Куба: Претставување на Нова, оперативен систем со отворен код

Преку проект, кој е развиен на Универзитетот за информатички и технолошки науки на Хавана [шпански], владата на Куба издаде своја верзија од оперативниот систем Линукс и се надева дека во наредните пет години ќе префрли 50% од владините компјутери од Мајкрософт Виндоус на овој нов систем наречен Nova Baire. Овој систем беше претставен на Интернационалната конференција за информатика 2009.

Tux Guevera

„Tux Guevera“ илустрација на Брунокб и користена под Криејтив комонс лиценца

Nova Baire е создаден бидејќи е многу тешко да се набави легален софтвер на островот, но исто така, како што вели [шпански] ZeroZen од сајтот FayerWayer за технологија во Латинска Америка: „Куба гледа потенцијална закана во софтверот на Мајкрософт, бидејќи безбедносните агенции на САД може да го добијат нивниот код за пристап.“

Се вели дека развојот на системот е во рамките на владината идеологија. Penúltimos Días [шпански] објавува цитат од Хектор Родригез, деканот на одделот за слободен софтвер на универзитетот, кој вели:

Движењето за слободен софтвер е најблиску до идеологијата на кубанскиот народ, пред се поради својата независност и самостојност. Приватниот софтвер може да има дупки и малициозен код за кои никој не е запознаен.

Софтверот има сопствен сајт [шпански], каде корисниците може да го преземат Nova Baire и да дискутираат за поврзани теми на форумот [шпански]. Еден блогер, TBS од Bloggers Cuba [шпански] веќе ја имал можноста да го испроба Nova Baire и пишува кратка рецензија:

Ние веќе ја имавме можноста да го испробаме на виртуелна машина и нашата прва импресија беше навистина добра. Го прави се она што повеќето Линукс дистрибуции го нудат за своите корисници:  апликации за канцелариско работење, пушта музика и видео, интернет и месинџер, гледање на фотографии и има повеќе апликации кои може да се користат за работа и слободно време.

Дистрибуцијата е фокусирана на крајните корисници и според мое мислење е многу лесна за користење и интуитивна. Според нивото на стабилност и перформанси може да биде идеална за користење додека трае процесот за миграција на земјата кон слободен софтвер за корисниците навикнати на други системи како Мајкросфт Виндоус.

Исто така постои видео на YouTube на кое е прикажано како функционира системот Nova.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.