Граѓански новинар киднапиран и убиен во Мексико поради известување за организираниот криминал

ddd

Фотографија од Гугл плус профилот на Храброст за Тамаулипас. „За тебе ќе останеме силни. Во сеќавање на: Мариа дел Росарио Фуентес Рубио, 15-16 октомври 2014 во Рејноса. Киднапирана на 15ти октомври во областа Рејноса. Росарио беше докторка посветена на информирање на јавноста за опасностите, со срце големо колку нејзината храброст, нашата Miut3.“

Граѓански групи во северната мексиканска држава Тамаулипас објавија вчера дека Твитер корисникот Мариа дел Росарио Фуентес Рубио​​ е киднапирана и потоа убиена. Иако не е познато кој е одговорен за нејзината смрт, фотографии од телото на Фуентес Рубио се појавија на нејзиниот Твитер стрим.

Нејзиниот твитер профил ​@Miut3 ​беше суспендиран кратко по настанот. Откако Мариа дел Росарио наводно побарала прошка бидејќи се мешала во работата на нарко босовите, беа објавени фотографии од нејзиното убиство, како и постхумна порака предупредувајќи ги останатите граѓански новинари да останат тивки за насилството во Рејноса бидејќи „нема ништо да добиете од тоа“.

Како доктор од Рејноса, Фуентес Рубио придонесуваше со волонтирање кон Valor por Tamaulipas (Храброст за Тамаулипанците), платформа за граѓански вести која овозможува корисниците анонимно да поднесуваат пријави за насилство, поточно инциденти поврзани со организираниот криминал и трговија со дрога. Таа исто така беше и администратор за Responsabilidad por Tamaulipas (Одговороност за Тамаулипас), сличен проект поврзан со првиот. ​Последниот напис од „Храброст за Тамаулипас“ ја опиша како „ангел кој даде се, нејзиниот живот, нејзината иднина, нејзината сигурност и мир (…) за доброто на граѓаните од државата“.”

Ова не претставува прв случај на казнување на индивидуи кои известуваат и пишуваат преку овие мрежи. Откако беше започнат во 2012, Храброст за Тамаулипас се соочува со голем број закани и инциденти кои во одредени моменти ги присили администраторите да ги паузираат нивните активности.

Храброст за Тамаулипас ги користи социјалните медиуми за да се снабди со извештаи и новости од граѓаните на Тамаулипас, кој е испреплетен со конфликти поради трговијата со дрога и корупција, уште од 2006. Во февруари 2013, неидентификувана организација за трговија со дрога пушти во оптег памфлет во кој нуди $600.000 мексикански долари (околу $44.000 американски долари) за информации за локацијата на администраторот (администраторите) на профилите на социјалните мрежи на Храброст за Тамаулипас. Кратко потоа, @ValorTamaulipas објави планови за прекинување со активностите. Но, мрежата по некое време продолжи со известување — граѓаните на Тамаулипас се се уште жртви на насилни криминални дејства и продолжуваат да ги пријавуваат.​​

Конфликтот принуди многу традиционални новинарски организации да ги одбегнат известувањата за насилствата поврзани со трговијата на дрога; Одборот за заштита на новинари проценува дека шестнаесет новинари се убиени во Мексико од 2006, во најголем дел поради нивното известување за корупција и насилство поврзано со трговијата на дрога. ​Како што изјави Дарио Рамирез, генералниот директор на Член 19 во Мексико и Централна Америка: „Насилствата против новинарите во Тамаулипас и недостатокот на заштита на слободно изразување од мексиканските власти генерираше информациски вакум-простори во однос на прашањето за јавната сигурност, за што социјалните медиуми станаа ефективна граѓанска алатка за слободно информирање за овие настани“.​

Со работењето и известувањето на граѓаните и корисниците на социјалните медиуми кон пополнување на оваа тишина и пренесување на тоа што го слушаат и гледаат на улиците, групите како што е VxT и индивидуите како Фуентес Рубио станаа примарни цели за организациите кои тргуваат со дрога.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.