Шпанија: „Здравствена непослушност“ против политиката за штедење

Оваа статија е дел од досието на Глобал Војсис за Европа во криза.

Независни групи на вработени и корисници на јавното здравство создоа платформа со цел да се протестира против скорешната здравствена реформа. Движењето е насловено „Јас кажувам да за универзалното здравје“ (@Yosisanidaduniv), и неговиот главен предлог е непослушност и противење на новата уредба со законска сила 16/2012, наметната од Владата во контекст на намалувања на буџетот, штедење и општествени протести.

Целта на декретот, кој ќе стапи на сила на 1 септември 2012, е според Министерот за здравство, да „гарантира универзалност на законот“, и според владината Популарна партија, тоа е чекор во насока на „вистинска универзалност“ и тој  „става крај на трошењето”.

Здравството како бизнис

Од друга страна критичарите сметаат дека оваа уредба која ќе лиши од социјално осигурување околу 150.000 луѓе, има за цел да го наруши здравствениот систем и да создаде нов систем на осигурување кој би ги разделил осигурените лица и оние кои не се осигурани. Тој ризикува да стави крај на здравствениот систем за секого, кој важеше во Шпанија досега.

Веб-сајтот на Јас велам да за универзално здравје смета:

Најлошо во оваа реформа на здравствениот систем, е токму тоа што таа поминува од универзален систем на човекови права, базиран на вредности како социјална солидарност („Можам да штрајкувам“, „Можам да се разболам додека штрајкувам”, „Денес за тебе, утре за мене”) и социјална правда („Секој има право на образование и на здравство”, „Обезбедување права за сите е најдобар начин да се создаде подобро општество”) на т.н систем во кој секој добива онолку колку што ќе плати и мора да го докаже неговиот статус на осигуреник дека поседува осигурување кое го покрива доколку се разболи или има потреба од здравствена нега. Опаѓањето на правата на граѓаните е јасно, без да се овозможат значителни заштеди.

Патриција, член на платформата против декретот, објаснува дека тој ќе доведе до нов систем „како во САД каде здравјето е бизнис”.

Јас велам да за универзално здравје

Како? Со ограничување на пристапот до здравствена картичка. Декретот ја повлекува од оние без документи како и од лицата над 26 години кои никогаш не биле евидентирани за социјална осигурување. Оваа мерка се надоврзува на други укинувања на права како авансни медицински трошоци или други бенефиции (како протезите) кои сега ќе се наплаќаат.

Во пракса, иако реформата засега многу луѓе, најголемата грижа се недокументираните имигранти кои ќе бидат лишени од секакво здравствено осигурување почнувајќи од 1 септември. Корисниците на Твитер ја коментираа информацијата според која Владата ќе собира годишен надоместок од недокументираните лица во износ од 700 евра (или износ повисок од здравствено осигурување), одлука отфрлена речиси едногласно.

Според Патриција, законот не само што е неуставен туку е и неправеден, што е и главната причина за противење. Незадоволството на јавноста продолжува да расте поради тоа што Владата ги промовира приватните клиники на сметка на јавното здравство.

Страницата на Фејсбук на дигиталната платформа објави видео со изјави од оние кои се погодени од овие мерки како и од противници на реформите, со цел да ја пренесе пораката дека „сите ние имаме право на здравство“.

Инструкции за непослушност

Потсетувајќи дека приговорот е „признато, но не многу регулирано право“, и дека Универзалната Декларација за човекови права предвидува дека здравството е едно од основните права, дигиталната иницијатива предложува создавање критичка мрежа во здравствената арена. За таа цел, тие нудат различни модели на приговори наменети за предавачите, здравствениот персонал, медицинските сестри и другиот немедицински персонал како и други инструкции и информативни правни документи.

Идејата која платформата ја брани е дека здравствените работници и административците треба да соработуваат и дека дури и оние без документи треба да побараат здравствена картичка и ако нивното барање се отфрли тие треба да „инсистираат“. Тие исто така предупредуваат за тешкотиите и проблемите на кои може да наиде еден приговарач.

До денес, околу 1000 доктори се приклучија кон иницијативата на приговор и продолжуваат да им помагаат на недокументираните имигранти. Од друга страна, Министерството за здравство ги предупреди да не ги лекуваат оние лица без документи доколку сакаат да избегнат санкции: војната за здравје е објавена.

Оваа статија е дел од досието на Глобал Војсис за Европа во криза.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.