Украинските законодавци предложуваат забрана за абортус

На почетокот од април, тројца пратеници од опозициската политичка сила “Svoboda” [“Слобода”] регистрираа предлог закон со кој би се забранил абортусот во Украина. Единствените исклучоци од овој предлог би биле случаи на бременост кои се опасни по животот на мајката, каде фетусот имал тешки патологии, и каде е докажано дека бременоста е резултат на силување. Оваа иницијатива се појавува само година дена по последниот обид на украинските законодавци да го забранат абортусот.

Во објаснувањето на нацрт-закнот, авторите на овој предлог ја оправдуваат потребата од ваков вид на рестрикција наведувајќи ги следните аргументи:

И покрај надолната тенденција, бројот на абортуси во Украина останува меѓу највисоките во Европа со 21.1 абортуси годишно на 1000 жени на возраст за раѓање деца; 45.8 абортуси на 100 случаи на бременост или 84 абортуси на секои 100 пораѓања.

[…]

Неопходно е да биде забележано, дека (кога беа присвоени последните регулации за абортуси) следниот факт не беше земен предвид: според серија на научни медицински истражувања, дете кое било абортирано го искусува истото ниво на страдање како било која возрасна личност која е мачена до смрт. Згора на тоа, абортусите имаат негативни последници на психолошкото и физичко здравје на сите вклучени.

[…]

Во повеќето региони од Украина, бројот на смртни случаи е приближно три пати помал од бројот на родени деца. Во текот на последните 20 години, популацијата на Украина се намалила за 5 милиони (од 52 на 47 милиони). Доколку ваквата демографска динамика продолжи, за неколку години, имигранти, претежно од Азија ќе го претставуваат мнозинството во Украина.

Една од главните причини позади ваквите демографски тенденции е правото на абортус.

Законодавците исто така го споделија и негативниот став за абортусите споделен од страна на сите христијански цркви во Украина.

Предлогот се докажа за прилично контроверзен и предизвика активни дискусии како на интернет, така и офлајн.

Многумина кои досега коментираа веднаш се фокусираа на прашањето за докажување на случај на силување на суд. Репортерите од големата украинска ТВ станица, TSN, забележаа дека само 10 проценти од пријавените обвинувања за силување преминале во судски случаи и го прашаа Олександр Сич, еден од авторите на овој предлог-закон, што би требала една жена да направи доколку останала бремена, но не успеала да докаже дека била жртва на силување. Пратеникот на тоа одговори:

Моја работа не е спроведување на законот, јас не работам во полиција и не знам што една жена може да докаже или не може… Но, пред се, таа треба да живее таков живот да не биде изложена на ризик од силување. Поконкретно, таа не треба да пие алкохолни пијалоци кога е во друштво на сомнителни личности.

Оваа изјава интензивно циркулираше на интернет, беше споделувана и за неа беа отворени дискусии на Фејсбук, од страна на обични корисници, новинари и активисти.

Корисникот Серхиј Маслиученко напиша:

Овој закон е само уште еден обид на државата и бирократите да се вмешаат во приватниот живот на граѓаните… кога нив им фали мозок за да направат нешто со економијата, науката, образованието, екологијата, тие измислуваат закони како овој […]

Корисникот Васил Мартјук не се согласува:

Не ја сметам “Svoboda” како лек-за-сè, но го поддржувам овој предлог! Украина е една од водечките земји кога станува збор за бројот на абортуси – ова е ужасно!

Фејсбук корисникот Андреј Антони напиша:

Пред предложување на ваков закон (ти) треба да вратиш некаков ред во земјата. Како може да предложуваш вакви иницијативи во држава каде нема никакви патишта, никаков закон за ред и бескрајна корупција насекаде? […]

Корисникот Елена Бондаренко напиша:

[Ова е само] друга шанса за гинеколозите [да направат богатство] – незаконски абортуси!!! Малку ли фрлени во ѓубре новороденчиња се наоѓаат секојдневно? Премногу во сиропиталиштата? ИДИОТИ!! Создавајте социјални и економски услови за родителство, не ограничувања!!!

Корисникот Мариана Гончарова коментира:

Ова е еден од оние случаи каде е потребен родово-сензитивен пристап. Зашто е ова прашање воопшто поставено од страна на мажи? […]

Корисникот Виталиј Диаченко го исмева предлогот:

Svoboda треба да присвои друг закон каде на нивните членови им се забранува секс, освен доколку не наведат пишан документ во кој е стои дека единствената цел позади овој сексуален чин е создавање потомство.

Корисникот Јевгениј Икелзон се прашува зошто е толку мала јавната реакција на овој предлг-закон:

[Каков] парадокс, луѓето кои ги навредуваат Муслиманите за тоа што ги тераат своите жени да носат марами на главите, мирно го прифаќаат предлогот на пратениците за забрана на абортуси […].

Новинарот Ирина Славинска го критикува овој предлог:

[…] за да се бориш со високите броеви на несакани случаи на бременост, треба во училиштата да биде воведен предмет по сексуална едукација и треба да постојат места каде би се делеле бесплатни контрацептивни средства, а не да за забрануваат абортуси.

Многу корисници се повикуваат на моралниот и етичкиот аспект на абортусот. Конкретно, една ваква дискусија се случи на Фејсбук страницата на лекарот и активист Евгениј Комаровски.

Корисникот Јулија Железнова напиша:

Оние кои тука коментираат, за жал, не ме разубедија, туку само го засилија мојот став. За жал, во нашето модерно општество има толку многу жени кои не го сметаат не само моралниот аспект на абортусот, но дури и основните прашања поврзани со нивното здравје. […] Постојат толку многу аргументи за докажување дека станува збор за убиство. Крај.

Додавајќи на истата дискусија, корисникот Олга Шандра напиша:

Мислам дека абортусот е индивидуален избор на секоја жена, базиран на нејзините морални и етички принципи, и дефинитивно не е избор на пратениците, психолозите, јавните пропагирачи на морал и така натаму.

Корисникот Енела Адониева напиша:

Јас сум против абортус. Но жената треба да има право на избор. Тој избор не треба да биде направен од страна на политичарите.

Моментално, абортусот во Украина е легален до 12тата недела од бременоста (22рата во итни случаи). Украина е една од земјите водечки во Европа по бројот на абортуси на годишно ниво, иако има воочлива надолна тенденција. Случаи на „Абортус туризам“ на земјите од соседството каде законите се порестриктивни, како Полска, се исто така документирани.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.