Србија: Еден пар чевли, еден живот

И покрај тоа што поминаа 15 години од масакрот во СребреницаРатко Младиќ – генерал на Армијата на Rепублика Српска (српската Армија во Босна) кој е оптужен од Хашкиот трибунал за геноцид  и бруталната смрт на повеќе од 8.000 муслимани во овој босански град на 11-ти јули 1995,  сѐуште не е уапсен.

И покрај фактот што после неколку години, Младиќ се повлече во Србија и во 2003 беше забележан на трибините на стадионот „Маракана“ за време на фудбалскиот натпревар на државната екипа, српските власти тврдат дека не знаат дали Младиќ се крие во Србија. Тоа веројатно значи дека службите на власта и силите за обезбедување не се способни да ја вршат својата должност или, едноставно не сакаат да го пронајдат и да го уапсат, за да не предизвикаат незадоволство кај многумина од Србите, кои Младиќ го сметаат за народен херој. Тие искрено веруваат дека неговите офицери и војници, кои ја освоија Сребреница на 11-ти јули – град заштитен од холандските воени единици на ОН  – ги разделија децата од жените и потоа ги убија речиси сите мажи од градот и околината, им се одмаздија на муслиманите за смртта на десетиците илјади нивни сонародници, кои беа масакрирани од страна на муслиманите во Братунац и на други места во Босна, во текот на граѓанската војна и исто за време на Втората Светска Војна.

Спротивно на тоа, во Србија исто така постојат и оние кои сметаат дека случајот „Сребреница“ е најголемото државно понижување на сите времиња. Некои од тие луѓе се интелектуалци, уметници и членови на бројни граѓански движења, како на пр. Шкарт, Центар за културна деконтаминација и Жените во црно од Белград. Тие соработуваат со мајките од Сребреница кои во масакрот ги изгубија своите најблиски .

на 7-ми јуни годинава, тие одржаа еден собир под име  „Еден пар чевли, еден живот“ – во центарот на главниот град каде собраа 8372 пара чевли (според нив тој е официјалниот број на жртвите)  за да направат  еден споменик посветен на жртвите од Сребреница во Белград.

На веб-сајтот bezimena.org, блогерот Sonja ја постира повторно изјавата на организаторот, издадена вечерта пред собирот, на крајот на Јуни. Еве еден извадок од неа:

Акцијата беше инспирирана од една меѓународна иницијатива во која учествуваат жените од Сребреница. Ја огранизираме оваа акција, адаптирана на нашиот личен политички и етички концепт, од единствена причина што сакаме да учествуваме и да сочуствуваме со нив. Оваа акција е упатена кон граѓаните на Србија  и можат да учествуваат сите , очекуваме од нив независно да издигнат еден постојан споменик, кој ќе биде нивен личен израз на одговорност и солидарност со жртвите. […]

[…]Ги повикуваме граѓаните да подарат чевли и да ги остават своите пораки за семејствата на жртвите. Неопходно е да го оставите вашето лично име или името на оној што ги подарува чевлите. Имињата на луѓето кои подарија чевли и на оние кои оставија пораки ќе бидат забележани. Идејата на овој настан е, кога споменикот ќе се изгради, имињата на сите донатори ќе бидат напишани на комеморативна плоча […]

Граѓаните можат да остават чевли и пораки покрај големото пано, кое е поставен вдолж тротоарот на улицата Кнез Михајлова .  На паното пишуваше: „Одговорност и солидарност – Жените во црно за Човекови права – Жените во црно против војната“.

Поради заканите од страна на екстремни националистички групи кои им беа испратени на организаторите, Специјалните единици на Полицијата го заштитуваа собирот. Пред почетокот на собирот, движењето на српските националисти „Наши“, издадоа официјална изјава повикувајќи ги цинички луѓето да дојдат на Кнез Михајлова улица и заради економската криза, да ги земат чевлите од „црните ленти“ за да можат да ги носат.

Светлана Слапшак, антрополог и теоретичар на културата, зборувајќи на Радио Слободна Европа,  рече дека ваквите потези од групи за човечки права беа очекувани и дека заради тоа, секоја активност поврзана со процесот на соочувањето со минатото е важна, сѐ додека постои едно застрашувачки ниско ниво на јавна и на граѓанска одговорност во Србија за оние кои страдаа најмногу. Таа смета дека власта исто така може да се смета за морално одговорна бидејќи не организира слични јавни активности.

Сташа Зајовиќ, госпоѓа од Жените во црно, координатор на акцијата рече:

Давањето на чевлите го обележува прифаќањето на фактот дека геноцидот во Сребреница се случи и исто така, обележува [изразување на] сочувство и солидарност со оние кои загинаа.

Дополнително, објаснува што симболизира чевелот:

За мене, чевлите се отисок на луѓето кои останаа во Сребреница и овој отисок е исклучително важен во мојот живот. Тие чевли се симбол на животите кои згаснаа и сакаме простор за секој чевел, бидејќи оние кои беа убиени не се само мртви коски. Тие се луѓе чии соништа, желби, љубов и таги беа убиени. Исто така, чевлите се симбол на движењето.

И покрај присуството на неколку десетици членови на националистичките групи во центарот на Белград, истовремено со Жените во црно кои го изведуваа своето хумано движење за геноцидот во Сребреница собирајќи чевли, овој симболичен собир, кој се одржа кратко пред официјалната церемонија во Поточари на комеморативната средба за жртвите во Сребреница, заврши без инциденти.

Претседателот Борис Тадиќ присуствуваше на комеморативната церемонија во Поточари

Секоја година, во меморијалниот комплекс во Поточари се одржува церемонијата во спомен на жртвите од геноцидот во Сребреница кои броеја повеќе од 8.000. Годинава, на настанот присуствуваше Претседателот на Република Србија, г-динот Борис Тадиќ. Според BBC на српски, по повод овој настан, Претседателот го изрази своето жалење за жртвите и додаде дека Србија нема да ја прекине потрагата по  извршителите на воените злосторства, а особено по Ратко Младиќ.

Ова е трагедија за Босанците, но исто така и за сите луѓе кои живееја во поранешната Југославија. Оваа страница на историјата не може да се заврти сѐ додека оние кои се одговорни за злосторствата се наоѓаат на слобода.

Порано годинава, Парламентот на Република Србија усвои Декларација за Сребреница. По тој повод, блогот „Srebrenica-genocide“ го издаде целиот текст на Декларацијата и заклучи:

…Со оваа Декларација, Србија официјално призна дека Србите извршија геноцид во Сребреница во Јули 1995…

И покрај тоа што интелектуалци, адвокати и обични луѓе очекуваа Декларацијата да ги дефинира злосторствата во Сребреница како геноцид, тоа не се случи. Очигледно е дека клучниот збор („геноцид“) беше намерно изоставен од оригиналниот текст, бидејќи во Србија постојат многу луѓе кои (како што е веќе изјавено) го негираат геноцидот во Сребреница и наместо тоа го дефинираат како праведна одмазда.

Исто така, многу луѓе од Србија и Република Српска, се вознемирени од српските власти, бидејќи тие никогаш не присуствувале на комеморативната церемонија за 3.267 српски жртви, кои беа брутално убиени во Братунац во 1992 и 1993.

Новинарката Ана Вујевиќ, во една статија во белградскиот неделник „Печат“ на 8-ми јули 2010, нуди едно објаснување зошто Претседателот на Република Србија не сака да го посети Братунац:

Тадиќ знаеше дека во Поточари не се погребани ниту едно дете или жена, за разлика од православните гробишта во Братунац, Сребреница и Скелани. Тогаш, разбирливо е зошто не сака да го посети Братунац на 12-ти јули. Што би ѝ рекол на Милица Димитријевиќ, чии синови, петгодишниот Александар и десетгодишниот Радисав, беа убиени во Братунац на 16-ти јануари 1993, од истите оние луѓе, со кои само еден ден пред тоа, беше заедно [во Поточари] и им се извинуваше? Што би му рекол на Цветко Ристиќ, кој на тринаесет годишна возраст ги изгуби сите најмили: својот татко Новак (42), мајката Иванка (43), сестрата Митра (18) и братот Миша? Или, што би можел да му рече на малиот Брана Вучетиќ, кој на деветгодишна возраст беше донесен во кампот на Ориќ и ги загуби својот татко, мајка и брат? Како би можел да се соочи со болката на несреќната мајка Славка Матиќ која ги закопа двете ќерки Снежана и Гордана, во цветот на нивната младост, или со Иванка Ракиќ, која сеуште ја притиска на своите гради сликата од изгоренотот тело на нејзиниот син Ненад, или Марија Јеремиќ, која сѐуште ги бара коските на нејзиниот син Марко, пали свеќа за Радован и сонува дека ќе го закопа Марко до него? Како ќе ја погледне Ана Младеновиќ, која не може дури и да се сети на нејзиниот татко Анѓелко, но сиот нејзин живот го живее со мислата дека му беше отсечена главата и со неа играа фудбал? Какво оправдување да му понуди на 76-годишниот Драгомир Миладиновиќ, од малото селце Јежестица кај Кравица, кој веќе 18 години живее со болна рана – без своите синови Ратко и Ѓорѓе?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.