Тајландскиот премиер се извини за сугестијата дека бикините ја зголемуваат стапката на убиства на туристи

Prayuth Chan-ocha 29th Prime Minister of Thailand and chief of the army. Photo by Vichan Poti, Copyright @Demotix (9/4/2014)

Прајут Чан-Оча 29от премиер на Тајланд и генерал на армијата. Фотографија на Вичан Поти, издавачки права @Demotix (9/4/2014)

Премиерот на Тајланд се извини за сугестијата дека туристите кои ја посетуваат неговата држава би можеле да не бидат безбедни доколку носат бикини. Овој „бикини гаф“ беше направен кога премиерот Прајут Чан-Оча се обраќаше на ТВ известувачи за бруталното убиство на двајца британски туристи на плажа, на популарно место за летување јужно од Тајланд. Прајут подоцна појасни дека немал намера да навреди некого и дека само сака да ги изрази своите грижи за безбедноста на туристите.

Претходната недела, телата на Хана Витериџ (23) и Дејвид Милер (24) беа пронајдени на плажа на островот Кох Тао, јужно од Тајланд. Првичните извештаи укажуваат дека младите Британци биле убиени. Полициска истрага е во тек.

Полициските сили на Тајланд беа зафатени со истрагата на случајот, кога Прајут ја изнесе својата, сега неславна, забелешка:

Секогаш има проблеми со безбедноста на туристите. Тие мислат дека нашата држава е убава и безбедна и можат да прават што сакаат, можат да носат бикини и да пешачат насекаде…Дали можат да носат бикини секаде… освен ако не се убави?

Тајландските масовни медиуми не известуваа нашироко за изјавата на Прајут, но истата поттикна силни и гневни реакции во други држави, особено во Обединетотo Кралство. Многумина го обвинија тајландскиот лидер дека „ги обвинува жртвите“ наместо да го решава случајот. Прајут набрзина се извини:

Жал ми е што мојата изјава предизвика нелагодност. Јас тврдам не омаловажував или критикував некого. Јас едноставно сакав да ги предупредам да бидат внимателни на одредени места во одредено време.

Тој додаде дека бил под интензивен притисок за време на интервјуто:

Признавам дека понекогаш зборувам премногу грубо и остро. Тоа беше бидејќи се чувствував под притисок и чувствував тага за жртвите. Жал ми е за нив, без разлика дали се Тајланѓани или странци. Не сакам никогаш повеќе да се случи ваква загуба.

Внимателен да не превземе премногу одговорност за трагедијата, Прајут тогаш се сврте со обвинување кон работниците-имигранти за насилни злодела и ги предупреди и јавноста и туристите да бидат претпазливи кон илегалните имигранти:

Инсистирам на тоа дека Тајланд е безбеден, иако има и некои не-толку-добри луѓе тука. Оттаму, тие мораат да бидат внимателни. Нивната и нашата држава не се подеднакво безбедни. Признавам дека сум загрижен за нив.

Ние мораме да помогнеме во грижата за [нашата држава] и да не дозволиме лоши луѓе да се мешаат со нас, како што се нерегистрираните илегални имигранти. Не можеме да им дозволиме да работат така. Тоа е опасно и може да предизвика штети на државата.

Местото на убиството е едно од најпознатите островски летувалишта на Тајланд. Многумина онлајн споделуваа фотографии од живописната локација, кога се присетуваа на двете жртви.

Поминаа 3 дена откако 2ца британски туристи беа пронајдени мртви на крајот на оваа тајландска плажа. Целосна збунетост околу полициската истрага pic.twitter.com/pJ2JK3ZxXM

— Том Филипс (@tomphillipsin) 18 септември, 2014

Семејствата на Дејвид Милер и Хана Витериџ оддаваат почит на убиените туристи http://t.co/vijl2O05UY pic.twitter.com/W6zHGbKvHH

— IBTimes UK (@IBTimesUK) 16 септември, 2014

Прајут е генералот кој направи државен удар минатиот мај во обид за ставање крај на насилните судири помеѓу поддржувачите на главни политички партии во Тајланд. По изготвувањето на привремениот устав, војската постави членови на собранието, кои потоа го назначија Прајут за премиер.

Бангкок Пост искажа жалење од отсуството на јавната осуда во Тајланд против изјавата на Прајут, велејќи дека тишината помеѓу локалните медиуми и дава на државата „мали шанси во борбата против културата на силување“.

Блогирајќи за Дописници од Азија, Saksith Saiyasombut забележа дека „полу-печената шега е несоодветна“,  повикувајќи го Прајут да биде повнимателен во неговите изјави во јавноста во иднина:

…ова е лекција за шефот на армијата во заминување, лидерот на хунтата и премиер, дека тој е сега под многу, многу поостро набљудување од јавноста, сега откако ја (пре)зема оваа позиција и дека мора да си ги одбира зборовите повнимателно.

Прајут вети брза истрага, уверувајќи ги туристите дека Тајланд останува безбеден за нив.

Фактот дека премиерот всушност се извини укажува на колосалноста на негативните реакции од меѓународната заедница од неговиот гаф. Се разбира, несоодветното известување на коментарите на Прајут од локалните медиуми ја рефлектираат жалната состојба на слободата на медиуми во Тајланд денес. За несреќа, се чини дека и многу интернет корисници се уште не се осмелуваат отворено да ги критикуваат политиките и постапките на воените лица. Или пак, можеби граѓанскиот сектор во Тајланд го натера Прајут да се извини за неговата грешка. Доколку второто е вистина, можеби овој инцидент ќе поттикне повеќе граѓани да ги стават на проба другите контроверзни политики на државниот режим поддржан од армијата.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.