Македонија, Казахстан: Триумфални капии за прослава на 20 години независност

Водачите на две бивши социјалистички земји имаат одбрано градење ист вид архитектонски дела – триумфални капии –  со цел одбележување на двете децении на одвојувањето на нивните држави од поголеми федерации. Така, Казахстан прослави 20 години независност од СССР, а Македонија – од СФРЈ.

На 16 декември 2011 година, додека владините безбедносни сили го разбивале штрајкот во Жанозен пукајќи во рударите што протестираат, претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев ја отворил триумфалната капија „Манглик Ел“ („Вечна Земја“) во Астана, како дел од прославата на 20-годишнината од независноста. Според изјавата на Јутјуб-профилот на премиерот Карим Масимов:

Триумфалната капија што беше подигната на иницијатива на претседателот стана уште еден симбол на Казахстанската независност.

На 6 јануари 2012 година, премиерот на Македонија Никола Груевски ја отвори „Порта Македонија“ во Скопје. Оваа триумфална капија требаше да биде отворена на 20-годишнината од независноста, на 8 септември 2011 година, но имаше пробивање на роковите за градба. Сепак, недовршената порта беше искористена во грандиозната прослава (1, 2, 3, 4), која беше постојано повторувана на државната телевизија, како и на церемонијата за пречек на репрезентацијата која се враќаше од Европското првенство во кошарка.

Porta Makedonija. Photo by Darko Nikolovski, Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Порта Македонија. Фото: Дарко Николовски, Викимедија комонс (CC BY-SA 3.0)

Во текот на неговиот 30-минутен говор, премиерот на РМ ја даде и многу коментираната  изјава дека токму тој, лично, е креаторот и главниот поддржувач на проектот Скопје 2014, кој ќе остави незаобиколен белег во историјата.

Тој прво се заблагодари на сите противници на овој „добар, квалитетен и корисен“ прокет во кој „нема ништо лошо“, т.е. на опозицијата, сите негови неистомисленици, НВО-секторот, кои со:

„…сета жар и максимална посветеност работеа на максимално оцрнување на овој проект, со надеж дека на тој начин ќе ме оцрнат мене и моите соработници, како и актуелната политичка гарнитура“, рече премиерот.

Лично смета дека и дека уметниците на овој начин добиваат слава и излегуваат од анонимност по нивната смрт.

- Ова воопшто не го говорам во циничен или ироничен стил доколку некој така ме разбира. Колку поголем е интересот за некое дело, во смисла да биде искритикувано и понижено, толку повеќе расте и мотивацијата и концентрацијата на квалитетот на делото…

Никола Гелевски, независен издавач и основач на порталот за критичко размислување Окно, искоментира дека „Дискретното признание дека е автор на најшарлатанскиот проект во историјата на Македонија (според мене), беше единствената позитивна точка во инаку пословично досадниот (ама екстремно демагошкиот) говор“ на премиерот.

Главни точки кои Гелевски ги посочи во анализата на говорот се:

  • „Оној кој ги злоупотребува уметноста и архитектурата за политички цели – обвинува за политизација!
  • „Зарем ние Груевски не го избравме да ја води владата како политичар, а не како уметник, демијург, пророк и месија?!“
  • „Еден ден, а тој ден ќе дојде релативно брзо, ќе се види дека „Скопје 2014“ е голема пљачка на народните пари“
  • „Сите постари споменици во земјата се девастирани на најпонижувачки можен начин, додека новите груевистички споменици „се бранат“ со цели чети чувари ангажирани од приватни агенции“

Триумфалната капија беше најконтроверзниот елемент на проектот Скопје 2014. Многу од неговите критичари ја посочуваа како излишна и демоде. Капијата во Астана е висока 20 метри, кои ги симболизираат 20 години независност. Скопската е висока 21 метар, а не е понудено објаснение за значењето на ова решение.

Во новинските извештаи не се наоѓа и податокот за цената на казачката капија, додека нејзината македонска колешка чинела 4,4 милиони евра. Секојдневните намени (на англиски, со фотографии) на оваа градба вклучуваат продавање сувенири и обезбедување простор за свадби (или фотографии за младенците) на највисоката платформа.

Блогерот Сеад93 запиша:

Пред некој ден официјално беше отворена „Порта Македонија“ во Скопје. По стотици репризи на преносот од овој настан на  јавниот сервис ова и не е баш некоја информација, но нејсе, муабетот е следен:

Секоја чест на оној кој ја крстил Порта Македонија, но мислам дека овој пат требаше да се послуша народот кој, далеку од случајно, почна да ја вика портата „Триумфална“. Не се работи тука за проста визуелна сличност со таму-си-некои-порти од не-знам-кои-си земји и градови, туку за една потреба за артикулирање на триумфализмот кој се случува во нашите живеачки. На народот му треба обележје каде триумфализмот ќе најде свое место и каде ќе може да се канонизира, или стандардизира.
Имено: покрај порта за триумфално марширање на спортисти, уметници, научници, лауреати и други заслужници, портата би била идеална за триумфално марширање на нашите гастарбајтери кои се враќаат во посета. Тука би можеле тие да измаршираат колку им душа сака во своите нови луксузни автомобили (без разлика дали се нивни или рентани), би било место за прикажување и покажување на сиот свој печалбарски сјај. Замислете таква глетка: кога и да појдеш некој гастарбајтер триумфално маршира, се воодушевуваш, воздивнуваш, се инспирираш! Момите би можеле полесно и да кандисаат некој младоженец, а и обратно. Би бил тоа наш Фешнченел, светско, а наше.
Е тоа драги мои би бил практичен и исплатлив потег за почит, но ај, кој да послуша?

Лингвистичкото тврдење го потврди и Зорив, во неговиот пост со кој ја пофали капијата:

…име кое воопшто не кореспондира со архитектонското здание, но тоа е најмалку важно. Важно е дека градот Скопје доби здание кое ќе му даде сосема нов лик и симболика на главниот град на Република Македонија, а за неговата естетика и понатаму ќе се кршат многу копја помеѓу двата табора на македонските архитекти, кои никако во догледно време да се договорат дали чашата е полупразна или полуполна со вода. Јас како граѓанин на Скопје кога поминувам покрај Собранието на РМ и одам кон централниот  и западниот дел на Скопје, тримфалната арка или порта, пардон ПАЛАТА МАКЕДОНИЈА  ми прави голема убавина и празник на окото, со една замерка и прашање дали беше моментот да се изгради или не во ова време на економска криза , времето ќе покаже.

Одговарајќи на импликациите кои се јавуваат поради споредбите помеѓу Казахстан и Македонија, Зорив наброја низа други триумфални капии од целиот свет, обидувајќи се да покаже дека таквите споменици се сосем нормални: Триумфалната Порта, Сиегестор (анг. Siegestor) во Минхен, Капијата на Велингтон (анг. Wellington Arch) во Лондон, Нарва (анг. Narva) во Санкт Петербург, Бранденбуршката Капија (анг. Brandenburg Gate) во Берлин. Тој не ја испушти ни највисоката од сите нив – Триумфалната Капија (анг. Arch of Triumph) во Пјонгјанг, Северна Кореја.

На Фејсбук, членовите на владеачката партија се обидуваа да докажат дека градење триумфални капии не е анахрона практика поврзана со деспотските режими со империјални амбиции, со тоа што ја ширеа фотографијата на Милениумската Порта (анг. Millennium Gate) од Атланта, изградена во 2008 година во демократските САД. При тоа, не беше земан предвид фактот дека тој „кичерајски МекСпоменик што на целиот свет му укажува на комплекс на културна помала вредност“ (коментар од форум за архитектура цитиран на англиски од Лос Ангелес Тајмс) бил финансиран преку приватни донации, а не со државни пари.

Дури и кога прашањата за можната корупција и провизии за градителите не се предмет на дискусија, сепак постојано се појавува прашањето за оправданоста на трошењето на парите за Скопје 2014. Ова особено важи за Портата, во ситуација кога мнозинството од македонското население тоне сè подлабоко во сиромаштија, а во државниот буџет има сè помалку пари за основни инфраструктурни услуги.

На пример, корисникот на Твитер БанеКома го објави колаж со контрастни фотографии од капијата и состојбата на државната клиника за педијатрија, која е дел од руинираниот систем на јавно здравство.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.