Граѓанските медиуми на Меѓународниот фестивал на новинарството во Перуџа, Италија

Четвртото издание на Меѓународниот фестивал на новинарство ќе се одржи во Перуџа, Италија, од 21 до 25 април оваа година. Вкоренет во етрурското минато на градот домаќин, фестивалот во голема мерка се фокусира на иднината на новинарството и комуникацијата. Тоа ќе биде местото каде патеписци, колумнисти, видни новинари и претставници на мејнстрим медиумите, ќе се соочат лице в лице со граѓани новинари, активисти и луѓе кои се вклучени во работата на алтернативни медиуми – во обид да се реализира поголема соработка меѓу новите и традиционалните медиуми.

Како што беше најавено на отварањето на настанот:

Која е целта? Да се зборува за новинарство, информации, слобода на печатот и демократија според моделот 2.0. Настан кој започна од нула, отворен за заинтересираните, единствена прилика каде истакнати претставници на медиуми од целиот свет ќе се сретнат со граѓаните, со читателите, со студентите, со професионалците, во постојан прилив на идеи, размена, споредба. Медиумите играат значајна улога во секојдневното живеење, но честопати го следат трендот на авто-референтност. Фестивалот на некој начин го пробива овој ѕид благодарение на својата форма, која ја прави врската меѓу оној кој ја пласира и оној кој ја прима информацијата жива и динамична.

Фестивалот основан во 2006 година од Ариана Чиконе и Кристофер Потер, во изданието во 2009 беше домаќин на повеќе од 80 различни настани, 220 дебати, повеќе од 260 акредитирани новинари и речиси 300 волонтери од целиот свет. Ова издание ветува дека ќе биде уште поголем и многу попосетен настан.

Еве како шпанскиот новинар – хонорарец, Хозе М. Калатајуд го опишува своето искуство во 2009:

Седев во првиот ред на конференцијата “Пост-новинарство: нов начин на комуникација“. Крај мене седеа тројца момци, млади италијански новинари и сите тројца истовремено сурфаа на интернет, ги користеа своите iPhone и камери. Момчето до мене пишуваше на Твитер, на својот блог, праќаше и примаше електронски пораки, го ажурираше својот статус на Фејсбук, го проверуваше сајтот и пишуваше коментари на секоја минута… Верувам дека и другите двајца го правеа истото. И во исто време, си зборуваа меѓусебе, се смееја и (претпоставувам) ја слушаа конференцијата.

Целиот настан е поддржан од страна на мал број спонзори и учеството на неколку медиумски партнери, меѓу кои и Глобал Војсис Онлајн. Всушност, на 21 и 22 април (среда и четврток), фестивалот ќе организира две тркалезни маси на Global Voices, координирани од Бернардо Парела, уредникот на Лингва на италијански јазик: “Премостување на јазот помеѓу различните јазици и култури “, со Давид Сасаки, Марк Херман, Портној Женг и Никола Бруно (Тotem [италијански]); “Граѓанските медиуми за поттик на човековите права и слободата на говорот”, со присуство на Џилијан Јорк, Сами Бен Гарбија, Џани Ленс (Тerra Nostra [италијански]) и Габриеле Батаља (PeaceReporter [италијански]).

Програмата вклучува други панел дискусии фокусирани на граѓанското новинарство и новите медиуми од меѓународна перспектива. “Новите медиуми на Истокот: подготвени за слетување!” задолжени се за развој на ваквите медиуми во арапските земји, укажувајќи и на Ал Џезира и на богатството од материјали под капата на Криејтив комонс, како пример на ново дигитално новинарство. “Жени, медиуми и моќ” е серија од четири панел дискусии за улогата на жените во медиумите, додека на 25 април, недела, ќе се одржи Баркамп за “Медиуми и повеќекратно информирање“

Фестивалот не може да постои без поддршка од многуте волонтери кои доаѓаат од над дваесет земји од целиот свет, од Гамбија до Бразил и Узбекистан. Во следното YouTube видео, италијанската волонтерка Франческа ни кажува за своето искуство:

На Твитер, настанот ќе го користи хаштагот #ijf10. Фестивалот има и страница Фејсбук, со повеќе од 6500 фанови досега, меѓу кои и Џулија Алианели, која на 17 март вака ја опиша состојбата на слободата на печатот во Италија:

Помогнете ни ве молам! Информациски СОС во Италија! За да дознаам информации за мојата земја морам да читам странски весници!

Ана Леонова пишува:

Почитувани колеги! Јас ќе ја претставувам Меѓународната асоцијација на млади новинари на фестивалот. Ако некој сака да се приклучи –секогаш сте добредојдени. Ние сме заедница на активни млади новинари кои сакаат да го направат овој свет подобар.

Заедно со брошура во пдф формат со детали за целосната програма (само на италијански), настанот ќе биде емитуван на ТВ канал на интернет. Еве една кратка видео презентација.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.