Србија: Србија ја возвраќа својата благодарност за јапонските донации

Овој пост е дел од нашето специјално покривање на земјотресот во Јапонија 2011.

Стара српска поговорка вели: „Прави добро и на добро се надевај!“ Оваа традиционална мудрост беше потврдена деновиве и во пракса.

Во момент кога Јапонија се соочува со несекојдневна трагедија, народот на Србија одлучи да им ја искаже својата поддршка на многу начини, возвраќајќи им ја благодарноста за донациите коишто Владата на Јапонија им ги дава од 1999 година. Народот не заборави на ПОПОС донациите коишто ги покриваа основните и неодложните потреби на народот на Србија: здравствена нега, основно образование, намалување на сиромаштијата, социјална заштита, зачувување на животната средина и општото добро на државата.

Facebook group of Serbian citizens expressed solidarity with the Japanese by forming the Japanese flag with their bodies. Image by Facebook group Ljubitelji Japana - Tokyorama.

Фејсбук група на граѓани од Србија ја изразија својата солидарност формирајќи го јапонското знаме со нивните тела. Фотографија од Фејсбук група граѓани Љубители на Јапонија -Токиорама

Последната јапонска донација беше испратена во март 2011. И покрај нивната ужасна ситуација, владата на Јапонија донираше 125.000 долари на српските градови Власотинце и Сокобања како подршка за подобрување на еколошките услуги во Србија. И овој месец, владата на Јапонија исто така донираше 77.943 евра за Здружението на параплегичарите во Банат, Срем и за Центарот за социјална грижа во Параќин.

Земајќи го во предвид фактот дека сите фондови беа собрани од јапонските даночни обврзници (повеќе од 200 милиони евра),  граѓаните на Србија почувствуваа потреба да ја возвратат својата благодарност на пријателскиот народ од Далечниот исток.

Главниот град на Србија, Белград, донираше 25 милиони динари (2.5 милиони евра) за помош на Јапонија, додека пак трите српски мобилни оператори (ВИП, МТС и Теленор) лансираа нова опција преку која граѓаните ќе имаат можност да ја искажат својата поддршка за Јапонија со праќање на порака која ќе ги чини 50 динари(0.5 евра).

Оваа СМС кампања ја иницираа српските нетизени на Твитер. Тие не можеа да го сокријат своето задоволство од акцијата и ставаа написи на  #jazajapan („Јас сум за Јапонија“):

@vip_mobile:

За два дена, ВИП корисниците ипратија 47.000 пораки!

@Marinela Elpida:

Јас би посвоила едно мало Јапонче ако може 🙂

@MarkoBozic:

Во Србија има многу бањи. Некој треба да им понуди да дојдат кај нас да се опоравуваат.

@vaske:

Србија  ѝ понуди на Јапонија спасувачки тим од 25 луѓе, 3 тони опрема и 2 кучиња трагачи.

Поштарите од Чачак изјавија дека се спремни да угостат 17 Јапончиња во нивните домови. Тие се благодарни на јапонската донација за локалниот Здравствен центар, Јапонците им донираа различни апарати и опрема вредна 1 милион долари. Поштенските работници од Лучани, Горен Милановац, Ивањица им се придружија на колегите од Чачак во нивната желба да обезбедат засолниште на децата од Јапонија.  Нада Марковиќ, бегалец од Косово и мајка на четири деца, којашто живее во селото Атеница блиску до Чачак, поднесе барање за посвојување деца од оваа далечна земја.

Во писмо до јапонскиот амбасадор, ученици од Медвеѓе, една од најсиромашните српски општини, напишаа:

Она што го нудиме се нашите скромни, топли домови и души за децата од Јапонија. Сакаме да го поделиме со нив она што го имаме. Веруваме дека луѓето од Јапонија наскоро повторно ќе ги изградат уништените градови и места.

На 18 март, музичарите од Белградската филхармонија одржаа концерт на Државниот универзитет Коларач посветен на жртвите од земјотресот и цунамито. Концертот започна со едноминутно молчење за жртвите од катастрофата. Во 2005 година јапонската влада донираше средства на оркестарот на Белградската филхармонија.

Илјадници луѓе учествуваа во акцијата „1.000  книжни кранови за Јапонија“ на покана на групата блогери Б92 во Белград.  Крановите,  направени од хартија во оригами техника, ќе бидат предадени на Тошио Цунозаки, јапонскиот амбасадор во Белград со порака дека „Србите ги носат Јапонците во нивните срца и умови во овие тешки денови за преживување“. Инструкциите за правење кранови беа покажани на видео, а посетителите уживаа и во јапонската музика во текот на нивните активности. Српскиот блог Токиорама објави упатство за правење книжни кранови во оригами техника.

На Фејсбук, група српски граѓани јавно ја искажаа својата солидарност со формирање на јапонското знаме со нивните тела. Тие им ја порачаa:

Издржете, со вас сме, останете храбри.

Српските блогери беа шокирани од сликата на која Јапонка стои пред празни полици во продавница; тоа ги потсети на српската траума од 90-тите години. Следат реакции од форумот Vujaklija.com.

Думке прашува:

Дали е можно?

Мицко одговара:

5 килограми сенф… и тоа е тоа.

Шинок е саркастичен:

Жената стои, се прашува што да земе… [како да има избор].

xTx им се восхитува на Јапонците:

Ако гледавте CNN, ќе видевте дека Јапонците не грабаат колку повеќе можат […] Постои видео во кое влегуваат во една разрушена продавница и земаат по едно шише вода, не повеќе и оставаат пари на касата. Ние (во Србија) би ја украле и полицата на која стојат шишињата.

Овој пост е дел од нашето специјално покривање на земјотресот во Јапонија 2011.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.