Активист за човекови права започна штрајк со глад за мигрантите пред Собранието

Растечката криза со миграциите неодамна ги погодува и земјите во југоисточна Европа, и нови проблеми се јавуваат скоро секојдневно. Реагирајќи на нехуманиот третман на мигрантите кои минуваат низ Република Македонија, реномираниот активист за човекови права Суад Мисини започна штрајк со глад пред зградата на Парламентот во Скопје. Тој го започна штрајкот веднаш штом објави три барања преку пост на Фејсбук во недела на 14 јуни. Постот се здоби со над 300 лајкови и над 90 споделувања во текот на првиот ден.

Почнувам штрајк со глад.
Пред Парламентот.

Барам итно и веднаш:

  1. Итно усвојување на измените на законот за азил, кои ќе им овозможат безбеден транзит или привремен престој на бегалците кои минуваат низ територијата на Македонија, како и слободна употреба на сите јавно достапни средства за транспорт.
  2. Конкретни и јавно објавени мерки од страна на Министерството за внатрешни работи во насока на заштита на животот, сигурноста и имотот на бегалците.
  3. Итно ослободување на сите бегалци и имигранти уапсени во центарот на Гази Баба и негово итно затворање.

Штрајкот ќе трае додека овие барања не се исполнети.

Суад Мисини

Илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Сомалија, Нигерија и други воени зони минуваат низ Македонија, патувајќи од Грција кон Србија со цел да стигнат до Германија или други побогати земји на ЕУ. Мигрантите пеш ја следеа железничката пруга, при што беа жртви на страшни „несреќни случаи“. Од неодамна мигрантите користат велосипеди, кои по наводно драстично зголемени цени ги купуваат во јужните македонски градови за да ги возат по главниот автопат. Многу од нив се жртви на разбојнички банди и трговци со луѓе. Некои од бегалците властите ги задржуваат како „сведоци“ во Центарот за прием на странци „Гази Баба“ во Скопје, каде условите за живот, според народниот правобранител Иџет Мемети се „нехумани, нездрави, недостоинствени“.

Владата треба да дискутира за амандманите на  Законот за азил на 16 јуни.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.