Хром пречекан со пофалби и критики во Средниот Исток

Гугл се приклучи на играта со прелистувачи со лансирање на својот прелистувач, Хром, со позитивни пофалби и неколку критики. Бесплатниот прелистувач, кој моментално е достапен само за Виндоус, предизвика бура не само во медиумите, туку бура и кај блоговите, насекаде низ светот. Блогосферата на Средниот Исток и Северна Африка, секогаш брзо реагира на големите вести, веднаш започна со дискусија за Хром и нема запрено од тогаш.

Фанови

Мноштвото блогери го обожаваат прелистувачот, барем до сега. Ентузијазмот на иКувајт постојано расте:

Можам да се навикнам на ова, кликнете на сликичката за да дознаете повеќе за Хром.
Дури ми се допаѓа и иконата
Новости: Дечки мора да го пробате ова, едноставно е перфектен, конечно го најдов мојот совршен прелистувач.

Исто така од Кувајт, Неколку разлики мисли дека Гугл направил паметен потег:

Како што сугерира насловот, Гугл создаде прелистувач. Паметен потег Гугл. Во нивното претставување тие рекоа бидејќи денес се што правиме онлајн е во прелистувач; имејл, чат, сајтови итн… тие можат да создадат свој прелистувач и да го развијат од почеток .

Тунискиот блогер Субзеро блу, кој исто така е фан на производот, го објаснува неговиот интерфејс:

Прелистувачот го користи WebKit рендерирачкиот енџин, V8 JavaScript виртуелна машина, оптимизиран пристап кон јазичињата (табови), почетна страница која ги прикажува најпосетените сајтови и серија од можности за сигурност и приватност; како додаток на другите интересни можности.

Мислам дека ова е навистина ветувачки производ од Гугл; и не можам да дочекам да видам како ќе продолжат со негово развивање и што ќе направи за веб-апликациите.

Исто така од Тунис, Ау Монде дес Мервеилес [француски] е импресиониран:

Откако го тестирав Гугл Хром, заклучив дека е единствениот вистински конкурент на Фајрфокс.

Критики

Други блогери се загрижени од Хром. Мароканскиот блогер за технологија, Тинкервин ги наведува овие работи:

Моите први впечатоци од прелистувачот: лесен и брз, стабилен и едноставен за користење. Сепак има уште многу работи кои треба да се подобрат. Сѐ уште има многу багови (справувањето со javascript и SSL/Certificates), сѐ уште му недостасуваат неколку можности (Java VM, екстензии и теми, организација на обележувачите, прокси менаџмент, RSS).

Блогерот заклучува:

Ќе чекам на следните верзии за да видам како ќе се подобрува, но сепак Хром не е доволно развиен за да го замени Фајрфокс како мој основен прелистувач.

Од Катар, АмарТок [арапски] наведува зошто тој е загрижен за прелистувачот. Некои од нив се:

2. Гугл Хром не подржува RSS
3. Има многу правописни грешки направени од тимот за преведување во делот за објаснување на можностите на прелистувачот.
4. Идејата да се промовира преку приказна е одлична, но мислам дека можностите на прелистувачот треба јасно да му се прикажат на корисникот – и не преку маркетинг приказна, која корисникот можеби нема да ја прочита докрај.

Бакуз од Јордан мисли дека Хром е добар, но е резервиран во однос на тоа:

Во секој случај, потребно е да се навикнеш на Гугл Хром, интерфејсот е многу едноставен до тој степен што станува и конфузен, на пример копчето „Дома“ не е видливо и мора да го додадете самите преку опциите. Друга работа што можеби е збунувачка за почетниците и новите корисници е отсуството на традиционалната лента со алатки. Друга работа е недостигот од опаѓачко мени за последно-посетени сајтови, Хром го компензира тоа со користење на опција за автоматско дополнување, која ќе се обиде автоматски да ја дополни адресата која ја впишувате веднаш по внесување на првите букви, но сепак ова може да биде незгодно.

За повеќе рецензии за Хром, надвор од традиционалните медиуми, може да се посети палестинскиот блог Документирани сеќавања, кој споделува површи рецензии од целиот свет и објавува:

Тотално сум вљубен во Хром, всушност ги замени сите мои други прелистувачи и е број 1 прелистувач за мене. Веќе го користам само него на сите мои компјутери.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.