Индија: Мажите да им плаќаат на нивните сопруги за куќните работи?

Индиското Министерство за унапредување на положбата на жените и децата разгледува еден предлог закон кој доколку биде изгласан од парламентот ќе ги обврзе законски мажите да плаќаат дел од нивната месечна заработка на нивните сопруги домаќинки за извршување на куќните работи.

Според предлогот на Министерството, се формира модел кој ќе се користи за вреднување на работата на домаќинките во економска смисла, а потоа признавање на овој придонес во економијата преку надомест за нивната работа.

Се очекува предложениот закон да ги смета домаќинките како „куќни инженери“. Министерот Кришна Тират изјави дека овој износ, кој ќе се движи помеѓу 10 – 20%  од месечната плата на мажот, не треба да се смета како плата за куќната работа, туку да се третира како симболичен надомест или нешто слично.

Додека Министерот гледа на ова како чекор кон еманципација на жената, предлогот е жестоко дебатиран, како офлајн така и онлајн.

A woman washing clothes. Image by Neil Moralee CC BY-NC-ND 2.0

Жена пере алишта. Слика од Нил Морале CC BY-NC-ND 2.0

Некои сметаат дека „мерењето на вредноста на неплатената работа во куќата е точно како концепт и вреди да се проба“, но сепак обврзувањето на мажите да плаќаат фиксен износ од нивната плата во замена за оваа работа би можело да не биде најдобар начин.

Други се прашуваат како би можело да се стави „цена“ на сите работи кои се извршуваат во куќата и како би се имплементирал еден таков закон – со оглед на различните прашања што е сигурно дека би произлегле во текот на овој процес. На пример LordRaj прашува:

  • Предлагате врска работодавач/вработен за брачен пар?
  • Кој ќе одлучи за часовите и видот на работата?

Во Ground Report, една отворена платформа за известување, Д. Чаитања поставува некои дополнителни прашања на оваа тема, што се чини дека силно се дебатира како од страна на мажите така и од страна на жените. На пример:

  • Ако во куќата на жената секојдневните работи се извршуваат од страна на куќната помошничка, како таа треба да се третира? Би требало куќната помошничка да се третира еднакво со сопругата? (Во такви случаи) кој има право на 10 или 20 % од износот?
  • Ако 10 или 20% од платата се одвои во име на жената, што станува со парите за одржување на жената, ако го напушти мажот и поднесе барање за нејзино одржување?
  • Овој закон ќе создаде ново поле на економска конфронтација меѓу брачните другари. Како Законот 498-а од Кривичниот законик, законите за исхрана, семејно насилство, ќе има случаи на злоупотреба на овој закон од некои жени?

Блогерката Суриа Мурали, исто така, се прашува како Владата предлага да се спроведе таков закон. Таа пишува на својот блог:

Силно го поддржувам зајакнувањето на жените и нивната економска независност… (но) моето најголемо прашање за законодавците е како планираат да го спроведат овој предлог-закон? Ако се случи на начин такашто мажот да дава процент од неговата плата на жена му за нејзината работа, не гледам на кој начин се подобрува економската состојба на домаќинката или како тоа ја подобрува или прави независна жената. Ако бруто приходот останува ист, финансиите на семејството не се менуваат. Мислам дека најголемиот број одговорни мажи ќе ги споделат така и тековните трошоци на куќата со нивните жени… ако тоа не се случи, тогаш таквиот модел не ќе го подобри односот маж-жена во овие домаќинства.

На iDiva, Арчана Јајакумар прашува:

 На кој начин сето тоа ја прави жената нешто повеќе од почестена слугинка?

Сунита во Supari.org се согласува и го нарекува овој предлог-закон „потег за распад на семејството“ од страна на Владата. Блогерот LordRaj заклучува дека:

Под изговор „просперитет и развој“ на жените, се што правите е што промовирате предрасуда кон мажте.

Групите за човекови права на мажите се согласуваат. Вики Нањапа забележува:

Групите за човекови права на мажите силно се противат на предлогот да се намали дел од платата на мажот и да се дава на жената… Фондацијата Save Family испрати писмо до Кришна Тират, Министер за унапредување на положбата на жената и децата, барајќи итно повлекување на предлог-законот. Оваа организација која претставува 40 различни организации од целата земја, го има наречено овој закон едностран.

Нечестивиот Индиски маж изгледа веќе чувствува притисок. Тој се жали дека:

Со таква иницијатива, не би било чудо ако многу жени имаат намера само да седат без да прават ништо и да им се плаќа од страна на нивните мажи со благослов на индискиот правен систем. И сето тоа под изговор за еманципација на жените.

Покрај тоа, постојат други кои се по позитивни во однос на предлогот од повеќе причини. На пример, во една дискусија на Defence Forum India, Јусуф изгледа задоволен. Тој пишува:

Всушност овие вести се многу пријатни. Ми даваат повеќе начини да ги избегнам даноците. 🙂

Блогерот Суриа Мурали предлага нешто што таа смета дека е попрактично решение, нешто од што навистина жените ќе имаат корист без да се создаваат хиерархиски односи работодавач-работник во рамките на семејството. Таа предлага:

Владата да најде метод според кој ќе се процени економската состојба на домаќинствата и на домаќинките да им се даде некоја парична помош. Така целосно се оттргнува мажот како посредник и претставува директен договор помеѓу оние кои сакаат еманципација на домаќинките и самите домаќинки. Според мое мислење, нешто такво не само што ќе им помогне на жените да станат незвисни, туку ќе се подобри и општиот квалитет на живот во домаќинствата кои немаат доволно финансиски средства. Така ќе се постигнат две цели, и економско подобрување и еманципација на жените.

InfoQueenBeе се согласува и додава:

Наместо да донесат закон кој ќе обезбеди „плата“ на домаќинките, можат да воведат други модели како што е задолжително животно осигурување, здравствено осигурување, инвенстиции и др. за жените и децата.

Додека чекаме да видиме како ќе се развие овој предлог на министерот, се чини дека јавната дебата околу темата мажот да се обврзе да го плаќа својот „куќен инженер“ со еден „симболичен надомест“ не е завршена.

Сликата на статијата е од Тод Берман (TheArtDontStop.org), линценца CC: BY-NC-SA 2.0

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.