Саудиска Арабија: Забрана за мачки и кучиња

Оваа недела во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, беше објавена забрана за продавање на мачки и кучиња како домашни миленици или нивното шетање во јавност, бидејќи некој маж ги користел за заведување на жени. Блогерите од кралството, како и оние од надвор, реагираа вчудоневидени.

Врвот на Комисијата за промоција на доблест и превенција од пороци, познати како мутава или религиозна полиција, објасни дека комисијата едноставно спроведува претходно објавен религиозен едикт.

Ахмед, саудиски блогер, вели:

Во последно време се обидував да избегнувам да пишувам за Комисијата за промоција на доблест и превенција од пороци, бидејќи, најискрено, кој победил мртов коњ? Но ова е премногу добро за да се пропушти… Јас не сум обожавател на мачки и кучиња. Моите пријатели кои се сопственици на миленичиња го знаат ова и тие вообичаено ги држат настрана кога јас ги посетувам. Не дека имам нешто против овие животни, но имам страв да им се приближам премногу. Сепак, оваа одлука е просто идиотска.
Пред да навлеземе повеќе во ова, да се вратиме малку во минатото. Оваа забрана всушност беше започната во Џеда пред две години. Во тоа време, Комисијата на Џеда велеше дека младите Саудијци, кои ги шетаат своите миленици на улиците, ги прекршуваат културата и традицијата на кралството и наводно предизвикувале стрес, особено на фамилиите со млади деца. Но, забраната никогаш не беше спроведена… Меѓутоа, иако Ријад и Џеда се два големи града во иста држава, тие често многу се разликуваат за вакви работи. Комисијата е многу, многу помоќна во Ријад отколку во Џеда и затоа очекувам оваа забрана целосно да се спроведе во главниот град.
Секако неопходно е да се каже колку сево ова е апсурдно. Причината поради која комисијата ја спроведува забраната всушност личи на шега: „бидејќи маж ги користел нив со цел да заведе жени.“ Затоа ќе ги забраните мачките и кучињата? Зошто на пример не го казните тој маж? Изгледа сте премногу зафатени со нарушување на приватноста на луѓето и контролирањето на нивните животи за да се занимавате со неколку мажи, кои ги користат нивните миленичиња за да ги вознемируваат другите.

Американ Беду, Американка и поранешен дипломат сега омажен за Саудиец, вели:

Мислам дека има многу посериозни проблеми на кои треба да се фокусираат и да дејствуваат, наместо на какво влијание ќе имаат миленичињата за зближување на половите.

Сабра, Американка кој живее во источната провинција на Саудиска Арабија, нема енергија за да пишува повеќе за оваа работа – но раскажува анегдота за заштита на животните на улиците:

Јас дури нема да се замешам во ова. Само ќе ја занишам главата и ќе промрморам дека живеам во зона без логика.
Пред два дена видов нешто многу пријатно кога јас и децата бевме надвор за нашата утринска прошетка. Пред да сртиме на аголот за да изодиме една од улиците видовме едно младо момче – Саудиско момче – и мачка. Младото момче – можеби имаше шест или седум години – кога ме виде дека доаѓам со мојата голема дога и црна, полна со енергија пудлица, брзо се наведна и ја зграби мачката – за да ја заштити да не биде искористена како жива играчка и се сокри помеѓу две куќи. Јас никогаш не би им дозволила на моите деца да се приближат на мачка за да ја повредат – јас имам цврста контрола над двата каиша – рефлекс секогаш кога забележувам мачка. Беше навистина трогателно – дури и пријатно – како младото момче направи таков напор да ја осигури безбедноста на мачката. [Само како забелешка, некои од „уличните“ мачки – кои ги има многу- ќе бидат како брмчење од пила во муцките на моите две деца, доколку им дозволам на децата да им се доближат.]

Меѓутоа Грејс, американска жена која живее во Ријад, ја гледа поентата во лимитирање на бројот на улични животни:

Јас морам да го кажам ова. Има толку многу улични мачки околу дипломатското претставништво што моето поранешно пријателство кон мачките сега е заменето со тотално гадење како што еднооката мачка излегува од контејнерите додека јас поминувам од таму секојдневно. Влегувам во зградата на мојот стан и мачиња ја блокираат влезната врата. Пред продавницата за прехранбени артикли толпа од мачиња се одгледуваат во еднакво вознемирувачки куп од ѓубре. Наречете ја културна разлика, но јас морам да кажам, генерално тука се чистат улиците многу добро и имаат одличен сервис за чистење. Но на мачките им е дозволено да се размножуваат по волја и фактот што сум тука ми овозможува да ја ценам контролата за животни.

Џон Бургес, поранешен американски офицер за надворешни работи кој блогира за Саудиска Арабија, објави пост за оваа работа и потоа во делот за коментари се шегуваше:

Меѓутоа, спротивно на нечии верувања, нема етимолошка поврзаност помеѓу зборовите „мут“ (џукела) и „мутава“.

За крај, Афке, холандски блогер, овозможува водич за користење на миленичињата за наоѓање партнер:

Особено за оние несреќни луѓе, заробени во место каде миленичињата ќе бидат забранети, еве курс за како да ги користите миленичињата за максимални резултати за договарање состанок… Зошто работата со миленичињата успева? По се изгледа луѓето се програмирани да изговараат „Ааааххххх, слаааткооо“ кога се соочуваат со мали, чупави, слатки, безопасни животинчиња. Затоа искористете го ова програмирање и најдете му дом на вашето милениче пред да биде доцна! И секако за сите други потпрете се на неколку навистина брилијантни, жешки, секси, романтични средби: Прочитај го ова!

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.