И деј: Откривање на омилените зборови на славните

Што имаат заедничко пејачката Шакира, актерот Гаел Гарсија Бернал, готвачот Феран Адриа и писателот Марио Варгас? Тие се дел од групата на 30 славни личности, кои преку видео ги споделија своите омилени зборови на шпански, како дел од прославата на денот „И деј“ (E Day) организирана од страна на Институот Сервантес.

Институтот Сервантес за шпански јазик започна да го слави шпанскиот јазик со редица културни и образовни настани одржани во своите институти насекаде ширум светот за време на викендот, кој што е најблиску до летната сончева пресвртница; оваа година ќе се падне на 18ти јуни, 2011.

Подготвени за прослава на И деј

Преку нивниот веб-сајт тие успеаја да го привлечат вниманието на говорителите на шпанскиот јазик насекаде низ светот, кои гласаа за нивното омилено видео и решаваа крстозборки со другите посетители на сајтот, надевајќи се дека ќе освојат патување за двајца во Андалузија, Шпанија.

Видеата на кои славните ги изговараат нивните омилени зборови станаа една од главните атракции за популаризирање на настанот, дури и во оние земји каде што нема Сервантес Институт видеата беа прикажани на телевизија:

En esta tercera edición, contamos con el apoyo y participación de treinta personalidades de los más diversos campos del saber, que han compartido con nosotros lo que supone para ellos hablar español. Por ello, animamos a todos los hispanohablantes a que participen en esta iniciativa eligiendo una de las palabras de nuestra lengua que nuestros más ilustres han considerado su favorita.

Во ова трето издание, сметаме на поддршката и учеството на 30 славни личности од различни области на познавање, кои со нас споделија што за нив значи да зборуваат шпански. Од таа причина ги охрабруваме сите говорители на шпанскиот јазик да учествуваат во оваа иницијатива со тоа што ќе одберат еден од зборовите кои им се омилени на нашитe ѕвезди.

Насловите на сите видеа се секако на шпански: доколку сакате да ги прочитате на друг јазик, ве молиме кликнете на опцијата за преведување наслови на видеото на Јутјуб.
Колумбиската пејачка Шакира стана позната во целиот свет со нејзиното пеење и танцување; неодамна на светското првенство во фудбал песната Вака Вака го придружуваше звукот на вувузелите на стадионите и во домовите низ целата планета. Во ова видео, таа објаснува зошто баш зборот „мeлозвучен“ е нејзиниот омилен збор на шпански.

Луѓето можеби го помнат мексиканскиот актер Гаел Гарсија Бернал како Че Гевара во „Дневниците на мотоциклистот“, или пак можеби го паметите како ексцентричниот Стефан во филмот на Мајкл Гондри „Наука за спиењето“: неговиот омилен збор „Querétaro“, за овој натпревар, ја доби поддршката на илјадници корисници и нивните гласови.

Шпанскиот готвач Феран Адрија беше сметан за најдобриот готвач на светот, а неговиот ресторан Ел Були се искачи на врвот на топ-листите со својот иновативен пристап кон храната и кујната, со деконструкција на состојките и трансформација на составот, а сепак задржувајќи го вкусот. Зборот што тој го избра се чини дека го отсликува неговиот пристап кон храната и готвењето: душа.

На перуанскиот писател Марио Варгас Јоса по неколку декади константна номинација, во 2010 му беше доделена Нобеловата награда за литература. Во согласност со неговите тежнеења и политичката кариера, неговиот избран збор за Институтот Сервантес беше „слобода“.

Својот придонес со омилен шпански збор го дадоа и други личности, меѓу кои и актерот Антонио Бандерас, пејачот Алехандро Санз, пејачот Шајен, писателката Изабел Аленде.

Кликнете на линкот Гласај го твојот збор, доколку сакате да ги погледнете клиповите и да гласате за својот фаворит. Сликите од подготовките за прославата на 18ти јуни, како и настаните од изминатите години можете да ги најдете на нивниот профил на Фликр.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.