Кувајт: Полициска бруталност снимена на видео?

Ширум светот има видео записи кои сведочат за полициската бруталност. Еве еден од Кувајт, којшто беше поставен на еден популарен блог и доби доста коментари – од кои многу го напаѓаа блогерот што го поставил.

Mарк, од 248am, го објави следново видео:

Тој пишува:

Го најдов видеово на Јутјуб, каде наводно кувајтски полицајци тепаат некои ирански шверцери на дрога на пристаништето во Доха. Видеото е со доста лош квалитет па затоа е тешко да се утврди дали ова се навистина кувајтски полицајци и дека ова навистина се случило на пристаништето во Доха. Полицајците од видеово носат панцири кои се доста слични со оние на локалната полиција. Исто така не знам дали видеово е скорешно или не.

Tariq коментира:

Tешко е да се каже што е што, но суштината тука е дека „ПОЛИЦИСКАТА БРУТАЛНОСТ“ е насекаде, само проверете на Јутјуб и ќе видите дека е од меѓународни размери.

Frankom смета дека ваквата постапка е неприфатлива и забележува:

بغض النظر اذا كانوا قادمين الكويت تسلل أو معاهم مخدرات أو أي شيء آخر

المفروض يتعاملون وفق القانون

Без разлика дали нелегално влегувале во Кувајт или имале дрога со себе или што и да е друго, со нив требало да се постапи во согласност со законот.

q80 покренува многу прашања:

1. Видеото е нејасно со лош квалитет.

2. Не може да се потврди дека тоа е кувајтска полиција.

3. Не може да се потврди дека се случило на пристаништето во Доха.

4. Не знаете дали е скорешно или дамнешно.

5. Не може да потврдиме дека станува збор за Иранци.

И да претпоставиме дека ова е кувајтска полиција којашто тепа Иранци, не ја знаеме причината за тоа. Можеби шверцуваат дрога. Можеби не ги послушале наредбите на Кувајќаните да се предадат и идентификуваат. Можеби се нелегално во кувајтските води. Можеби отвориле оган врз кувајтската полиција.

Во меѓувреме instantcravings фрла малце светлина врз мрачната состојба:

Тој цајканот со стапот…што и да е тоа што го изнервирало…не би сакал да бидам некаде во негова близина!

Од друга страна…некои од трговските центри би сакале да го имаат како вработен во обезбедувањето!

Bu Yousef прашува:

Ако ова беше шверцер со дрога, каде е бруталноста?

Abdulla се согласува:

Шверцери на дрога, тоа сè кажува, според мене, сè е поврзано со нив. Тоа што го шверцуваат е смртоносно и има уништено безброј животи и семејства.

Вие го нарекувате бруталност, јас го нарекувам одмаздување.

Но Burhan повикува на тоа да се направи разлика:

Тепањето шверцери со дрога не е начин да се спречи шверцувањето дрога. Не значи дека со тоа ќе ги спречите луѓето да одгледуваат работи или пак да ги спречите момците што ја плаќаат, да земаат дрога.

Не знам зошто луѓето сметаат дека ова е добра идеја. Што е следно? Тепање на зависниците од дрога?

Нема потреба некој да принуди некого да зема дрога. Како што вели Крис Рок „ Дилерите на дрога не продаваат дрога, тие ја нудат“. Сè што треба да направите е да речете не.

Претпоставувам тоа е доста тешко за луѓето – па ете не сега со тоа како некои наводно полицајци  претепале некои наводно „дилери“ на дрога”.

Марк исто така наиде на многу критики од страна на неговите читатели затоа што го објавил видеото.

Taz пишува:

Отсекогаш имав чувство дека Марк сака да ги споделува или изнесува во јавност лошите нешта за Кувајт… како на пример пијаните кувајтски полицајци што танцуваат, што е случај еден во милион како и многу други нешто кои нè оцрнуваат.

Советот на bu ziad е:

подобро е ако се држиш настрана од објави коишто може да предизвикаат омраза заради социополитички прашања. Тоа е само пријателски совет, ти секако може да пишуваш за што ќе посакаш.

На тоа, Just одговара:

Не знам кој е полош, полицијата во видеото или пак луѓето што велат дека ова не треба да биде објавено заради културолошката чувствителност?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.