Македонија: Наспроти заканите, активистите продолжуваат да се борат за праведен Закон за енергетика

Членовите на граѓанската иницијатива АМАН, кои бараат праведна законска рамка за енергетика и престанок на порастот на цени контролирани од државата во Македонија, се соочуваат со различни форми на притисок, меѓу кои растечки закани.

На локалните јазици, зборот „аман“ е повик или извик со значење „ве молам, престанете, претеравте“. Ова грасрутс движење против подигањето на цените на монополски производи контролирани од државата (струја, горива, централно греење) започна со неделни протести во август. Подигањето на овие цени влијаеше на раст на цените на храна, погодувајќи ги најпрво најранливите категории граѓани, протестите се проширија од Скопје и Битола на неколку други градови – Тетово, Штип, Прилеп и Куманово.

Протест на АМАН против зголемените цени во Битола, Македонија

Протест на АМАН во Битола. Фото: блог Енергетска ефикасност.

На почетокот, властите, претставени од Регулаторната комисија за енергетика на РМ, но и главните медиуми и синдикатите, го игнорираа движењето. За делумно решавање на ова прашање, луѓето од АМАН ја зголеми промоцијата преку социјални медиуми (хаштагот: #АМАН) и дури одржаа протест пред зградата на Јавниот сервис МТВ (mk, sq).

Кога беше јасно дека пристапот на властите со намерно незабележување е неуспешен, врз учесниците на АМАН беа применети различни форми на притисок: инфилтрација од партиски провокатори, хакирање и мистериозно затворање на нивниот настан на Фејсбук, општи закани од минувачи, етикетирање од премиерот (што влијаеше на учеството на луѓе чија егзистенција зависи од Владата), контрапротести од провладини „невладини“ организации (анг. GONGOs) и кампањи за оцрнување.

Еден Свет – Платформа за Југоисточна Европа извести:

Покрај подршката, активистите на „Аман“ се соочуваат и со напади. Од Владата постојано се обвинувани дека се продолжена рака и дека работат по налог на опозицијата, а пред сè на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).

Исто така, продолжува праксата властите да одговорат на сите граѓански иницијативи и протести против политиките на Владата со контрапротести на свои лојални организации и иницијативи. Овојпат, за тоа е задолжена иницијативата „Изгор приватизација“, кои паралелно со Аман одржуваат свои протести против приватизацијата на електро-дистрибутивното претпријатие (купено од австриската корпорација ЕВН), за време на последната влада на СДСМ.

Инаку, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија ја обвини Регулаторната комисија за енергетика на 25.09.2012 година, дека одлуките за укинување на евтината тарифа и зголемување на центата на струјата и парното греење се донесени врз основа на непостоечки одредби од Законот за енергетика.

„Не станува збор за техничка грешка, станува збор за суштинска грешка која што дирекно ги погодува правата на граѓаните“ изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки Комитет.

На конференција за медиумите на 30 октомври, претставниците на АМАН ја информираа јавноста дека (на македонски: 1, 2, 3; и албански: 1, 2) дека „непознати лица“ упатиле закани по живот кон еден од членовите на движењето и неговото семејство: го пресретнале во центарот на Скопје и се обиделе да го испрашаат за другите активисти, покажувајќи му нивни фотографии. АМАН тоа го интерпретираше како порака да престанат со протестите и со петицијата за промена на Законот за енергетика. Активистите побараа заштита од полицијата и другите државни институции преку брзо пронаоѓање и казнување на сторителите, а од премиерот да не го кочи легислативниот процес.

http://www.youtube.com/watch?v=dvUqyU9s1dg

Протестите, сепак, продолжуваат. Активистите користат институционални канали и имаат поднесено иницијатива за промена на Законот за енергетика. Процедурата во Собрание е завршена и се чека на одобрение од Владата, по што ќе треба да соберат 10.000 потписи за да може да предложат амандмани во Парламентот.

Но, продолжуваат и притисоците. Додека сторителите на пријавениот обид за заплашување сè уште се на слобода, во текот на дванаесеттиот протест на 3 ноември се случил нов инцидент. Радио МОФ извести дека група контрапротестанти се заканувала и сакала да ги избрка луѓето од АМАН, при што полицијата спречила понатамошна ескалација.

Соња Исмаил, една од луѓето кои протестирале, напиша:

Денес на пладне традиционално се собравме пред регулаторната комисија за енергетика. Но не бевме сами. Дојдоа спонтано. Паркираа еден џип на тротоарот веднаш до Чичко Стоилко. Излегоа од џипот со спонтано направените реквизити за контра-протест. Подолу кај Лумикс им се придружија уште шеесетина, исто така спонтано. Спонтано се појавија Канал 5, Сител и МТВ. Застанаа пред нив, ги вклучија камерите и ги снимаа овие луѓе кои што спонтано ги извадија маските со ликот на Радмила Шекеринска и ги ставија на главите. Во меѓувреме, кај нас собраните едвај триесетина од АМАН, дојде еден млад човек, кој кога побараа да се претстави, одговори дека е од УМС на ДПМНЕ. Ни рече за 20 минути да не нема. На заминување со урлање ни порачаа да пушиме кур и ред други гадости. П.с. Полицијата беше бројна и уредно поставена и од нивниот командир добивме уверување се тука за да не дозволат било каков инцидент. Исто така беа присутни и претставници на ОБСЕ.

4 коментари

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.