Мароко: Qandisha, женското веб-списание кое тресе перја

Веб-магазин за жени во Мароко предизвика мешаница поради искрениот третман на религијата и сексуалноста.

Пред година ипол Федуа Миски, која живее во Казабланка, го лансираше Qandisha, ново интернет списание за жените во Мароко па и пошироко. Активизмот за човекови права ја поттикнал оваа 32-годишна дипломирана лекарка да почне да се занимава со граѓанско новинарство. Оттогаш, магазинот стекна силна публика во Мароко и пошироко, но од неговото оформување веб-сајтот беше двапати жртва на хакери и привлече коментари и закани како одговор на темите кои ги покрива.

Во продолжение следува интервју со основачот на “Magazwine”, како што Миски го нарекува Qandisha за да ги поврзе зборовите „списание“ и „веб-магазин“. Интервјуто го даде за време на нејзиниот престој во Монпеље каде што беше за да присуствува на 3-та средба на 4M, конференција за медиуми кои доаѓаат од двете страни на Медитеранот во организација на CFI (Меѓународен канал на Франција) и Монпеље.

 

Fedoua Miski magazine qandisha

Федуа Миски, основач на веб-списанието Qandisha – фотографијата му припаѓа на авторот

 

Global Voices: Едно вообичаено прашање. Зошто го создадовте овa онлајн списание за жени?

Федуа Миски: За да понудам нешто различно. Постојат многу онлајн списанија во Мароко, но тоа е првото женско онлајн списание, без вообичаените теми убавина-мода-готвење. Тоа е всушност списание на соработка. Нашиот уреднички тим се нашите читатели. Најважно е да почуствуваш дека припаѓаш на списанието. Преку прашањата кои ги покренува, очигледно добива карактер на активистичко списание, универзални вредности, почитување на човековите права, индивидуалните слободи. Поконкретно, би сакале да ги повикаме оние жени кои сакаат да дискутираат или комeнтираат настан, без разлика дали е политички или општествен: Сакаме да ги поттикнеме жените да проговорат. Во арапско-муслиманските земји каде живееме, жените ретко имаат таква можност.

GV: Што означува името Qandisha?

Ф.М.: Тоа е име на еден демон од локалната митологија. Една жена која е демонизирана, зашто предизвикувала возбуда. Знаевме дека ќе не демонизираат и поради тоа го зедовме тоа име на жена-ѓавол. Се смета дека оваа жена ги демонизирала мажите со тоа што ги маѓепсувала. Всушност таа морала да биде една многу убава, силна жена. Сакале да ја изолираат и поради тоа ја демонизирале.

GV: На пример, која беше најчитаната статија на Qandisha?

Ф.М.:  Сведоштвото на една жена на којашто советот на косопствениците на зградата во којашто живее, во Агадир, ѝ забранил да прима посетители од машкиот пол во нејзиниот стан. Не би ѝ дозволиле да влезе во нејзиниот стан со нејзините пријатели. Ја поддржавме и охрабривме да тужи, работа што ја направи и која предизвика контроверзност околу моралот и индивидуалните слободи. Мароканската жена нема права на јавни места, но нема ниту во приватниот простор. Реакциите беа различни. Некои мажи и жени ја повикаа да ги почитува законите, други пак ја советуваа да се покори на општествените норми.

GV: Кои се вашите читатели?

Ф.М.: Неколку онлајн женски списанија во Мароко можат да се пофалат дека имаат толку машки читатели колку што имаме ние, зашто темите се општествени и социјални. Мажите би биле помирни, ако би биле посветени на модата, убавината и готвењето, ова би ги направило безгрижни. Во исто време, многу мажи нас не поддржуваат и се разбира мажи од самиот Мароко. Треба да престанеме да веруваме дека мароканскиот маж е прва класа мачо, постојат многу кои ја поддржуваат еманципацијата на жените. Статистиките ни покажуваат дека најмногу читатели имаме од Казабланка, а на второ место од Париз. Нашите статии се објавени во Courrier International, во Rue 89. Сега имаме соработници од Франција, Тунис и од Алжир. Би било извонредно ако би пишувале (на француски или на арапски) за нас и жените од другите националности.

GV: Се соочувате ли со проблеми поради вашите уверувања и темите кои ги обработуваат вашите статии?

Ф.М.: Двапати ја имаат хакирано нашата веб-страница, како резултат на статиите кои се однесуваа на верата и сексуалноста. Ја хакираа точно после објавувањето на сведоштвото на еден млад хомосексуалец кој живее во Мароко. Примаме анонимни коментари, закани, но се имаме навикнато на тоа. Противничкиот табор не поседува цврсти аргументи и се чуствува несигурно во своите уверувања.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.