Словачка: Корупција, парламентарни избори и враќање на Социјалдемократската партија

Победата од 10ти март на словачките парламентарни избори не е прва победа за СМЕР – Социјалдемократската партија. Порано комунист, а сега социјалдемократ, лидерот на партијата Роберт Фико веќе по трет пат победува на изборите.

Во 2006 година, СМЕР освои 29.1 % од народното гласање (50 од вкупно 150 пратенички места). Меѓутоа, за да оформи влада на Фико му беа потребни два коалициони партнери; еден од нив беше Словачката народна партија (СНС), чијшто лидер, Jан Слота, беше озлогласен поради неговите анти-ромски и анти-унгарски коментари. Поради ова партнерство, Фикo заврши со проблеми со европските социјалдемократски структури.

Во 2010 година, СМЕР освои уште повеќе гласови (34.8%), но бидејќи ги „растури“ поранешните партнери, заврши во опозиција. (Една од коалициските партии не успеа да влезе во парламентот, а другата се спаси со дополнителните гласови кои ги доби политичкиот новодојденец, поранешната хокеј ѕвезда Винсент Лукач.)

Други десничарски партии одбија да соработуваат со СМЕР, обвинувајќи ги членовите на партијата за корупција и прекумерно трошење кое „води до Грција.“ Фико, кој пред изборите јавно изјави дека никогаш нема да ја прифати улогата на опозициски пратеник, стана дел од опозицијата.

Пред изборите во 2010 година, снимка од таен говор на Фико од 2002 година беше пуштена во јавноста: тука тој изјавува дека заработил големи суми на пари за неофицијално финансирање на партијата „на своја глава.“ Поради начинот на кој Фико подоцна ја негираше автентичноста на снимката, стана прифатено на шега да го нарекуваат „гласот сличен на Фиковиот.“

Кога на крајот на 2011 година, десничарската влада доживеа пад поради несогласувања во врска со Европскиот спасувачки фонд, се очекуваше дека тоа ќе биде главна точка во изборната кампања.

Но, само неколку седмици покасно избувна таканаречениот Горила скандал, како резултат на објавувањето на записи од тајни средби помеѓу директорот на Пента, словачка инвестициона група, и луѓе од различни владини структури, којашто наводно се случила пред 2006 година, кога речиси истата десничарска влада како и од 2011 година беше на власт. Записите покажаа дискусии за проблеми поврзани со државната економија и скапи понуди.

Снимките беа направени од Словачката разузнавачка служба (СРС), како дел од операција којашто започна случајно, бидејќи еден од агентите на службата живеел во соседниот апартман. Пишаната верзија која беше објавена не е вистинскиот запис и не е јасно дали сите нејзини делови соодветствуваат со оригиналот. Исто така, не е познато кога, ако тоа воопшто се случило, учесниците на тајните средби сфатиле дека нивните разговори се снимаат. Не е познато и кој ги пуштил записите во јавност, иако сега е очигледно дека некои медиуми, како и некои политичари, знаеле за тоа, но се плашеле да се занимаваат со тоа.

Исто така, во снимките се спомнати и посетите на Фико. Тој одби да признае дека бил во споменатиот апартман. Она што е јасно е дека за време на „неговото владеење“ истрагата за случајот запре, агентот „сосед“ беше отпуштен од СРС, а оригиналните гласовни снимки биле пријавени за избришани (се очекуваше да излезат повторно на површина неколку дена пред изборите, но тоа не се случи).

СДКУ, главната десничарска партија која беше најпогодена од аферата, го започна своето „самоубиствено возење“ одрекувајќи едноставно се. Лидерот на партијата Микулас Ѕуринда изјави дека не ги ни прочитал записите до крај. Во една од најновите предизборни анкети, СДКУ немаше доволно гласови за влез во парламентот.

Пента, исто така, одрече се и им даде оддишка на своите адвокати, кои многу брзо постигнаа судска забрана на книгата за случајот Горила. За извесно време, тие пробаа да преземат акција и против Фејсбук како едно од местата каде што беа објавени документите.

СМЕР, одбивајќи да коментира за каква било можна поврзаност помеѓу партијата и корупција, ја фокусираше својата кампања на социјални прашања, изјавувајќи дека „луѓето заслужуваат сигурни факти“ – изјава која на интернет брзо беше споредувана со зборовите на Бенџамин Френклин, „Ништо не е сигурно на овој свет, освен смртта и даноците.“

Бенџамин Френклин: „Ништо не е сигурно на овој свет, освен смртта и даноците“; Роберт Фико: „Луѓето заслужуваат сигурни факти.“ (Слика од анонимец, која стана доста популарна на интернет.)

(Повеќе сликовити прикази со мотив од изборите може да најдете тука и тука.)

Објавувањето на записите предизвика протести низ целата земја, а последниот се случи токму на денот пред изборите. Бројот на демонстранти во Братислава се движеше од над 10 000 до само неколку стотици, заради необично ладното време кое беше пречка за протестите да бидат помасовни. Исто така, за време на протестите се случија и неколку конфликти со полицијата. На почетокот, организаторите имаа доста нереални барања, како на пример одложување на изборите од 10-ти март за наесен, кога, според нивните очекувања  (можеби по малку наивни), новоотпочнатата истрага ќе даде резултати.

Сепак, изборите се одржаа според планираното, а овој цртеж го отсликува доста добро расположението на гласачите.

Поради многуте десноориентирани гласачи кои не излегоа на гласање (и многуте левоориентирани кои излегоа), СМЕР сега има над 50% од пратеничките места и ќе може сама да оформи влада. СДКУ изгуби две третини од своите гласачи, меѓутоа успеа да влезе во парламентот.

Подолу се наоѓаат кратки извадоци од дискусии на интернет за оваа статија во врска со мислењата на гласачите ноќта пред изборите.

TimmyA:

Спасот на СДКУ = спасот на Ѕуринда-[Миклос] тандемот. Такви личности денес не можат да бидат спасени од разумен човек. Тие не заслужуваат да бидат спасени. Го дадов мојот глас за нив во 1998 год. и во 2002 год…. Меѓутоа, партија која плука по своите гласачи и дури и последните денови пред изборите нивните кандидати мислат само на себе… ваква партија не заслужува поддршка.

mfpvr (одговор):

Се сметам себеси за разумна личност, и замислете, планирам да гласам за СДКУ, сега дури за првпат. … Ако некој не сака да гласа за СДКУ само поради Ѕуринда, тогаш тој е вол, бидејќи токму сега имаме шанса конечно да го испратиме во заслуженото пензионирање. …Сега [гласачот] има единствена шанса … да го тргне Ѕуринда [преку преференцијално гласање].

TimmyA (одговор):

Шанса. Значи јас морам да МОЛАМ за шанса? Тие се оние кои треба да МОЛАТ за МОЈОТ ГЛАС… На Ѕуринда не му е грижа за некакво преференцијално гласање … Единствена шанса е тој да биде принуден да замине.

Lucia Jannovska (одговор):

Почитуван TimmyA
дозволете ми да привлечам малку внимание. Јас лично ќе гласам за СДКУ…. Дали те интересира зошто СДКУ? Од нив добив нешто за што сум им благодарна. И би сакала да продолжат со реформите. Земјите од околината [на Словачка] веќе им завидуваат.

Kvantovy mechanik:

… Идејата „Имам пет скапани јаболка, така што морам да изберам едно“ е сè уште применлива.

JaM:

Словачка, Словачка …
Имавме четири години со Фико и се заврши така што моравме да почнеме да штедиме. Проблемот беше во тоа што владата што дојде по него имаше големи ветувања, но не исполнија речиси ништо од тоа што го ветија …

Martin1984:

Нема потреба да ги чуваме корумпираните партии. Потребно е само да ја спасиме Словачка од нив со тоа што нема да гласаме за нив повторно.

Еве и неколку коментари за дискусија која се одвиваше за оваа статија на Pravda.sk во врска со резултатите од изборите:

Zaza:

Честитки за победникот на изборите. Народот одлучи, а ние кои не гласавме за него, внимателно ќе гледаме како е промовирана идејата за социјална држава. … И кога СМЕР ќе успее во тоа, и уште поважно, нема да има скандали како оние во минатото … тогаш ќе можам во иднина да гласам за нив. Тоа би било добро, но гледајќи кои се првите изјави на г-н Фико, во однос на проектите за јавно-приватно партнерство и планираниот прогресивен данок, се плашам дека ќе биде исто како пред две години.

kohinor:

Народот ја избра СМЕР на демократски избори. Тој добро знае дека дури и СМЕР не може да прави чуда и исто така може да очекуваат (!) сиромаштија и аскетизам. Луѓето исто така знаат и дека во случај на победа на десничарската партија може да очекуваат само (!) сиромаштија и аскетизам. Тука е главната разлика.

cerveni_koncia_2:

Тажно е тоа што политиките на тие социјалисти се базираат на краткорочно пустошење на државниот буџет и ширење на бесконечни глупости, на што резултат е само Грција. Веројатно, најдобро би било ако Фико владееше не четири, туку осум години … Словачка мораше да помине низ пекол за да можат овие луѓе – гласачите на Фико – да ги разберат основните принципи на функционалност на економијата.

Brehy:

Сега ќе ја чекам програмата на владата, ќе им дадам 100 дена, и за тоа време ќе се интересирам како се справуваат со даночниот хаос и дали ги одржуваат ветувањата за прогресивниот данок и како работат на тоа да ги заштитат цените на бензинот и струјата од покачување …

tesa:

Горила остануваат во парламентот. Кој ќе ги избрка од таму?

contris (одговор):

никој, бидејќи сите сме горила. Јас би крадел, ти би крадел, секој би крадел кога би имал шанса.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.