Бугарија: Премиерот Бојко ги кани креаторите на „Бојкометар“ на муабет

Пред неколку дена, бугарскиот веб-сајт Politikat.net („Политичарот“), воден од познатите блогери Комитата (Константин Павлов) и Асен Генов, го привлече вниманието на Владата, според постот (на бугарски) на Комитата.

Politikat.net

Politikat.net е платформа базирана на слободен софтвер која следи како Владата и премиерот Бојко Борисов ги исполнуваат нивните ветувања. Таа има посебен дел наречен „Бојкометар“, инспириран од американскиот вебсајт „Обамаметар“ (анг.  Obameter).

На 6 јули, центарот за комуникации со печатот на владеачката партија ГЕРБ испрати писмо до Комитата и Генов, барајќи ги од нив статистиките и ресурсите користени од  Politikat.net:

Почитуван г. Генов,

Со оглед на тоа дека порталот Politikat.net кој вие го администрирате содржи наводи за одредени „ветувања“ од страна на премиерот Бојко Борисов и статистики за нивното исполнување, ве молиме да ни одговорите на неколку појаснувачки прашања.

Врз која основа се избрани говорите на Бојко Борисов (освен ако не тврдите дека имате покриено 100% од неговите изјави за јавност)?

Според кои критериуми одредени делови од изјавите на Бојко Борисов се оквалификувани како „ветувања“?

Кои квантитативни и квалитативни мерења се користени објективно да се оцени степенот на спроведување на „ветувањата“?

Од кои извори и по кој ред се собрани информациите кои го сумираат напредокот на „ветувањата“?

Колку често ги ажурирате статистичките податоци за „ветувањата“ кои имаат статус „во тек“, со цел да се осигури навремено поднесување на точни податоци до корисниците?

[…]

Севделина Арнаудова,
Раководител на Прес-центарот на ПП ГЕРБ

Карикатура како Борисов се обраќа на Генов со цитат од филмот Таксист

Широко циркулирана карикатура за тоа како премиерот Борисов го прашува Асен Генов за статистичките податоци и информации. Извор: Владимир Дојчинов на Фејсбук

Владата предводена од Бојко Борисов е мета на критики и обвинувања дека врши притисок врз бугарските медиуми. Според еден извештај [bg; .pdf] од Бугарскиот хелсиншки комитет, ситуацијата со слободата на говор во Бугарија е „вознемирувачка“. Бугарската гранка на Асоцијацијата на европски новинари пиша дека „новинарството под влијание на корпорации доминира во бугарскиот медиумски сектор“.

По праќањето на писмото, премиерот Борисов ги покани Генов и Павлов да „дискутираат“ за Politikat.net и неговите „ветувања“ кон народот. Присуството на министерот за внатрешни работи делувало застрашувачки.

Премиерот Борисов (центар) и министерот за внатрешни работи (лево) на состанокот со блогерите Асен Генов и Комитата (десно). Фото: Асен Генов, објавено со негова дозвола.

Во 2011-2012 година Бугарија искуси драматичен пад – од 70 на 80 место – на листата за слобода на печатот според рангирањето на Репортери без граници. Земјата е последна меѓу земјите од ЕУ, со ист индекс како Србија, Чиле и Парагвај.

На 7 јули, лондонското списание Економист објави напис кој на следниот начин ја опиша слободата на говор во Бугарија:

[…] Главните весници се во сопственост на банки или моќни компании. Има многу малку истражувачко новинарство. Огласувањето од страна на Владата и државни фирми е голем извор на приходи за весниците. Поради тоа, автоцензурата е правило. […]

1 коментар

  • Во Македонија од април 2011 г. делува Вистиномер, со слична намена за зголемување на отчетноста на носителите на јавни функции. Тој работи врз принцип на транспарентна методологија која постојано се унапредува, во соработка со вистиномерите од Босна и Србија, при што на самите сајтови се изложени дефиниции и критериуми за што се смета ветување и како се мери. А исто така, сите изјави се документираат со линкови кон објавите во медиуми или со снимки.

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.