Романија: „Цунами“ од протести против мерките за штедење и корупцијата

По пет дена протести во Романија, претставниците на романската полиција ги проценуваат направените материјални штети, количеството на конфискувано оружје и уапсени луѓе кои се држат во полициските станици. Романската Интернет-заедница се обидува да објасни зошто луѓето излегоа на улиците, што беше одговорот на властите и какви исходи може да произлезат од протестите.

На 15 јануари, новинарото Раду Тодор ги спореди (на романски) протестите со „цунами“ што брише сè пред себе:

Илјадници луѓе на протестите во Букурешт, Брашов, Темишвар, Питести, Дева, Сибиу, Јаши, Клуж Напока и други важни романски градови јасно и гласно бараа: оставки на Владата на Бок и претседателот Басеску. Предвремени избори би биле демократско и релативно чесно разрешување на огромната тензија помеѓу властите и дисидентскиот народ.

(…)

Многумина сметаат дека одлуката е веќе донесена: режимот на Басеску и Бок мора да заврши. Ова предизвика очајнички диверзии со „хулигани“ со цел делумно да се компромитира легитимноста на протестите и да се обесхрабри народот да излегува на улица. Насилниот конфликт меѓу тековните владетели и населението може да има само една пресуда. Обичните граѓани веќе подигнаа еден цунами од барања за политички промени. Тој мете сè на својот пат. Особено, на врвот.

Учесници на протест во Букурешт веат романско знаме и извикуваат слогани за поддршка на д-р Раед Арафат, а и против претседателот Трајан Басеску. Фото: Андреи Јонита, авторски права © Демотикс (13/01/12).

Политикологот Алина Мунгиу-Пипиди го напиша следното (на романски) на анти-корупцискиот портал, Романиа Курата:

(…) Одамна беше дојдено времето за протести. Но кога колективната акција е спонтана, без лидери и планирање, се соочуваме со ризикот повторно да се случи истото како со Револуцијата од 1989 година – легитимниот протест беше откраднат, извртен и искористен од други без да се направат суштински промени.

Трајан Басеску го заслужува ова што му се случува. За да му наштети на човек кој претходно успешно спроведе една реформа – Раед Арафат – во име на идна реформа за која дури и Светската Банка, ММФ и романските експерти изразија сомнежи, Басеску покажа синдром на непогрешливост што потсетува на Чаушеску и ја отфрли единствената заштита за шеф на држава. А таа заштита е законот и справедливоста која се доделува врз основа на добра волја. Никој не е непогрешлив, секој може да направи грешки, но во најмала рака треба да биде способен да докаже добра волја.

(…)

По оваа недела, граѓанското општество влезе во јасна опозиција и неговата моќ и територијално покривање ненадејно порасна. Прашањето како би можело да се институционализира таквата опозиција и да ја примениме за да обезбедиме фер избори (…) и по изборите за контролирање на властите. (…)

Четвртиот ден од собирите против мерките за штедење и опаднатиот животен стандард. Букурешт, Романија. Фото: Georgecalin, авторски права © Демотикс (16/01/12).

Новинарот Раду Лунгу одговори (ро) на прашањето што многумина си го поставуваат деновиве „Зошто излеговме на улиците?“:

Бидејќи она што се случува во нашето општество е наша работа. Бидејќи ние навистина почувствувавме дека веќе не живееме во слободна земја. Како сите млади луѓе од нашата генерација, ние или помниме многу малку од деновите на комунизмот или не сме ни биле родени во тој период, па нè манипулираа и медиумите и политичката класа. Ни кажуваа дека она што се случува во општеството во кое живееме не е наша работа, дека образованите луѓе не треба да се мешаат со обичните. Дека ние ги немаме нивните проблеми, дека во нашата земја ништо не се прави како што треба и дека тоа си е така, вечно непроменлива состојба. Дека спротивставувањето на ваквата состојба е исто како да си незрел и необразован. Дека бездруго ќе си заминеме да живееме во странство и така ќе се ослободиме од оваа невозможна земја. (…) Сакаме да видиме со свои очи што се случува, па отидовме на улиците со нашите камери – за жал, отпрво не ги земавме и патиките за трчање исто така, но модата за револуционери се учи по пат.

Раду Лунгу раскажува што видел и преживеал на улиците во центарот на Букурешт:

Во еден момент, луѓето што протестираа преминаа на коловозот. Жандармите се подредија во ред кој затвори група луѓе, буткајќи ги кон тротоарот. Многу луѓе кои се враќаа од излегување во Стариот Град или стоеја пред локалните киосци беа фатени во средината и задржани од жандармите. Имаше човек што на полицајците им покажуваше кеса со сирење, обидувајќи се да им објасни дека си го купил за себе, а не со цел да го искористи за насилство. Луѓето сакаа да им ги покажат личните карти на жандармите, но тие им го ускратија ова право. (…) Луѓе беа притворени под изговор дека „сега веќе не може да заминат“ без да им се даде никакво објаснување. Луѓето постојано бараа од полицијата да ги претресе и легитимира на лице место, според Законот 550 од Кривичниот законик. За жал, толпата и жандармите можеа да разрешат овој правен спор само во полициските станици. (…) Сепак, полицијата во станиците не беше агресивна. Многу жандарми само ни рекоа дека сме биле на погрешно место во погрешно време. Подобро да останеме мирни, да потпишеме некои документи, да дозволиме да нè фотографираат и потоа бевме пуштени да си одиме дома. Сакам да го завршам ова известување со повик за ненасилство. Лично, ќе се обидам да понесам колку што е можно повеќе копии од Законите 550 и 60 за да ги дадам на жандармите на Универзитетскиот Плоштад. Прво мислев да понесам копии од целиот Кривичен законик, но потоа сфатив дека ако имавме пари за такви интелектуални прибори веројатно ќе немаше потреба да излегуваме на улиците.

Специјалци држат на земја човек, пред да го уапсат. Повеќе од 1.000 учесници од протестите се судрија со полицијата, која користеше солзавец да ги растури. Фото: Александру Добре, авторски права © Демотикс (15/01/12).

На 17 јануари, на барање на претседателот Басеску, Раед Арафат се врати на функцијата заменик државен секретар во Министерството за здравство и координатор на медицинскиот систем за итна помош. Новинарот Раду Тудор го гледа овој гест како „официјално признание дека Басеску може да биде поразен“:

Откако јавно го понижи Раед Арафат и го присили да си замине, непогрешливиот Басеску денес ја доживеа својата политичка смрт. Но огромниот бран на народно незадоволство е веќе во движење. Басеску се плаши дека (опозицијата) ќе преземе контрола врз ова незадоволство и тоа е прашањето на враќањето на Раед Арафат. Не се работи за почитта кон него, ниту пак признавањето на неговата вредност, туку стравот дека опозицијата ќе профитира од националниот гнев покажан последниве неколку дена во десетици романски градови. Враќањето на Раед Арафат не ги враќа скратените плати, укинатите работни места, не го запира растот на цените, не го намалува ДДВ, не ги ослободува милиони бедни луѓе од огромните грижи создадени од овој политички режим. Враќањето на Раед Арафат на функција е победа за идејата дека Басеску и неговата банда може да бидат поразени. (…)

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.