Македонија: Онлајн бунт против Скопје 2014

По повеќегодишни затскриени најави, медиумски манипулации и бирократско избегнување на барањата за транспарентност, отчетност и граѓанско учество, локалната власт на општина Центар најпосле го објави планот, направен во координација со централната Влада, да го посее центарот на Скопје со низа нови споменици и згради.

Подолу е видео-клип со презентација на владиниот проект:

Виктор Арсовски од IT.com.mk набрзо понуди преглед на реакциите на објавувањето на владиниот план:

Граѓаните преку друштвените мрежи, Фејсбук, Твитер, Јутјуб го коментираат, критикуваат, исмеваат и помал број го фалат идниот изглед на Скопје во 2014 година. Макфакс го закачи видеото „Визуелизација на центарот на Скопје во 2014“ на Јутјуб вчера, на 4 февруари. За само еден ден видеото го привлече вниманието и е гледано 16.000 пати, а искоментирано 380 пати.

Десничарскиот блогер Алекс Карека го изрази [АНГ] погледот на многу од неговите идеолошки истомисленици:

Јас лично сум импресиониран и фасциниран. Скопје ќе добие еден од најубавите градски центри.

Од друга страна, г. Арсовски точно забележа дека повеќето реакции изразуваат несогласување од естетски причини и/или поради високите трошоци за проектот, особено откако градоначалникот на општина Центар неодамна изјави дека во врска со економската криза ’најтешкото помина – сега имаме пари за споменици‘ за кои се проценува дека ќе чинат најмалку 17 милиони евра.

Волан, блогер и економист, можеше само да нагласи дека ова не е виц, иако изгледа како такво нешто. Ненад Јовановиќ ја цитираше баба си која велела:

„Синко, глупоста и кичот немој никогаш да ги потцениш“.

Порталот Окно објави збирка коментари, како надоврзување на претходни написи за овој и сродните феномени, чии автори пишуваа за општата преоптовареност од сè или иронично забележуваа дека во иднина Македонија ќе може да конкурира на Велигденскиот Остров [АНГ]:

Туристичките водичи инспирирано ќе им објаснуваат на светските добронамерници како оваа изумрена цивилизација од уста двоела, среде транзиции и светски кризи, за споменици и други скаменети творби сè со цел да стане нешто што ќе остане во времето и ќе сведочи за нејзиниот непокор спрема клетите комшии и другите белосветски клеро-фашистички душмани.

Соочени со апсурдното, твитерџиите (#Skopje2014) и корисниците на Фејсбук често користат хумор како противотров.

На пример, Интерпретер објави луцидна песна наречена „Две иљаде и четрнаеста…“ (која ја пренесе и Окно), додека ФлаврСавр го спореди клипот со рекламата за компјутерската игра Цезар IV

…само гладијатори ќе бидат новинари и остали предавници [асоцирајќи на техниките за дискредитација кои ги користат поддржувачите на власта]

Преку Твитер исто така се прошири и изјавата на Рамадан Рамадани, претставник на исламската заедница, кој бара додавање на џамија во планот – или отстранување на новата црква:

…главниот град на Македонија кој им припаѓа на сите граѓани не е поле за играње [Фармвил] [АНГ].

Еден љубител на историјата ја спореди „визијата“ да се направи величествена национална престолнина [АНГ], преку масовни и скапи новоградби, со други слични неуспешни амбиции од минатото.

Авторот на блогот Психа, д еџ оф лоџик! предложи куполата што Владата планира да ја додаде на зградата на Собранието да се претвори во планетариум. Македонија има семо еден таков објект изграден во раните седумдесетти години на XX век кој од тогаш не е реновиран и страда од негрижа поради недостатокот на буџет за одржување.

Активистите кои беа истепани минатата пролет заради несогласување со власта, повикаа на спонтан протест против игноратнскиот однос на Владата кон реакциите на граѓаните. Протестот е закажан за сабота, 6 февруари во 2 попладне, „на оној дел од плоштадот што во овој момент остана неокупиран“.

12 коментари

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.