Македонија: Твитер-хаштаг за премиерот – #Ж

Македонската твитерџиска заедница го користи хаштагот како симбол/кратенка која се однесува на премиерот Никола Груевски.

Влијателниот корисник на Твитер Necovski објасни како дошло до ова на неговиот блог Аеродромски сон. Сè започнало со отворањето на официјалниот профил на премиерот. Веста за тоа во дневниот весник Нова Македонија содржела печатна грешка, известувајќи дека името на профилот е Жгруевскиникола, што за твитерџиите штречело како „штица у око“ (идиом врз основа на библискиот стих од евангелието по Матеј 7:3):

Е сега кој користи Твитер знае, кој не еве да објасниме дека никот не може да ти биде на кирилица (прво и основно) и пред никот се користи знакчето @. И сега кој има напишано барем 2 документи во животот веројатно знае дека има македонска поддршка и англиска или америчка или вотева, на која дудуци пишуваат со ФОНТ. И новинарот, пардон Журналистот, го однел фино лепо у редакција текстот на америчка поддршка нормално. Најпаметниот у редакција му рекол брат зашто бе вака пишуете у фонтови, друг пат немојте, ај бегај ја ќе го средам текстот. Ставил АДОН ЛСКонвертМак и го пукнал цел текст на конвертирање и резултат претпоставувате беше Жгруевскиникола. (ова се сепак претпоставки, можно е да користеле и друг софтвер). Тоа што сега драги читатели вие го читате како @GruevskiNikola е уште една победа на критичкото око на твитер заедницата.

Како и да е,твитер заедницата, како што тоа обично бива, како трофеј од оваа победа го присвои хаштагот (hashtag – е ставање на префикс на одреден збор, при дискутирање на одредена тема. Се користи за полесно дискутирање и пребарување на одредена тема во рамки на Твитер) #Ж. Така да денес, скоро сите твитови врзани со работата на Владата или лично некоја изјава на Премиерот се води под хаштагот #Ж. Мала варијација на тема @Ж што во твитер Жаргонот би било обраќање на Премиерот или пак доколку го користите во вашиот твит обраќање кон Премиерот или познат и како меншн.
Дел од твитовите кои јас ги симнав се содржани на линков

На пример, VidanaDesign и Stariot го користеа хаштагот при дискусијата за скандалот кога фотограф на дневниот весник Фокус откри дека пратеници во парламентот од владеачкото мнозинство добиваат пусулчиња од премиерот со инструкции што да го прашаат во текот на сесија за пратенички прашања по повод отчет на Владата (на сликата е пратеникот Илија Димовски).

Дел од разговорот дали печатна грешка од ливчето треба да се придружи на „хаштаг-азбуката“.

Содржината на официјалниот Твитер-профил на премиерот претежно се состои од најави на македонски, напишани во трето лице (на пр. „Премиерот Никола Груевски ќе се обрати на средбата организирана од фондацијата Конрад Аденауер…“) и објавни напишани во прво лице еднина на англиски автоматски генерирани преку неговиот профил на Фејсбук („Објавив 13 фотографии на Фејсбук во албумот…“). Очигледниот недостаток на личен допир и негрижа за форматот на медиумот, која се огледа во тоа што твитовите се само исечени наслови на написи, не влијаат поволно за угледот на профилот меѓу твитерџиите. Покрај тоа, „премиерот“ – или попрецизно, лицето одговорно за ажурирање на неговиот профил, никогаш го нема користено „неговиот“ хаштаг – што би го направило дел од заедницата.

Примери на двата основни вида премерски твитови.

Влатко Васиљ, кој во моментот на пишување на оригиналната верзија на написов (29.12.2011.) имаше 1.086 следбеници, наспроти 733 на премиерот, напиша:

Се док ја ијам поише фоловерс од #Ж, твитеров ќе има смисла!! 🙂

(На 13.03.2012. Васиљ има 1.654 следбеници, а наспроти Груевски со 1.021.)

Друг пример за користење на хаштагот е од неодамнешната акција за подигање новогодишна елка од пластични шишиња. ArsovaM искоментира:

Ако добро котира елкава може #Ж да каже дека е проект на Скопје 2014

Нецовски наводно го објавил постот со објаснението цитирано погоре како одговор на многубројните прашања од понови или неинформирани корисници на социјалните медиуми за значењето на #Ж, кое се прошири и на Фејсбук благодарение на апликациите кои автоматски пренесуваат твитови како статуси.

„Што е #Ж? – #Ж е #Ж!“ – колаж за премиерот со ликот на претседателот

Авторот го илустрираше постот со колаж на Sead93 и Banekoma, на кој е претставена пародија на познатата изрека на претседателот Иванов, кој на новинарско прашање што подразбира под „разумен компромис“ во спорот за името со Грција налутено одвратил со тафтологијата:  „Разумен компромис е разумен компромис. Тоа е разумен компромис! Не можам да ви објаснувам – сфатете го!“

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.