Србија: Контроверзноста околу свеченоста за доделување на Нобеловата награда за мир

Норвешкиот Нобелов комитет ја додели годинешната награда за мир на кинескиот дисидент Лиу Ксиаобо, кој не беше во можност да присуствува на свеченоста на 10 декември во Осло бидејќи ја отслужува својата затворска казна од 11 години.

Пред неколку дена, кинеските власти испратија официјална дипломатска нота до многу земји ширум светот во која бараат од нив да не присуствуваат на свеченоста за доделување на наградите во Осло. Деветнаесет држави, вклучувајќи ги Русија, Србија и Украина, одлучија да го прескокнат овој настан.

Во една од неговите први изјави по медиумскиот пренос на службената одлука на владата, министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ, изнесе кратко појаснување на некои од причините за нејзиното донесување:

Сите наши одлуки, како и одлуките на сите други влади, се однесуваат на националните интереси и приоритетите на државата.

Премиерот Мирко Цветковиќ рече:

Ова е тактички потег на Србија за одржување на стратешките односи со Кина.

Невладините организации, политичките партии, мејнстрим и граѓанските медиуми разговараа за ставот на владата, барајќи од министерот Јеремиќ да си поднесе оставка.

Веб сајтот Пешчаник објави изјава на Правничкиот комитет за човекови права (YUCOM). Меѓу другото, YUCOM напиша:

Со бојкотирањето на годинешната свеченост за доделување на Нобелова награда за мир, Република Србија уште еднаш потврди дека е далеку од вистинската борба за човекови права и од вистинските вредности што карактеризираат едно модерно, европско, демократско општество.

По ужасните работи во деведесеттите години, ние треба да покажеме дека сме првите што ќе ги поддржат луѓето чии права се загрозени и кои ги жртвуваат своите животи за мир во светот. […] На Србија ѝ треба политика која ги почитува човековите права, а не политика за која еден мост* е поважен од еден човечки живот. […]

* Забелешка на авторот: Кинеската влада ѝ даде мал заем на Србија за изградба на еден мост во Белград, таканаречениот „Кинески мост“.

Во една уводна статија, Е- новине напиша:

[…] Од листата на земји што ја бојкотираат свеченоста за доделување на Нобелова награда за мир, јасно е дека овде зборуваме за земји со недемократски режими, кои како Кина имаат проблеми со своите дисиденти или за земји кои се под силно влијание на Пекинг. […]

На 8 декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија објави петиција, која беше потпишана од многу српски активисти за човекови права, интелектуалци, новинари и политичари:

Со оваа петиција, ние, долупотпишаните бранители на човековите права и демократски активисти, говориме во името на илјадници граѓани на Србија, кои се желни да ја видат нивната земја цврсто упатена во европски правец и посветена на највисоките вредности на современиот свет.
Оттука, ние, долупотпишаните, силно негодуваме на одлуката на нашата влада да ја смести Србија во кругот на демократско оспорливи држави чии претставници ќе ја бојкотираат свеченоста на доделување на Нобеловата награда за мир на Лиу Ксиаобо, човекот кој со својата долгогодишна, постојана и мирна борба за основните човекови права во Кина ја доби почитта од културниот свет.
Со оваа петиција сакаме Нобеловиот комитет и светската јавност да знаат дека навистина многу граѓани на Србија нема да ја поддржат последнава засрамувачка одлука на нивната влада, дека силно се противат на нејзината „политичка зделка“ карактеристична за националистичка Србија пред и по војните во деведесеттите години и дека поради овие воени и други крвави траги на автократско владеење и политики на „поголеми нации“ – потчинувајќи ги индивидуалните права за „национални интереси“- тие го креваат гласот против каква било форма на понизност кон земјата, која во 21-ви век става зад решетки активист за човекови права и ги држи неговото семејство и колеги под домашен притвор за да спречи кој било од нив да допатува до Осло и да ја прими Нобеловата награда во негово име.

Белградскиот дневен весник Блиц објави статија насловена како „Владата за бојкотот, Тадиќ против него,“ нагласувајќи го несогласувањето помеѓу високите државни службеници во однос на прашањето и цитирајќи изјава на портпаролката на комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе:

Од земја која тежнее кон пристапување во ЕУ се очекува да ги почитува вредностите на ЕУ.

Спорната одлука не ги подели само претседателот Тадиќ и министерот Јеремиќ, туку и читателите кои оставија повеќе од 250 коментари на статијата, главно дебатирајќи за последиците од нивната надворешна политика.

Подолу се дел од коментарите:

NenadRu:

[…] Оттука, никоја од европските земји не одлучи да ја бојкотира свеченоста, само Србија и нејзините „проевропски“ министри. […] Ужасно, може ли да знаеме која е националната политика?

Zele:

Само едно прашање: каква корист имаме ние од тоа? Кога ќе станеме земја- членка на ЕУ ќе гласаме како другите, но каква одговорност имаме ние сега пред нив? Тие вршат притисок врз нас да се откажеме од Косово, не ни дозволуваат да се вклучиме во ЕУ, нè бомбардираа и уште не ни платија никаква воена оштета. […]

TZTTZ:

Искрено, не знам што е подобро за нас: да одиме или не [во Осло]. […] Но, Кина не го призна Косово, а ЕУ го призна.

Во својот пост како посетител на блогот Б92 на Сречко Секелиќ, Милош Богичевиќ напиша:

[…] Прашањето е дали идните генерации гордо ќе го нагласуваат фактот дека Србија, на Денот на човековите права во 2010 година, го бојкотираше доделувањето на Нобеловата награда за мир или ќе се срамат од тоа. Можеби уште денес треба да се засрамиме.

Вечерта на 9 декември, ден пред свеченоста за доделување на наградите, Народниот правобранител на Србија, Саша Јанковиќ ја презеде иницијативата и одлучи да отпатува во Осло како независен претставник на Република Србија, кога сфати дека српската влада нема да ја промени официјалната одлука. Тогаш, поради притисокот од јавноста, премиерот Цветковиќ побара од Јанковиќ да ги упати своите лични честитки од име на владата до Нобеловиот комитет и Лиу Ксиаобо.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.