Како Путин тајно ги освои руските социјални медиуми во последните 3 години

Vladimir Putin at a press conference on December 18, 2014. Kremlin press service, public domain.

Владимир Путин на прес-конференција на 18 декември, 2014 . Одделот на Кремљ за односи со јавноста.

Кога ќе го посетам САД, луѓето често ме прашуваат колку е тешко да се живее во Русија предводена од Путин. Знаејки дека работам во независен телевизиски канал (www.tvrain.ru), луѓето очекуваат хорор приказни за секојдневните кошмари кои ги преживувам под притисокот на тоталитарниот режим.

Најчесто ги срушувам очекувањата на луѓето кои ме прашуваат бидејки не можам да го претставам мојот живот во Русија на толку едноставен, црно-бел начин.

Многу аспекти од животот во Русија се зачудувачко тешки за објаснување на некој кој го нема искусено животот тука. Има огромна празнина – кањон од хипокризија – помеѓу официјалното и реалноста и треба да знаеш што можеш, а што не можеш да кажеш на глас (филмот „Левијатан“ од Андреј Звиагницев го разгледува овој феномен). 

На пример, не можеш да кажеш дека Русија нема независни медиуми – сепак јас работам во независна телевизиска станица. Најголемиот дел од проблемот лежи во деталите и од овој аспект, навистина сме беспомошни. Тоа што се случува во Русија е еквивалентно со тоа Fox News да ги превземе радиобрановите од целиот САД, да го оттргне MSNBC каналот од кабелската телевизија и да го сведе работниот простор на либералите кои работат онлајн на еден мал приватен стан во Бруклин.

Истата измама е присутна и на изборите (каде конкуренцијата е лажна), судниците (каде правдата е само лага) и масовните демонстрации (каде учеството е задолжително).

Многу години интернетот беше последната искра на искреност во Русија. Но, тоа повеќе не е така. Во текот на последните три години, онлајн армија создадена од Кремљ навлезе во тоа што некогаш беше засолниште за луѓето кои бараа „Русија без Путин“. 

Еве како се случи тоа. 

Пред парламентарните избори во 2011, чиешто фалсификување испрати околу 100 илјади граѓани на протест на руските улици, Кремљ воопшто не се грижеше за политичката важност на социјалните медиуми и интернетот. Единствена мерка која владата ја спроведуваше во ова поле е тоа што го праќаше Владислав Сурков, владината марионета за домашна политика, да ги подмити најуспешните блогери и да подметне лажни приказни на LiveJournal.

Кога започнаа зимските протести во декември 2011, новите социјални медиуми (воглавно Твитер и Фејсбук) беа целосно контролирани од политичките противници на Путин, кои беа свесни за ова и создаваа масивни онлајн мрежи преку кои ги организираа протестите против местењето на изборите.

После два масовни собири во Москва против резултатите на парламентарните избори, Сурков ја загуби работата во Кремљ, очигледно поради неуспехот да го спречи ширењето на идеите низ интернетот. Неговата замена е Виачеслав Володин, помалку интелигентен човек познат по својот суров, но ефективен стил на управување.

Познато е дека Володин самиот не се снаоѓа најдобро во дигиталниот свет, но имаше советници со добро разбирање на технологијата. Во 2012, Володин здружи неколку од овие способни компјутерџии во посебна единица во кремљовиот Оддел за внатрешна политика. На чело на оваа операција беше поставен Тимур Прокопенко, млад, триесет годишен човек со долго искуство на работење со младински движења кои го подржуваат Кремљ.

На почеток, кремљовиот тим за социјални медиуми едноставно го копираше секој потег на опозицијата. Ако ривалите го критикуваа Путин со хаштагови, неговите луѓе веднаш ќе одговореа со хаштагови насочени кон Алексеј Навални, најистакнатиот лидер на опозицијата. Но, кога овој метод на возвраќање се покажа премногу очигледен и примитивен, интернет тимот на Кремљ се префрли на други тактики.

Се обидоа да ги спамираат социјалните медиуми со „роботски“ профили, но мрежите како Твитер брзо ги препознаваа и веднаш интервенираа. Потоа тимот започна да ги користи активистите во регионите надвор од Москава и Санкт Петерсбург, кои дотогаш беа целосно занемарувани. Овие луѓе беа регрутирани со цел да служат како живи роботи. Замислете си го тоа: млади момчиња и девојки од цела Русија повикани само за да промовираат одредени теми на Твитер и да ги „тролаат“ либералните корисници на Фејсбук.

Мојот контант во Твитер ме информираше дека Твитер нема начин да интервенира кога станува збор за профили ракувани од вистински луѓе. Како што откри Кремљ, алтернативата на армија од „роботи“ е армија од „тролови“.

Секако, ни ова не беше доволно за Кремљ. Десетината регрутирани млади прераснаа во стотици, но, за среќа, тука дојде крајот на растот. Кога ова се случи, тимот на Путин пристапи кон руските рекламни агенции. Според моите извори, моментално има 10 различни рекламни агенции кои работат за Кремљ. Овие соработки се тајни и фирмите внимаваат на одржување контакт и со други клиенти, неповрзани со политика.

Овие агенции жестоко се натпреваруваат меѓу себе за продолжување на договорите и поголеми зделки, што ја прави руската онлајн пропаганда доста профитабилна и ефективна. Тоа е нешто како обратна верзија на „невидливата рака“ на Адам Смит.

Се ова ја одржува армијата од илјадници „тролови“. Во некои области, како на пример во периферијата на Санкт Петерсбург, претпријатието е толку развиено што има цели канцелариски згради само за овие луѓе.

Можеби изгледа како шега, но илјадници најмени блогери „одат на работа“ секој ден, каде онлајн пишуваат за величенственоста на Владимир Путин и распаѓањето на Западот. Тие ги окупираат Фејсбук, Твитер, страниците за вести и било кој друг веб-сајт на која Кремљ се чувствува загрозено. Нови инструкции пристигнуваат секој ден преку меилови, преку кои се специфицира што да се објави и каде да се објави, се со цел да се подржи кампањата на Путин во време на војна и економска криза. 

За несреќа, оваа стратегија функционира. Тешко е за луѓето да веруваат во постоењето на оваа тајна интернет инвазија, земајќи го во предвид опсегот и големината на овој проект. Луѓето не сметаат дека владата е способна да направи толку софистицирана, деликатна манипулација. Сепак, токму тоа е тоа што Путиновиот тим за социјални медиуми го постигна. 

Освојувањето на интернетот стана многу полесно по значителното намалување на бројот на независните медиуми во Русија – феномен познат како „проклет синџир“. Заземањето на социјалните медиуми од страна на Кремљ најпосле стигна и до луѓето кои не гледаат државни телевизиски канали. Кругот е сега целосен.

Системот работи на следниов начин: „тролови“ го исполнуваат одделот за коментари со жалби против Западот и либералната опозиција, а потоа државните медиуми ги претставуваат овие коментари како „револт на блогерите“, што разгорува понатамошни онлајн разговори, градејки еден вид на органско/вештачка мешавина. На овој начин, тимот на Путин е способен да ја наметне својата агенда дури и на либералните делови од руската интернет заедница.

Инспириран од успехот на операцијата во Русија, Кремљ сега инвестира во голема мера во тоа да го прошири проектот и на социјалните медиуми популарни во Европа и САД.

Ако живеете на Западот, пазете се.

Гледиштата и мислењата изразени во овој напис се мислења на оригиналниот автор. Овие гледишта и мислења не ги претставуваат оние на Глобал Војсес или RuNet Echo.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.