Декларација за слобода на интернетот

Како што многумина од вас имаат забележано, светот се наоѓа во многу важен момент кога станува збор за слободата на интернет. Во многу земји низ светот се креираат нови закони за цензурирање на интернетот, додека блогерите се почесто се под закана да се изразат слободно.

Во последната година, организации од целиот свет се здружија заедно со цел да се борат за онлајн слободите. Почнувајќи од борбата против SOPA и PIPA во Соединетите Држави, до глобалните напори со кои се сопре ACTA, денешниот „дух на времето“ проповеда слобода и отвореност на интернетот.

Со сето ова на ум, неколку групи заедно ја создадоа Декларацијата за слобода на интернетот, а Global Voices Advocacy е еден од оригиналните потписници. До денес, Декларацијата е потпишана од повеќе од 1300 организации и компании, бројка која постојано расте. Подолу може да го погледнете оригиналниот текст на Декларацијата. Може да ја потпишете Декларацијата тука; а исто така може и да се вклучите преку голем број на организации, меѓу кои EFF, Free PressAccess и Cheezburger.

ПРЕАМБУЛА

Веруваме дека слободниот и отворен интернет може да придонесе за подобар свет. За да го зачуваме интернетот слободен и отворен, ги повикуваме заедниците, индустриите и државите да ги потврдат овие начела. Убедени сме дека тие ќе придонесат за повеќе креативност, повеќе иновации и поотворени општества.

Се придружуваме на меѓународното движење за одбрана на нашите слободи затоа што веруваме дека вреди да се бориме за нив.

Да разговараме за начелата – да се согласиме или да не се согласиме со нив, да расправаме за нив, да ги преведеме, да ги усвоиме и да ја прошириме дискусијата во нашите заедници – на начин кој е можен само на интернет.

Придружете ни се во заложбите да го зачуваме интернетот слободен и отворен.

ДЕКЛАРАЦИЈА

Ние се залагаме за слободeн и отворен интернет.

Ги поддржуваме транспарентните и партиципативни процеси за креирање на политиките за интернет и за воспоставување на пет основни начела:

Изразување: Не цензурирајте го интернетот.

Пристап: Промоција на универзален пристап до брзи и ефтини мрежи.

Отвореност: Да го зачуваме интернетот како отворена мрежа каде сите слободно можат да се поврзуваат, комуницираат, пишуваат, читаат, гледаат, говорат, слушаат, учат, создаваат и иновираат.

Иновација: Заштита на слободата за иновација и креирање без да се бара дозвола. Не блокирајте ги новите технологии и не казнувајте ги иноваторите за делата на нивните корисници.

Приватност: Штитете ја приватноста и бранете ја сечија способност да контролира на кој начин се користат нивните податоци и уреди.

При превод на текстот помогнаа Кире Димиќ и Марко Манчев

 

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.