Унгарија: Солидарност со бездомниците и сиромасите

Во последните неколку недели во Будимпешта беа организирани неколку граѓански акции против законските промени со кои ќе се казнува „повторено живеење на јавни места“ со зголемена глоба од 530 евра или затвор. Затворот би требало да стапи на сила на 1 декември 2011.

Граѓанската група „Градот е за сите“ која се бори за правото на домување во Унгарија, објави јавна изјава на англиски на нивниот блог:

[…] Мате Кочиш, градоначалникот на Осмата област, забрани пребарување низ контејнерите за ѓубре во Осмата област. Наспроти фактот дека народниот правобранител објави дека ваквите локални прописи донесени во Будимпешта се неуставни, во последните неколку месеци врз основа на нив полицијата има испоапсено и краткотрајно задржано во притвор стотици бездомни луѓе, а десетици самоизградени домови се уништени од властите. […]

Протест со седење за заштита на правата на бездомните луѓе пред Унгарскиот парламент. Фото: Јанош Киш, авторски права Демотикс (17/10/11).

Протест со седење за заштита на правата на бездомните луѓе пред Унгарскиот парламент. Фото: Јанош Киш, авторски права Демотикс (17/10/11).

Европската федерација на национални организации што работат со бездомници (FEANTSA) објави соопштение за медиумите со кое ги осуди прописите усвоени на 11 ноември:

[…] Предлагачите на законот велат дека затворањето на бездомниците е форма на санкции која „одвратува“. Ова е многу цинично и се игнорира фактот дека бездомните луѓе се често приморани да го користат јавниот простор да преживеат бидејќи им недостасуваат услуги, особено услуги прилагодени кон нивните потреби. Прогласувањето на бездомништвото за криминал го повлекува тоа прашање од областа на социјална политика. Тоа исто така претставува одбивање на државата да прифати одговорност за нешто што често е резултат на структурни проблеми и промовира култура на обвинување на бездомните луѓе за ситуацијата во која се наоѓаат. […]

Ден по усвојувањето на законот на 11 ноември, граѓанска група наречена „Домување, наместо затвор“ (Börtön helyett lakhatást) организираше протест со седење пред канцеларијата на градоначалникот Мате Кочиш. (Градоначалникот на VIII област е исто така советник за прашања на бездомниците на владеачката партија во Парламентот.)

Полицијата уапси околу 30 протестанти и ги испитуваше до доцна во ноќта. Кетош Мерце блогираше во живо (на унгарски) од овие настани од канцеларијата и сподели фотогалерија од протестот.

Веб-сајтот за вести Index.hu објави видео-клип од протестот и апсењата со англиски превод.

По една недела беше организиран протест со молчење (на унгарски) пред Парламентот. Кетош Мерце повторно објави фотогалерија. На Мандинер беше објавен ’контра-пост‘, со фотогалерија од истиот настан.

Групата „Домување, наместо затвор“ повика на солидарност со бездомниците преку присуство на улиците на Будимпешта во текот на ноќта кога новите прописи ќе стапат на сила (настан на Фејсбук „Ноќ на солидарноста“ на унгарски).

КА Стив, активист познат по хакирање на прописите од Областа VIII, го блогираше следното на Кетош Мерце (унг.), велејќи дека промените нема да успеат бидејќи граѓаните конечно ќе се спротивстават и ќе кажат не:

[…] Од 1 декември 2011 година илјадници невини луѓе може да бидат пратени во затвор. Ова не е за некои дискутабилни ставови, апстрактни политички прашања, помали или поголеми сомнителни договори, смешни слики (ова се однесува на новиот унгарски Устав кој бил илустриран со слики нарачани од специјален комесар на Премиерот) и дури не е ни за социјална правда. Не може да се повтори доволно многу пати: ова е заради фактот што невини граѓани се бутаат во затвор.

А ова е наша одговорност. По многу години, нашите деца ќе прашаат што сме правеле, но ова исто така се однесува и нашето лично соочување со сопствената совест. А ако само имаме да кажеме дека „ја лајкував веста“ или „оставив коментар“ нема да биде задоволително чувство. […]

На 1 декември Унгарската унија за граѓански права (HCLU) започна кампања (унг.) против промената на законот, повикувајќи ги граѓаните да пишуваат протестни писма до Министерот за внатрешни работи и до Мате Кочиш, известувачот за прашањата со бездомниците.

Кампањата го користи следното видео кое ја споредува цената на две ноќи поминати во луксузен хотел во Будимпешта со цената на минување две ноќи на јавна клупа. Иако не би требало да биде така, втората опција е поскапа.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.