил политички прогонет и побегнал во Франција, а подоцна во Латинска Америка, па се преселил во Бразил.

Еве еден коментар од еден од читателита на False Flag:

Каква радост, какво чудо, голема работа…. Преку глава ми е од муабети за оваа герилка. Ако ништо друго, таа го претставува „извозот од револуцијата“, според насоките на другарот Ленин.

24 Часа, еден од најголемите бугарски весници, објави интервју со Русев [BG]:

678 дена или 1 година, 10 месеци и 7 дена. Многу време помина од 17 ноември 2008 година – моментот кога дневниот весник „24 часа“ побара интервју со Дилма Русев, до денот кога тоа конечно се одржа – 24 септември 2010 година. За ова време, Русев беше неколку пати  повикана во министерството, во нејзината партија и на крај во нејзиниот изборен штаб.

- Г-це Русев, што чувствувате за Бугарија, родната земја на вашиот татко?

- Чувствувам нежност и љубов. И би рекла дека до некоја мера себеси се сметам за Бугарка, иако никогаш не сум ја посетила родната земја на татко ми. За жал, никогаш не го видов својот брат Љубен, којшто почина пред две години. Знам дека сте го запознале и сте пишувале за него, за што сум ви навистина благодарна. Татко ми почина кога имав само 15 години, па не успеав од него да го научам бугарскиот јазик. Порано знаев по некој збор на бугарски јазик, но сега ги имам заборавено.

- Да ве очекуваме ли во Бугарија?

- Без сомнение, ќе дојдам во посета.

- Како претседател на Бразил?

- Ако даде Господ.

Дозволете ми да ви го предадам ова писмо и мал подарок од вашата прва братучетка Цанка Каменова, којашто живее во Софија, како и поздрави од друга прва братучетка – Надежда Христова, што живее во Канада. Ви посакуваат успех на изборите.

- Безрезервно им благодарам. Нека ме очекуваат набрзо моите роднини во Бугарија. Со нетрпение го очекувам моментот кога конечно ќе ги запознаам.

Ели, авторот на бугарскиот блог Razmishlyotini, напиша [BG]:

Од феминистичка гледна точка, Русев е феномен не само бидејќи е првата жена избрана за претседател на Бразил. Има многу слични примери – Миреја Москосо во Панама, Виолета Чаморо во Никарагва, Мишел Бакеле во Чиле и Кристина Фернандез во Аргентина. Но, сите тие си издигнале на толку високи позиции со помош на врски со мажи или роднини во политиката – сопруг, татко….. Русев е можеби првата што успеала без таква помош. И покрај тоа што два пати била разведена, со една ќерка, на почетокот на својата кампања и нејзиното лекување од рак, таа морала да вложи голем труд на својот изглед и на козметиката. Да не заборавиме дека зборуваме за Бразил, држава во која „данокот на убавина“ е еден од најважните фактори за општествена прифатеност на жената без оглед на нејзината професија.

Претседателската кампања на Дилма Русев е насочена кон подобрување на инфраструктурата и образованието на земјата – нешто на што САД треба да обрне особено внимание.

Друга бугарска блогерка, Весела, го напиша ова oна нејзиниот блог [BG]:

Не ја разбирам оваа еуфорија на секој телевизиски канал, Дилма Русев да стане претседателка на Бразил. Во ред е, има бугарски корени. Саркози има унгарски корени, но не се сеќавам на ваква воодушевеност во Унгарија за време на неговата кампања.

Неколку онлајн медиуми пишуваат за Габрово, бугарски град познат како “меѓународна метропола на хумор и сатира” – и роден град на таткото на Русев.

Бугарската новинска агенција Дарик го објавува следново [BG]:

Општината Габрово испрати писмо со честитки до Претседателката на Бразил, Дилма Русев. И посакува успех и и искажува доверба за успешен мандат како Претседател.

“Веруваме дека бразилската страст, помешана со дрскиот бугарски дух и претприемништвото на Габрово, сигурно ќе доведе до успешно управување со една од најбрзо растечките економии во светот, ” пишува Габрово.

Весникот 24 Часа ја објави оваа интересна приказна на својата веб-локација [BG]:

Вчера во Историскиот музеј во Габрово беше отворена изложба насловена „Габровските корени на бразилската кандидатка за претседател Дилма Русев”. Триесет и пет архивски фотографии и две генеалошки табели ги докажуваат нејзините корени. Красимира Чолакова од Музејот на Историја објаснува како сѐ започнало, кога се споиле две истакнати семејства од Габрово. Стефан Русев од семејството Ројшички се оженил со Цана Комажева од семејството Досков. Петар Русев, едно од петте деца, во 1929 година ја напуштил Бугарија и се преселил во Бразил, кадешто бил познат како Педро Русев (Pedro Rousseff).

Двете семејства се испреплетени со членови од други истакнати семејства од Габрово, вклучувајќи ги оние на првиот градоначалник по Националното Ослободување – Цони Мичковец, на Никола Рашеев, човекот којшто ја отворил првата фабрика за ленено платно и коноп во земјата и Петар Пешев – министер во првите влади на Бугарија по 1878 година. Многу од роднините на Дилма биле членови на партиите Народњак и Социјал-демократската партија. Сепак, не постојат никакви историски документи што докажуваат дека Петар Русев бил член на политичка партија. Можно е тој да не бил политички угнетуван, туку да емигрирал во Франција, па во Бразил од економски причини.

Има бугарска страница за обожаватели на Фејсбук за Русев – “Дилма Русеф-Президент на Бразилия” (Дилма Русев – Претседател на Бразил).

На мојата сопствена страница на Фејсбук, побарав од моите пријатели да ги споделат своите мислења за Русев [BG], и еве неколку од нивните одговори:

Гергана Влајкова: Да, и јас сметам дека нејзе всушност тоа не ѝ е толку важно. Освен тоа, било како извор на некаква гордост, или само како пријатен факт. Мене лично, реакциите на нејзините роднини ме нервираат. Убедена сум дека ако тие дознаеја за неа, додека таа беше во затвор (за што не сме сигурни), тие би се срамеле од неа и не би им било грижа дали била праведно обвинета или дали ѝ треба нешто. Сега, бидејќи е претседател, тоа е огромна радост за „семејството“….

Весела Георгиева: Не разбирам зошто целата ситуација е преувеличена кога жената себеси се смета за Бразилка. Да очекуваме дека Света Дилма ќе се појави со светол ореол и ќе ни помогне да решиме некој од проблемите, едноставно не е сериозно.

Максим Проданов: Гледајќи на меѓународната сцена, мило ми е што Бразил и понатаму се оддалечува од своето темно минато на диктаторство и нееднаквост и избира духовни, општествено свесни лидери. Мило ми е што опаѓа сиромаштијата во регион на кој очајно му треба и заслужува подобри животни стандарди. Гледајќи на домашната бугарска сцена, не можам а да не се засрамам од моите сожители коишто се обидуваат да најдат гордост во која било успешна личност со трага бугарска крв. Националноста не значи ништо, тоа е само една вештачка поделба. Дали Дилма Русев ќе биде брилијантна или не, тоа ќе биде само нејзино достигнување, не наше.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.