Србија: Откажана парадата на хомосексуалците

Парадата на хомосексуалците 2009 (Gay Pride Parade 2009), којашто беше закажана да се одржи во центарот на Белград на 20 септември, беше откажана од страна на организаторите.

Пред неколку дена, прес службата на претседателот на Република Србија, ја објави својата изјава на неговиот официјален сајт. Изјавата беше објавена поради бројните, сериозни закани кон хомосексуалната (LGBT) популација од страна на навивачите на фудбалските тимови Партизан и Црвена Ѕвезда, како и од членовите на некои неонацистички (neo-Nazi) групи. Подолу следи извадок:

[…] Владата ќе направи се за да ги заштити граѓаните, без оглед на нивната етничка, религиозна, сексуална или политичка ориентација, затоа што ниедна група […] не смее да ја земе правдата во свои раце и да ги загрози животите на оние кои мислат поинаку или се поинакви.

Во Србија, „Уставот, законите и јавниот ред и мир, почитта и секој напад на армијата, полицијата,новинарите, официјалните лица и другите граѓани нема да се толерираат и ќе бидат преземени сите неопходни мерки против заканувачот.“

Само еден ден подоцна, шефот на полицијата Милорад Велјовиќ издаде соопштение во коешто објаснува дека е оценето, на основа на безбедносната процена од министерството за внатрешни работи и други безбедносни служби на Република Србија, дека собирот во центарот на Белград е екстремно ризичен и може да претставува закана по јавниот ред и мир во градот.

Организациониот одбор на парадата не се согласи да ја промени локацијата на собирот. По тој повод, одборот издаде соопштение и ја опиша одлуката. Еве еден извадок:

[…] И покрај тоа што во полициската одлука беше препорачано настанот да се одржи на друга локација, како на пример на Ушќе [устието на Дунав и Сава], или на просторот спроти палатата „Србија“, апсолутно е јасно дека парадата е забранета. Иако високите официјални лица ги поддржуваат изјавите во кои што сите социјални групи, вклучувајќи ја и геј заедницата, можат слободно да ги изразат своите ставови на јавни места, ова се само зборови без всушност да се направи нешто.

Власта во Република Србија формално призна во нејзината одлука, дека државата е неспособна адекватно да ги превенира и да ги казни заканите од клерско-фашистичките организации. Исто така државата е неспособна да им ги овозможи правата на граѓаните кои им припаѓаат според Уставот. […]

[…] Државата падна на основниот испит. Треба да се очекува повторно испитување. Многу набрзо. Република Србија се предаде. но ние не.

Во саботата, на 19 септември, ултра-националистичката организација „1389“ (името на групата се однесува на Битката на Косово, (којашто се случила во 1389) издаде соопштение во „E-весник“ (Е-novine) веб-сајт којшто го објави. Меѓу другото, тие напишале:

Ова го сметаме за голема победа на нормална Србија и на граѓаните против заканите и насилствата. […]

[…] Како што беше објавено, активистите на српското народно движење 1389 и движењето „Наци“ (Nazi) ќе се соберат на платото спроти Филозофскиот факултет утре во 20.00 часот и ќе учествуваат во настанот наречен „Апсолутно ненасилна народна се-Српска партија на сексуално не-девијантни лица (Absolutely unviolent popular all-Serbian Party of sexual not deviant persons)“

Ги повикуваме граѓаните масовно да дојдат во белградските улици утре за да се осигуриме дека неверниците и сатанистите нема да чекорат по улиците на нашиот град.

Оваа изјава и полициската одлука предизвикаа многу реакции, не само од геј-популацијата, туку и од српската јавност. Блогерите реагираа и на двете.

Јасмина Тесановиќ напиша:

Како што видов на вестите на B92, членовите на клерско-фашистичката група „1389“ одеа по улицата Кнез Михајло, собирајќи се на платото и ја посетија црквата Свети Сава. Исто така подоцна, истата вечер, победата на српскиот кошаркарски тим беше прославена низ белградските улици со хистерични извици „Србија, Србија“ и подигање на три прста.

А ние, забранети и невидливи, како и да е, ама не Србија, седиме на палубата на бродот којшто тоне.

Денеска во 11, можеше да биде 6ти октомври, но не 1389. Како и да е времето не е линеарно туку прогресивно. Само се прашувам каков бил Белград во 1389. Веројатно не бил насилен и глупав. Време е во Белград да се случи стимпанк (steampunk) револуција!

Среќко Секелиќ напиша:

[…] Српската извршна власт, олицетворена во премиерот и безбедносните служби, олицетворени во шефот на полицијата, ставија до знаење на хартија дека немаат контрола на улиците во нивниот главен град. За тоа време, министерот за внатрешни работи и потпретседателот на владата Ивица Дачиќ, избегаа од земјата додека не се смират работите. […]

[…] Ова признание предизвика шокирачкa потврда за тепањето на странците во центарот на Белград. […]

Круголина Боруп го изрази нејзиниот став со острина и иронија:

Каква влада сте ако не сте способни да заштитите 500 луѓе. Не ми кажувајте дека не можевте да обоите во розово 500 панцири, шлемови и гас-маски и да ги распределите на нас, лудаците, само во земја која беше храбра да им даде отпор на тираните.

Каква влада сте ако немате на ум да застанете на првата линија, сите 25 или и колку да сте, затоа што ова одамна не е прашање за геј парадата, туку се претвори во парада на борба против насилството. […]

На крајот од нејзиниот пост, таа му се обрати на Зоран Ѓинѓиќ, поранешниот премиер и претседател на Демократската партија, кој беше убиен во 2003 од мафијата која беше поддржана од некои политичари, кои беа маскирани како неговите политички партнери, според голем број на познати личности, обични граѓани и политички партии, бидејќи тој сакал да ги среди сметките со нив и да ја однесе земјата во Европската унија најбрзо што може:

Oх, мој Ѓинѓиќ… овие твои наследници… не предадоа и тебе и мене. Како што кажа: „Ако некој мисли дека ќе го задржи извршувањето на законите ако ме убијат, тогаш тој се залажува и себе си и другите затоа што јас не сум системот. Системот ќе продолжи да функционира и никој нема да биде амнестиран за неговите злосторства па дури и еден или двајца државници да бидат убиени.“

Oх, мој Ѓинѓиќ,… те убија и предадоа, мили. Овие кукавици не само што не го претставуваат системот – не чуле за него. Се плашат да не бидат убиени, како што те убија тебе, ако застанат на првата линија на Гордата колумна. Кукавици, кукавици, кукавици!

Круголина го завршува нејзиниот пост со горчливите и саркастични стихови од познатиот српски автор Ѓорше Балашевиќ, кој ја поддржа демократската револуција во Србија од октомври 2000:

Оди Европо, не си го пусти времето на нас.
Не барај многу, ќе добиеш лоша репутација.
Оди плането, одлично ни беше заедно.
Добро сме, како што заслужуваме.

Kруголина Боруп го напиша ова во друг пост поврзан со откажувањето на геј парадата:

Вести: Српското народно движење 1389 испрати масовна имејл порака до сите белградски канцеларии на медиумските и издавачките куќи дека ќе платат за фотографирање на учесниците на парадата. Тие имаат намера да го објават тоа, за да можат родителите да ги препознаат сексуално девијантните лица и да ги заштитат своите деца од нивното влијание.

На овој пост, Kруголина стави своја слика како одговор на „1389“ и напиша дека отсега натаму и таа е лезбијка.

Небојша Спаиќ напиша:

Државата е:
1. слаба и беспомошна
2. тоталитарна и репресивна
3. глупава и неспособна
4. преплашена
5. националистичка и конзервативна
6. се претходно наведено

Претседателот Тадиќ не мисли така. Меѓу другото, за откажувањето на парадата тој рече:

Имаше недоразбирање во јавноста и погрешно толкување. Србија, како држава, никогаш нема да попушти пред заканите и оние кон кои ги упатуваат […]. Државата понуди безбедносни услови, најмногу што може, за да се одржи парадата и Србија како и секоја друга држава во Европа инсистира на заштита на човековите права на сите нејзини граѓани, како што кажав многупати, независно од нивната национална, политичка, религиозна или сексуална ориентација. […]

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.