Африка: Африка ќе испрати трупи и пакети за помош во Велика Британија

По убиството на 29 годишниот маж, Mарк Дуган, во Тотенхем на 4 август, 2011 година, бесни жители во Лондон и други градови во Велика Британија излегоа на улиците предизвикувајќи немири и грабежи. Блогерите во Африка ги споделуваат своите перспективи, од кои некои со смисла за хумор.

Хајибо ги дискутира немирите со мала загриженост. Африканската унија, известува Хајибо, одлучи да испрати трупи и пакети за помош во Велика Британија:

Африканската унија денеска донесе еднострана одлука за распоредување на воени трупи и пакети за помош во Англија како што грабежите и насилството се прошируваат од Лондон во другите поголеми градови. Потпаролот Черити Кумало рече „Ние повеќе не можеме да гледаме како овие дивјаци се растргнуваат меѓу себе.“

Африканската унија, која се состана денеска на итна средба за да се дискутираат тековните нереди во Велика Британија, изјави дека тие ќе сторат „сѐ што е во нивна моќ за да помогнат да се врати цивилизацијата во Англија“.

Според Хајибо, Африканската унија исто така лансираше нова програма наречена „Посвој англиско дете“:

“На пример, ние лансиравме програма „Посвој англиско дете“, објасни Кумало, покажувајќи им на новинарите брошури кои ги содржат ликовите на англиските деца. „Доколку донирате приближно 50р месечно, ќе се погрижите оној мал сладок Џони од Пекам да добие основно образование, пакетче кондоми и пар одлични Најки.“

„Можете да разберете зошто тие се свртија едни кон други“, потпаролот им кажа на новинарите. „Гледате во огледало и гледате заби недопрени од модерната стоматологија. Доволно срцепарателно е да се натера некој да фрли цигла низ Старбакс“.

Во случај да не знаевте, Британија е понасилно општество од Јужна Африка:

Полициските власти во Јужна африка велат дека неодамнешни тврдења дека Британија е понасилно општество од Јужна Африка се доказ дека новата официјална политика на горење на списоци на судски процеси дејствува. „Сите тинејџери носат ножеви во Велика Британија“, рече потпаролот. „Фала му на Бога нашите тинејџери носат само пушки.“ Тој рече дека инциденти на фатално прободување со АК-47 се исклучително ретки.

Вака се бунтуваат во Велика Британија. Фотографија од The Urban Massive (OFM)

Како е можно Британија да биде понасилно општество земајќи ги во предвид стапките на убиства и силувања во Јужна Африка? Еве го одговорот:

„Да, Велика Британија има 900 убиства годишно додека ние имаме околу 19.000.“

„И да, Велика Британија има 50.000 силувања годишно, додека ние имаме 600.000.“

„Но доколку го прочитате нашето оперативно упатство ќе откриете дека таканареченото „убиство“ всушност претставува интерперсонално вознемирување кое вклучува непланиран потпомогнат срцев удар.“

„Тоа е повеќе медицинска несреќа отколку насилно злосторство. Несоодветен третман од лаици, доколку сакате.“

Вака се бунтуваат во Јужна Африка. Фотографија од The Urban Massive blog (OFM)


Мојсеј Кемибаро,
блогер од Кенија, вели дека британскиот премиер покажа двојни стандарди со предлогот да се забранат социјалните медиуми:

Затоа, предлогот на британскиот премиер Дејвид Камерон за да се забранат социјалните медиуми за бунтовниците во Велика Британија доаѓа како голем шок… Ова доаѓа од еден од лидерите на слободниот свет кој всушност го поддржуваше она што се случуваше во земјите кои ја почувствуваа Арапската пролет и кои доживуваат трансформациони демократски реформи во процесот- социјалните медиуми се клучни за случувањето на оваа трансформација. Јасно е дека станува збор за случај на двојни стандарди бидејќи социјалните медиуми може да се користат и за добро и лошо – дури и во Велика Британија.

Кумекуча ги предупредува жителите на Најроби кои се шегуваат во врска со нередите во Лондон:

Доколку живеете во Најроби предлагам бргу да се разбудите од вашиот длабок сон. Сум видел како седите пред вашиот телевизор подригнувајќи и правејќи шеги во врска со она што се случува во Лондон со тековните бунтови и безредие. Се чини дека ве воодушевува прилично бидејќи има нереди на улиците на главниот град. Оној кој не нарече нецивилизирани в лице по она што се случи тука во јануари 2008 година.

Неволја, Кумекуча забележува, може да се појави во секој момент во Најроби:

Како што го читате ова, инфлацијата е рекордно висока и кенискиот шилинг рекордно го допре дното. Покрај сето тоа (и медиумското влијание е пренасочено од ова преку бројните други работи кои се случуваат) цените на нафтата продолжуваат да растат без прекин. Дури и таканаречената средна класа ја чувствува топлината.

Од Јужна Африка, News Time има парче совет за Јужноафриканските политичари:

Развојот на настаните во Лондон и проширувањето на други делови од Англија треба да биде надгледувано од политичарите во Јужна Африка со цел да се даде поттик на потребата за промена која е потребна доколку оваа земја треба да одговори на тековните и идните предизвици.

Во овој поглед потребно е да се превземат итни чекори за да се поправи кривата линија која оди преку системот за криминална правда, војската и други безбедносни услуги кои се тековно заплеткани со прашања кои не, или не треба, да формираат дел од нивниот мандат.

Фиона Леонард, блогерка базирана во Гана и автор за Глобал Воисес, опфаќа актуелна тема на Твитер #iflondonwereinafrica (#аколондонбешевоафрика), која ги прашува твитерџиите како ќе реагираше светот доколку нередите во Лондон се случеа во Афричкиот главен град:

@T_Rouma: #iflondonwereinafrica ќе беше прогласен за воена зона.
@lebomashile: #iflondonwereinafrica ќе имаше знаци за предупредување за патување – единствените луѓе кои ќе излезат на патување ќе бидат бунтовниците & работниците за помош.
@lebomashile: #iflondonwereinafrica причините за нередите ќе бидат намалени на „племенско општество“ и/или „лоша влада“ од страна на меѓународниот печат
@KingNovaMiu: #iflondonwereinafrica Сериозни разговори за преместување на Олимпијадата во Австралија или некоја „побезбедна“ земја веќе ќе беа почнати


Таа предлага
Африканците да почнат да ги раскажуваат нивните сопствени поинакви приказни:

И можеби ние самите можеме да почнеме да кажуваме различни приказни:

#iflondonwereinAfrica регионалните земји ќе волонтираа за да поддржат колективно решение
#iflondonwereinAfrica соседите ќе ги отвореа вратите за оние на кои им се потребни
#iflondonwereinAfrica едно од првите поставени прашања би било – што може да направиме за да помогнеме?

Зошто насилството во Африка се третира поинаку?, Сарпонг Обед од Гана се прашува:

Кога „ксенофобичните“ напади се зачестија во Јужна Африка пред Светското првенство FIFA во 2010 година, ние бевме почестени со горчлив коктел од приказни за тоа колку небезбедни би биле странците кои сакаа да ги гледаат игрите и потребата да се преместат некаде на друго место на континентот. Дури и нападите врз Тоголискиот фудбалски тим во Ангола за време на Националниот куп во 2010 год. беа главни за повеќето западни медиуми да ја стават под знак прашалник безбедноста во далечната Јужна Африка.

За Сарпонг Обед, едно прашање останува:

Прашањето останува. Дали треба да ги преместиме Лондонските олимписки игри надвор од Лондон?

Неколку реакции од читатели на Nigeria Village Square:
Бамакује чека НАТО да реагира:

Чекам НАТО да почне да ја бомбардира Англија за да ги поддржи „бунтовниците“ и да го спречи Камерон од задушување на бунтот.
НАТО треба да ја таргетира улицата Даунинг и да го убие Камерон и неговото семејство… исто како што му прават на Гадафи.

„Каде е НАТО,” прашува Бењани:

Сѐ се враќа, сѐ се плаќа? Каде е Нато во сето ова? Италија/Франција/Шпанија/Португалија/Холандија/САД треба да ги испратат нивните вооружени сили во Лондон за да се борат против хулиганите/демонстрантите. Да се воведе зона без летови и без движење на авиони и вооружени тенкови.
На сите ни е јасно сега дека не може да се остават хулиганите/демонстрантите слободно да трчаат без обзир дали се работи за Лондон или Бенгази.

Блогерот од Гана, Нана Виреко, идентификува шест лекции кои треба да ги научиме од нередите:

#1 Кога му гори брадата на соседот, фрли вода и заштити ја твојата

Ок, паметите ли што рече британскиот печат пред светското првенство во Јужна Африка? Африка е џунгла… каде луѓето се јадат едни со други. Место од каде цивилизацијата не е нешто за што може да напишеш… место каде не може да се одржи фудбалски натпревар. Некои луѓе сеуште мислат дека Африка е држава. Хмм… Јужна Африка беше нападната од погрешни причини. За помалку од година, започнуваат Лондонските олимписки игри. Треба ли да кажам нешто повеќе? Кога вашиот сосед е долу, не го удирајте туку помогнете му да се крене. Британскиот печат треба да научи од ова. Ова е многу важна лекција!

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.