Јужна Африка: 67 минути промена – Денот на Мандела

Нелсон Мандела Извор:www.ambassadors.net

Mногу луѓе знаат дека Нелсон Мандела помина 27 години од својот живот во затворот на островото Robben во Јужна Африка. Она што многумина не го знаат, е дека Мадиба (како што е почесно наречен во Јужна Африка), има поминато 67 години во борбата против расизмот и сиромаштијата. Во неделата на 18-ти јули 2010 година, поранешниот Јужноафрикански претседател наполна 92 години. Последниве 16 години, Јужноафриканците го прославуваат роденденот на Мадиба со страст и водушевеност. Но во 2002, лично Нелсон Мандела го одбра овој ден за да ја започне својата глобална Кампања за знаењето и спречувањето на СИДА наречена 46664.

Во 2009-та, успехот на кампањите и прославите на 46664  се претворија во она што е денес познато како „Денот на Мандела”, ден на кој луѓето низ целиот свет посветуваат 67 минути за да го направат светот подобро место за сите. Организаторите објаснуваат:

Беше решено дека не би можело да постои нешто посоодветно од прославувањето на роденденот на Мадиба со еден ден посветен на неговото животно дело и делото на неговите добротворни организации, како и да се обезбеди дека негото наследство ќе продолжи засекогаш.

Во Јужна Африка, Денот на Мандела во 2009 година имаше огромен успех. Толку голем, што прославата во 2010, како што  јавува Joburg, за прв пат ќе биде наречена Меѓународен ден на Нелсон Мандела:

Тоа ќе биде првиот Меѓународен ден на Нелсон Мандела, бидејќи Обединетите Нации, во Ноември 2009, усвоија резолуција со која 18-ти јули е прогласен за Меѓународен ден на хуманитарни активности. Тоа е прв пат, организацијата на ОН да посвети меѓународен ден на една личност и да го признае како симбол на надежта на оние кои се угнетени и понижени.

И покрај тоа што денот ќе биде прославен низ целиот свет, Мадрид во Шпанија, беше одбран за домаќин на концертот по повод првиот официјален Меѓународен ден на Нелсон Мандела, на кој ќе настапи  BB King .

Исто така и Њујорчаните ќе одржат свој празничен концерт. И кога веќе се наоѓаме во Њујорк, да спомнеме дека во чест на Денот на Мандела и кампањата 46664, во Централната станица на метрото е поставена една уметничка  инсталација која го прославува животот и наследството на Нелсон Мандела . Инсталацијата претставува шест осветлени тродимензионални зборови кои опишуваат акција: дејствувај, работи, води, обединувај, учи и зборувај. Предната страна на секој збор ја покажува клучната порака која ги открива вредностите на Нелсон Мандела и ги инспирира посетителите да дејствуваат.

Фондацијата Нелсон Мандела јавува:

Во Италија, општинскиот Совет на Фиренца,  заедно со Форумот Мандела, се договорија да се сними едно видео за г-динот Мандела и да се прикажат филмовите Invictus и Денот на Мандела на Форумот на Мандела и исто така, во летно кино во Фиренца. Советот на Фиренца се заложи да го поддржи Денот на Мандела и ги поттикнува сите граѓани да ја потпишат резолуцијата за поддршка на Денот на Мандела.

Повикот на Мандела за превземање на акција беше слушнат исто така и во Куба:

Комисијата за односи со странство на Кубанскиот Парламент се согласи секоја година да се одржува вонредна средба за обележување на  18-ти јули како Меѓународен ден на Нелсон Мандела.

Јужноафриканците исто така се погрижија да ги поминат 67-те минути од својот ден во подобрување на животот во својата земја. Низ целата земја беа изведувани разни активности на кои учесниците доброволно го посветија своето време.

Пасторот MosaSono прашува:

Кој ќе ни се придружи утре во 08,30 часот во Chris Hani Bara по повод 67-те минути од кампањата за расчистување по повод Денот на Мандела?

MuffinMegain изјавува:

Добравечер на сите! Кој ќе ни се придружи утре во 08,30 часот во Chris Hani Bara по повод 67-те минути од кампањата за расчистување по повод Денот на Мандела?

Еден блогер на Hope Blog вели дека Денот на Мандела не треба да се смета за неработен ден:

Секој од нас може да направи нешто различно и нашите заеднички напори навистина можат да го изменат светот. Денот на Нелсон Мандела не е неработен ден – тоа е ден на кој сите ние треба да се обединиме преку акција.

Помогнете ни да ја споделиме визијата на Нелсон Мандела за подобра иднина за сите, овој викенд превземете акција и кажете ни за тоа на нашата страница на Facebook. Потребна ви е инспирација? Нашите учесници можат да ви кажат за нивните лични волонтерски акции по повод Денот на Мандела на страницата на Facebook и еве 67 идеи како да го смените светот.

Еве како работниците на фармата во Stellenbosch, Јужна Африка ќе го одбележат денот:

Работниците на фармата побараа од волонтерите, во недела, да поминат со нив 67 минути за да го прослават Денот на Мандела.

Групата „Жените на фарма“ имаат одредено едно парче земја за невработените жени-работнички, давајќи им прилика да однесат јадење во своите домови.

Иницијативата има за цел да ја ублажи половата дискриминација во земјоделскиот сектор.

Танзанискиот блогер Simba Deo, ја поттцртува вредноста на самопожртвуваноста:

Кога даваме, примаме
Кога сакаме, сме сакани
Кога се жртвуваме и останатите се жртвуваат за нас
Самопожртвуваноста е клучот за подобрување на мирот, за одржлив развој, за одржлива слобода и за правда. Потрагата по лична слава би била спротивна на ова. Било што и да правиме, треба да го правиме бидејќи веруваме во тоа и го правиме заради човечноста, а не за лична слава.

Dorin и the Bush Warriors Clan бараат од нас да го прославиме Денот на Мандела со заштитување на животинскиот свет и животната средина:

Прекрасните нешта што ги направи Нелсон Мандела се надвор од границите на човечкото, бидејќи направи и многу работи за животинскиот свет и исто така и за човековата средина. Слично на неговите соништа за човековите права, Нелсон Мандела исто така сонуваше и за обединета во мир африканска дивина која опфаќа многу земји. На Питер Гудвин, новинар на списанието National Geographic, му изјави: „Сонувам за Африка која има склопено мир со себеси…Сонувам за остварувањето на единственоста на Африка, во која нејзините водачи ќе ги комбинираат своите напори во решавањето на проблемите на овој континент. Ги сонувам бескрајните пустини, нашите шуми, сите наши големи дивини. Не смееме нокогаш да заборавиме дена е наша должност да ја зачуваме оваа средина. Парковите без граници се начинот на кој можеме да го направиме тоа.”
Неодамна ви го претставивме неговиот план за спасување на јужноафриканските слонови со нивна имплементација во Патот на слоновите. Низ неговото дејствување со оваа организација, Фондацијата паркови на мирот, заедно со сер Ричард Брансон, мајк Хамфрис и Virgin Unite, овој сон ќе стане реалност.

Исто така, тука се и „Моторџиите за Денот на Мандела” – група од 21 моторџии (вклучувајќи го и глумецот Морган Фриман) кои ќе бидат на 6-дневно патување околу Кејп Таун, за да ја рашират иницијативата за Денот на Мандела.

И доколку сѐуште не ве убедивме, погледнете ја оваа страстна молба од Постарите

За време на неговото последно меѓународно патување во Лондон, во јуни 2008, Мадиба изјави:

Време е наредните генерации да ја продолжат нашата борба против социјалната неправда и за правата на човекот. Тие се во ваши раце.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.