Справувањето со кризи и улогата на ИКТ

Што е справување со кризи? Кои се различните фази што ги вклучува? Терминологијата може да се разликува во зависност од тоа каде се наоѓате. Во Нов Зеланд, на пример, станува збор за 4 термина, подготвеност, одговор, реконструкција и намалување. На други места, како Индија, тоа би можело да биде како на графиконот:

Без оглед на терминологијата, неспорен факт е дека во денешно време има голема потреба за ефикасно управување со катастрофите и подготовка за сè поголемата зачестеност на различни природни катастрофи ширум светот.

Во серијата на постови, ние ќе ја трагаме и испитуваме зголемената улога и влијанието на ИКТ во областа на справувањето со кризи.

Лауреатот на Нобелова награда, Р. К. Пачаури обраќајќи се на петтото свикување на Dhirubhai Ambani институтот за информатички и комуникациски технологии (DA-IICT) во јануари 2009 година, укажа на потребата на ИКТ во справувањето со природните катастрофи и за другите настани поврзани со временските околности кои можат да го загрозат човечкиот живот и имотот:

[…] Климатската наука напредна во голема мера поради тоа што моќните компјутери сега можат да работат многу сложени модели кои ги симулираат климатските услови на земјата и на океаните. Нашата процена за идните промени на климата како резултат и на природните и на човечките фактори, во голема мера зависи од силата на модели кои се користат денеска и нашата способност да се оцени влијанието на климатските промени во различни делови од светот. Како одговор на идните проекции на овие настани, владите, граѓанското општество па дури и бизнис организациите можат да преземат ефективни мерки за да се прилагодат на промените што ќе се случат.

Цитирајќи пример од 2003 година, д-р Пачаури рече:

„Сакам да дадам пример од голем топлотен бран кој зафати делови на Андра Прадеш во 2003 година, како резултат на кои речиси 4.000 луѓе ги загубија своите животи, според официјалната евиденција.“[…]

„Проучувајќи го овој голем проблем, стана јасно дека инфраструктурата на ИКТ можеше да ги спаси можеби сите животи кои беа изгубени ако беше поставена на соодветно место и употребена ефикасно. На пример, немаше рано предупредување за жртвите од топлотниот бран. Ниту пак имаше поддржувачки мерки во смисла на обезбедување на медицински совети за оние кои страдаат од стрес од топлина, како што е потребата за терапија од дехидрација и едноставна здравствена нега за оние кои беа погодени. Дури и телевизиските канали можеа да бидат искористени за да се шири свеста и да се шират информации за заштита на животите на тие што беа погодени, но не беа употребени.

Има неколку примери за крајбрежни катастрофи каде што погодените луѓе можат да бидат предупредени на навремена основа и да бидат евакуирани пред катастрофата да го зазеде своето место. Кога ураган удира на брегот од Флорида, инфраструктурата која е на располагање се користи за да се обезбеди адекватно предупредување и опомена за оние кои можат да бидат засегнати и цели градски подрачја се евакуирани. Кога циклон со помал интензитет ќе ги погоди бреговите на Бангладеш или Ориса, настанува голема штета, бидејќи не само што има недостаток на засолништа и инфраструктура за куќите на оние кои се засегнати, туку и нема соодветни системи за рано предупредување и насоки.

Денес дури и од мобилните телефони може да се користат како ефективен медиум за да обезбеди рано предупредување и со тоа да спасат животи и имоти“.

Генералниот секретар на ОН Банки Мун зборувајќи на Telecom World 2009 во Женева, исто така ја истакна улогата на ИКТ во решавањето на клучните прашања, вклучувајќи ги намалувањата на природните катастрофи.

„Преку добра климатска наука и споделување информации, ИКТ може да помогне да се намали ризикот и влијанието на природните катастрофи….. кога ќе се случи земјотрес, координиран ИКТ систем може да го следи развојот на настаните, да испрати порака за итни случаи и да им помогне на луѓето да се справат со катастрофата.“

Изјавата на генералниот секретар на ОН ја одекнува парадигмата за справување со катастрофи спомната во презентацијата на Сујит Моханти од 2005 година:

  • Од помош и оправување до раководење со ризикот и ранливоста
  • Воведување култура на подготвеност на сите нивоа
  • Зајакнат децентрализиран капацитет за реакција во земјата
  • Еманципирање на ранливите групи и обезбедување на доволен приход за живот
  • Учење од катастрофите од минатото

Во последиците од големите природни катастрофи, како што беше цунамито во 2004 година во Индискиот Океан и ураганот Катарина во 2005 година, светот беше принуден да се разбуди за потребите од координирана и заедничка употреба на моќта на ИКТ системите во справувањето со природните катастрофи.

Пол Курион на humanitarian.info изјави дека:

„Во пресрет на ураганот Катарина, имаше неверојатен број на активности на веб за да се одговори на последиците од катастрофата. Испитувајќи ги карактеристиките за одговор на техничката заедница за ураганот Катерина, ни кажува многу за начинот на кој интернетот ги обликува социјалните одговори за катастрофите, развива некои интересни прашања за влијанието на ИКТ во справувањето со кризи и покажува кон она што може да се случи во иднина.“ […]

„Беше јасно дека по цунамито во Индискиот океан информатичката револуција започна процес на менување на начинот на кој ние одговараме на катастрофите. Ова беше демонстрирано со порастот на фондот за собирање на финансиски средства базиран на интернет; Christian Aid собра преку 700 000 долари онлајн за девет дена, износ кој речиси е четири пати поголем од износот кое беше собран преку донации по телефон. Ширењето на широкопојасен интернет, напредокот во сателитско комуницирање и достапноста на слики ги направија можни проектите за географски информациски и картографски системи, кои не беа возможни пред пет години. Подемот на движењето на слободен софтвер, доведе до иницијативи како што е Sahana проектот, обид да се развие пакет на веб достапни апликации за организации кои помагаат при катастрофи.“

Currion продолжува да зборува за „кој прв реагира на интернет“, за нетизените кои започнуваат акции за пополнување на празнините во информациите, што владите на соодветните земји па дури и традиционалните медиуми често се борат да ги пополнат. Како и да е, со оглед на високиот прилив на информативни постови за Катарина, беше очигледно дека многукратните потоци на податоци ќе беа многу поефикасни доколку беа средени, консолидирани и поставени од поцентрализирана платформа. Така видовме иницијативи како Katrina PeopleFinder проектот и Katrina Help Wiki кои влегоа во игра.

Во контекст на ова, не би било неправедно да се каже дека блогот South-East Asia Earthquake and Tsunami (SEA-EAT), поставен во 2004 година за време на цунамито во Индискиот океан, претставуваше тренд сетер од овој вид – првиот проект од таков вид кој ја демонстрираше моќта за ангажирање на обичните луѓе ефективно да наоѓаат информации со цел да го премостат јазолот помеѓу оние кои им треба помош и оние кој ја нудат помошта. Според Дина Мехта, еден од клучните луѓе позади SEA-EAT блогот.

„Мислам дека она што успеавме да го направиме, можеби беше демонстрација на најголемиот човечки координиран напор на интернет за време на катастрофи, дека е возможно и без формална организациона структура. Исто така има нешто и во способноста на овие напори да се вклучат обичните граѓани од сите сфери во животот – луѓе кои не се нужно посветени или пак не работат во таа област – повеќето од нас имаат различни професии и редовни работи – едноставно постоењето човечка потреба да се помогне.

Додека блогот SEA-EAT се фокусираше на „продолжување на протокот на информации“ системот за справување со кризи на Sahana FOSS во Шри Ланка функционираше како структуриран, холистички систем кој помогна во справувањето со катастрофите со голем размер во 2004 година. Проектот беше развиен од Националниот Центар за Операции на владата на Шри Ланка (CNO) која го вклучува и Центарот за Хуманитарни Агенции (CHA). Генерализирана подоцна за глобална употреба, Sahana сега прерасна во глобално препознатлив проект со употреба во многу други катастрофи, како што е Јужно Азискиот земјотрес во Пакистан (2005 година), катастрофите на Филипините на Јужен Лејте (2006 година), земјотресот во Џакарта во Индонезија (2006 година), земјотресот во Перу (2007 година), циклонот Муанмар (2008 година) итн.

Во 2005 година, Мајкл Гурстеин на институтот за технологија од Њу Џерси го напишал неговото размислување за иницијативите базирани на интернет и она што тој го гледа како празнини во овие ситуации:

„Истражувајќи го интернетот за информации и стории бев погоден од неколку работи вклучувајќи ја улогата (и недостатокот на улогата) на интернетот во овие настани. Интернетот се покажа дека игра значајна улога во одговарањето за потребите на оние кои се на далечина – трагачите по информации, стории, начини за придонес и така натаму; семејствата и пријателите на погодените од катастрофата со обиди за создавање на листи за најдените и изгубените; и се очекува дека зад сцената многу од координацијата и планирањето на организациите за помош е направено на начин кој ги поместува границите на компјутерски посредуваната комуникација и управувањето на далечина.

Но претпоставувам дека сум малку изненаден што интернетот не беше во можност (сè уште?) да ги спои информациите поделени помеѓу оние кои имале некаква идеа за тоа што можеби ќе се случува (научниците и тие што се веднаш на удар) и оние кои можеби биле во можност да ја употребат таа информација во места каде катастрофата зазема значајно време пред за да се случи.

Проблемот тука не беше поради „дигиталниот јаз“ кој постои, не беше поради недостаток на „пристап“ до информации, иако очигледно тоа исто така беше целокупен проблем; баш напротив, мене ми се чинеше дека е уште еден пример како што јас наведов на друго место, празнина помеѓу „пристапот“ и „ефикасната употреба“… Од она што можев да го дознам, многу ако не и најголемиот дел од заедниците имаа интернет „пристап“ во една или друга форма. Она што (тука јас би ги вклучил оние со знаења кое не можат да го употребат добро како оние без знаења) недостигаше, беше социјалната инфраструктура која би можела да го сврти интернет пристапот во „ефикасно употреблив“ систем за рано предупредување.

Некои имаа информации – научниците кои ги откриваат земјотресите и кои можат да сфатат како тоа може да резултира со цунами и оние кои го почувствувале раното влијание на земјотресот или на цунамито – но не можеле да ги употребат. На други им беа потребни информациите – крајбрежните села околу Индискиот океан – не можеле или не биле во можност да ги „добијат“ т.е. не навремено или во употреблива форма. „Степените на поделеност“ наметнати од страна на националноста, јазикот и можеби најважното, домени на знаења и професија (и поврзаните недостатоци на социјални врски, односи базирани на интернет, комуникациски патишта и така натаму) спречуваат комуникација помеѓу двете групи и се наметнува прашањето дали тоа е така бидејќи сè уште сме во раните денови во нашиот интернетизиран свет или пак е нешто подлабоко и потрајно. (Мајкл Гурстеин , весник на информатичката заедница (2005), бр.1, прашање 2, стр. 14-17)“

Следејќи го губењето на животи во тајфунот Кетсана што ги погоди Филипините, Виетнам и Камбоџа во октомври 2009 година, Пол Конели го објави следново на неговиот блог „Главата доле, очите отворени“:

Во многу сиромашни погодени предели нема пристап до телевизија или радио (или пак интернет) за да помогнат при испраќањето на предупредувачки пораки. Агенциите за помош мораат да работат со заедниците за да дознаат кои методи за комуникација им одговараат на нив во случај на вонредна состојба и да стартуваат симулирани вежби за да го остварат тоа во практика. Најчесто СМС пораките или луѓето испратени на улиците со мегафони за да пренесуваат информации, како што беше случајот во овие итни случаи, се покажуваат најуспешни.

[…] Раното предупредување, раната реакција во земјите во кои постои висок ризик за катастрофи треба да се гледа како начин на размислување, не како механизам или технологија, најдобро работи кога времето е предвидено, предвидувајќи ги катастрофите во ден, час, месец, година па дури и декада. Исто така мора да е цврсто поврзано со рани акции од донесувачите на одлуки и мораат да ја покриваат „последната милја“ – поврзување со механизмите за рано предупредување не само со заедниците кои се во најголем „ризик“, туку и со најранливите луѓе во тие заедници.

Зајакнувањето на капацитетот на заедницата за да се спречи или за да се справи со катастрофите и кризите претставува конкретен начин да се спасат или подобро да се заштитат животите и да се спречат ваквите шокови од осакатување на развојот во рамките на најсиромашните земји. Раното предупредување и раното преземање на акции е исто така поекономично од традиционалното справување со катастрофи и спасува повеќе животи на секоја потрошена фунта; јавните пари овозможуваат 4 пати поголемо „влијание“ него хуманитарното, ако се потрошат на подготовка и намалување на ризикот, отколку на хуманитарни елементи.“

Во Индија, цунамито од 2004 година беше повик до владата, невладините организации и граѓанското општество да предизвикаат промена на парадигмата и да сфатат дека подготвеноста беше клучот за минимизирање на одарот од природните катастрофи.
За да се овозможат подобри планирања и подготовки, Индиската мрежа за ресурси при катастрофи [idrn.gov.in] беше формирана како национална иницијатива на India-UNDP програмата за управување со дигиталните права, во соработка со Националниот Центар за информатика, владата на Индија. Задача на оваа мрежа беше да создаде онлајн база на податоци за опремата и квалификуваните човечки ресурси низ целата земја достапни за одговор во итни случаи. Улогата на оваа амбициозна, но сеопфатна база на податоци ќе биде да се помогне да се минимизира времето за одговор во итни случаи, преку ефективно одлучување за мобилизирање на материјални и човечки ресурси. Проектот беше да се обезбеди систематско собирање на податоци и споредба со владините одделенија, единци од јавниот сектор, од корпоративниот сектор и слично на административно ниво. Други започнати иницијативи се:

  • Базата со подароци за опрема при катастрофи (имплементирана во Ориса) која ќе им овозможи анализа за ранливост преку долга студија на гео-референцирани пописни податоци на локално ниво од претходните катастрофи (мали, средни и големи).
  • Планови за непредвидени ситуации на заедниците базирани на ГИС технологии, што ќе овозможат визуелна презентација на критични локации, кои може да се употреби за координација и имплементација при обиди за спасување.
  • Развој на комуникациска инфраструктура за да се обезбеди 100% покриеност на подрачја склони на катастрофи преку сателитски и ISDN врски.
  • ИКТ системи базирани на заедниците и
  • Систем за надгледување на катастрофа/инцидент што ќе овозможи брзо, лесно фаќање на податоците и нивно распространување.

Еве еден пример за имплементација на оваа стратегија/филозофија на подготвеност од страна на NBO во Тамил Наду по цунамито во индискиот океан во 2004 година:

Во следниот пост од серијава, ние ќе истражуваме системи за предупредување од опасности и различни алатки и апликации базирани на ИКТ, кои биле употребувани, се употребуваат или пак можат да се употребуваат како системи за рано предупредување за да се помогне при намалувањето и ублажувањето на штетите во екот на природни катастрофи низ светот.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.