Македонија, Бугарија: Денови на жалост по охридскиот бродолом

Македонската Влада го прогласи 6 септември за Ден на жалост по повод трагичната бродска несреќа на Охридското Езеро во која животот го изгубија 15 луѓе, туристи од Бугарија. Уредникот на македонската блог-платформа Блогерај ги сумираше реакциите на нејзини корисници:

Потона бродот ИЛИНДЕН на Охридската цивилна пловидба. Бродот сообраќал помеѓу Охрид и Св. Наум и превезувал туристи. Во спасувањето на патниците веднаш се вклучиле бродовите Галеб и Александрија.

Се прашувам како можат да емитуваат вакви снимки, дел од македонското новинарство не знае кај тера… Каде се казните за неетичко однесување? Каде е човечноста?

Вечен мир на денес починатите во бродоломот на Охридските води. Желби за брзо опоравување на преживеаните, и од физичките повреди, а уште повеќе од ужасот низ кој поминале.

Покрај тоа, Рефлексии изрази тага и срам плашејќи се дека причина за несреќата е неспособноста и неспроведувањето на законите од страна на државата.

Пишувајќи врз основа на нејзинито искуство како лиценциран туристички водич, Василка Димитровска укажа дека преполнување на пловила не е ретка појава на Охридското Езеро. Таа нагласи дека:

Во светот на туризмот не е дозволено да се импровизира. Основната разлика помеѓу турист и авантурист е што првиот плаќа однапред за да биде сигурен во својот аранжман и без драматични меандрирања го помине својот однапред испланиран одмор.

Медиумскиот експерт Сеад Џигал на блогот Комуникации го напиша следното од Билјанини Извори:

Се работи за медиуми деградирани на ниво на гласила на министерства, портпароли, служби и слични центри на моќ. Смешно а жално беше да се види како овие ГЛАСИЛА едно по друго, во бихејвиористичка трка со човековата способност да синтетизира и организира информации во глава, пласираа соопштенија и изјави кои требаше ама секоја фрикин институција да ја амнестираат од одговорност. А скапаницата од бродот (година на производство 1924, тогаш кога Хитлер почнал да ја пишува Meine kampf) ги имаше сите можни уредни дозволи од нашите „служби“ и превезуваше патници по своја, а не дозволена проценка, со сѐ двата појаси за спасување. Е за тоа никој не беше одговорен, сите си се си направија „пу-пу-пу“ и продолжија да си врват по своето и да гледаат фудбал. Ако има кривични пријави за „извршителите“ (кормиларот и помошникот), мора да има одговорност и до нивните „институционални соучесници и покривачи“. Тоа прашање никој не го постави. Јавниот сервис беше комуњарски билтен и журнал каде кој министер бил и на каков начин изразил сочуство. Сервис е, но јавен не е, се работи за сервис на инситуциите на власта, која и да е, сиве овие години наназад. Конвенцијата од министри може да се разбере само како суров политички PR. Ако имаш надлежности, работи ја својата работа а информациите пласирај ги преку службата за односи со јавноста, преку портпарол, што и да е. Ако немаш надлежности, не се експонирај како некаков „благороден набљудувач на трагедијата“. Оние кои се нурнаа во вода, фрлија појаси за спасување, оние кои покажаа човечка добрина и доблест, сите (0свен една госпоѓа, за волја на вистината) останаа анонимни. Важно ги видовме министрите кои беа тажни, а сѐ што надлежниот министер конкретно направи беше да повика експерти од Хрватска.

Конечно, ете што ви прави (по моја лична претпоставка присутната) корупција и врски: дади му на човек право да цеди профит како што ќе му текне, и тогаш ни човечките жртви не изгледаат многу скапо во очите на ваквите бизнисмени. Значи, не знаете утре дали ќе биде брод, авион, храна или лек: жртва на законското и моралното пропаѓање може да биде секој граѓанин на оваа земја.

Во текот на летото, неколку несреќи со пловни објекти и давења доведоа до смрт на неколку македонски граѓани, без последици по локалните одговорни лица и без политички последици. Овој пат, министерот за транспорт и врски ја понуди својата оставка веднаш по инцидентот.

Фотографијата на насловната страница е од Mega Star, користена под Криејтив комонс лиценца

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.