Македонија: ТЕД икс Скопје го привлече вниманието на Интернет-јавноста

Оние негови учесници кои јавно се изјаснија кажаа дека првиот ТЕД икс настан во Македонија беше многу успешен. Еднодневната конференција организирана по лиценца од американската непрофитна организација ТЕД (Технологија, Забава, Дизајн) овозможи ширење на опсегот на теми за кои се дискутира јавно и ги инспирираше барем присутните стотина учесници да работат на позитивни промени.

Како што извести IT.com.mk:

Заврши првото „споделувањето идеи“ на TEDxSkopje конференцијата која можевте да ја проследите преку видео стрим во живо, или да читнете за неа на Facebook или на Twitter. Во случај да ги испуштите, сите видеа ќе бидат објавени на сајтот на TEDxSkopje.

Конференцијата беше доста успешна. Реализацијата беше одлично, минус мали технички проблеми кои се решија брзо. Говорниците беа доста интересно изберени, имаше најразновидни теми склопени во два дела. Првиот дел имаше повеќе фокус кон технологијата, додека вториот дел беше фокусиран на едукацијата, мотивацијата и инспирацијата за креирање дела.

Видео стримот во живо имал скоро илјада гледачи од целиот свет – најмногу од Македонија, а потоа изненадувачки од Франција и САД.

Правилата на ТЕД спречуваат фотографирање и снимање, освен од официјално овластени лица. Еден од нив, Мартин Димитриевски, објави краток видео-клип за настанот.

Како што претходно извести ГВО, на Интернет се разви дискусија околу контроверзните ставови поради незадоволството на луѓето кои не влегле во првиот круг на избрани учесници. Голем дел од тензијата беше намален благодарение на спремноста на волонтерите од организацискиот тим за отворено дискутирање со јавноста преку групно интервју, спроведено преку агрегагорот Пинг.мк.

Дискусиите продолжија и по настанот, исполнети со пофалби од учесниците на Твитер и Фејсбук, како и изјави од типот ’добро де, сфативме дека било супер, ај оладете малку‘ од оние кои не биле присутни. Главна и добронамерно прифатена шега беше тоа што на еден од најупорните прашувачи, Зуберот, му беше посветен и фото-стрип. Во стрипот, Стив Џобс и Бил Гејтс се прашуваат еден со друг дали биле на настанот, и откако ќе утврдат дека не биле, сепак заклучуваат дека чуле дека Зуберот бил.

Во малку посериозен тон, Новица Наков, еден од волонтерите организатори, на својот блог објави размислување за разликата во посветување внимание на интернет на ТЕД икс Скопје и еден друг проект во кој тој учествува – создавањето Национална политика за слободен софтвер преку инклузивен процес во чиј центар се потребите на граѓаните:

TEDxSkopje и НПСС не можат да бидат поразлични.

Првиот е приватна иницијатива. Воглавно е поддржан од приватни ентитети (освен МКЦ). Не е ексклузивен – може да има и други како него. И малку е релевантен во поширокиот контекст на македонското општество – освен замислената идеја дека презентации во стилот TED можат да го подигнат нивото на дебата, нема нешто посебно друго. Сепак, TEDxSkopje речиси целосно и скоро постојано е под будното око на (интернет) јавноста за сите фалинки. […]

Вториот е јавна иницијатива. Вклучено е Министерството за информатичко општество, фондацијата Метаморфозис и Слободен софтвер Македонија, како носители, а покрај нив и заинтересирани страни од универзитети и бизнис секторот. Текстот се прави еднаш. Нема да има втора верзија до година. Ако биде усвоен ќе биде важен во градењето на информациското општество, а посебно во делот на транспарентноста на ИКТ политиките на државните органи, како и во комуникацијата што тие ја имаат со сите нас. Таа може да биде документ што ќе го обликува идниот развој на ИКТ во државава и сигурно ако успее ќе биде одлична тема за некој TEDx. Сепак, НПСС (и покрај бројните повици за тоа) не е на радарот на интернетската јавност.

Додајте кон ова дека луѓето што на интернет го ловат TEDxSkopje за грешки во чекори се доволно стручни да дадат свој придонес во НПСС и причината за овој текст ќе ви биде јасна.

Но, бидејќи сум економист, ќе потсетам на тоа дека луѓето се себични. „Својата корист пред сѐ“ – и изгледа дека многумина својата корист ја гледаат токму во TEDxSkopje.

Како некој што го организира TEDxSkopje можам да кажам дека на крај, и покрај сѐ, се чувстувам поласкано. Но, како некој што утре треба да поднесува завршна сметка во ЦРМ, чуствувам должност да потсетам дека шансата за буткање на стандарди и отвореност во е-тинтири-минитри со државата е пред сите вас.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.