Македонија: Прослава за победата во кошарка врз Литванија

Прославата за пласманот на Македонија во полуфиналето на Европскиот шампионат во кошарка се прелеа од македонските улици, тераси и плоштади во блогосферата.

Блогот Огледало на една душа објави слики и видеа од прославата за победата на македонскиот национален тим врз домаќинот, Литванија, на Еуробаскет 2011, каде еуфоријата беше уште поголема отколку кога ја победија Грција.

Barabbas смета дека ова е клучен момент за неговата генерација, „нешто што ќе се раскажува на наредните поколенија.“

Политичарите од владејачката партија не останаа покуси во прославувањето на победата. Македонскиот претседател веќе им додели медали на играчите во отсуство, додека пак владата со парите од даночните обврзници купи билети за 150 „професионални навивачи“ избрани по случаен избор да отидат на натпреварот.

Граѓаните ја изразија својата фрустрација поради бесрамниот недостиг на транспарентност и отчетност, особено кога некои од провладините медиуми зборуваа за купување билети „на своја сметка“, како министрите да ги платија од свој џеб. Чартер летот за оваа наводно политички-поврзана група беше спонзориран од турската авио-компанија TAV, еден од најголемите инвеститори во Македонија. Според Netpress, „избраната“ банда се степала на авионот и ја загрозила безбедноста, така што на повратниот лет авиопревозникот на 11 од нив не дозволил да се качат.

Исто така, државниот буџет го финансираше и огнометот кој се пушти за време на прославата на главниот плоштад во Скопје:

Корисниците на социјалните мрежи ја раширија следнава шега која се однесува на општата ниска запознаеност на светот надвор од Балканскиот регион со географската положба на Македонија (повеќето од Македонците кои биле во странство можат да споделат приказна за тоа како запознале луѓе кои врска немале каде се наоѓа Македонија, или пак претпоставиле дека е остров некаде во Африка или нешто слично).

- Од каде си?
– Од Македонија.
– А каде се наоѓа Македонија?
– Во полуфинале!!!

Билјана, која е корисник на Твитер, исто така забележува [српски] дека славењето се раширило до Србија [српски] – прв таков историски чин на „реципроцитет“. Повеќето од македонските спортски навивачи обично навиваат за сите тимови од поранешна Југославија кои стигаат до меѓународните натпревари кога не играат против Македонија.

Сепак, во изминативе неколку дена корисниците на Твитер беа вознемирени поради неочекуваните понижувачки коментари кои излегоа во некои медиуми од овие држави.

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.