Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Индија: Дали специјалното издание на Top Gear Индија на БиБиСи навистина ги навреди чувствата на Индијците?

На 28 декември, БиБиСи емитуваше 90 минутна епизода од серијалот за автомобили Top Gear, насловена како Top Gear Индија – специјална епизода [видео]. Тука секако беше незаменливиот Џереми Кларксон, кој заедно со своите двајца колеги, патуваа 130 милји низ Индија, пат кој требаше да биде „релаксиран“, а чии „главни состојки би биле убавите пејсажи на Индија, хаотичните градски сцени, локалниот шарм и бои на овие локации, области кои би ја доловиле локалната култура за автомобили која постои во Индија.“

Програмата го прикажа Џереми на една „трговска мисија“ – обидувајќи се да ги промовира британската индустрија и британските продукти, кои би биле важни за индискиот пазар.  И така го гледате Џереми како се вози наоколу во Јагуар XJS со ВЦ-шолја прикачена на багажникот од колата, бидејќи како што тој изјави „секој кој доаѓа во Индија добива зорт.“ Во друг дел од епизодата тој ги симнува своите панталони, за да ја претстави употребата на британската преса за панталони (која според него може да послужи и како машина за правење наан или лепиња). Потоа следеше и делот со рекламирање британски продукти на индиските возови.

Снимка на екранот од видеото на Јутјуб од Gamerrguyali

Првично сè изгледаше добро. Но, по некое време, се чинеше дека хуморот на Кларксон не поминал добро кај индиската администрација. Индиската Висока Комисија формално му се пожали на БиБиСи велејќи дека програмата „беше полна со евтини исмејувања, невкусен хумор и недостасуваше културната чувствителност што ја очекувавме од БиБиСи.“ Наскоро инцидентот ескалираше дотаму, што британскиот премиер Дејвид Камерон, кој се појавува на почетокот од програмата барајќи од тимот да „остане подалеку од Индија“,  мораше да се дистанцира од оваа контроверзија.

Сепак нет-граѓаните не застанаа на страната на владиното незадоволство по однос на ова прашање. Дискусиите на социјалните мрежи покажаа дека целата оваа прашина што се крена околу содржината на програмата е претерана и непотребна. Многу коментари на Твитер го одразија ова чувство.

@vinnie_three: Само што ја гледав епизодата Top Gear специјално од Индија и мислам дека е многу смешна. #topgear

@sanidhya: Навистина уживав во епизодата специјално од Индија. Не разбирам што е тука контроверзно. Кога станавме толку осетлива земја?

@sanjay_ankur : јас ја гледам епизодата Специјално од Индија.  Ептен е добра!

@Annapakshi: Top Gear навистина се избламираа во оваа специјална епизода од Индија. Не знам зошто се крена толку прашина! #BBC #Topgear

@Subrat_Goswami: Само што ја гледав многу критикуваната епизода од Top Gear специјално од Индија – Најдоброто британско лудило за нашиот систем. videobb.com/watch_video.ph… @BBC

@gkjohn: Зошто ние Индијците имаме толку мало разбирање за хуморот? Ни беше смешно кога ги исмеваа Мексиканците ама кога се работи за нас… tgr.ph/ApkYP6

@HoeZaay: Што?! БиБиСи со својот Top Gear дошле во Индија и не прикажале во „лошо светло“ ?! Натерајте ги да се извинат ! Само Индијците смеат тоа да го прават.

Некои од твитерџиите исто така изјавија дека нема штета во прикажувањето на реалноста во Индија, на пример возењето со страв по автопат, тежината на возење по двоен автопат и сл., кои беа прикажани во епизодата. Други пак сметаат дека индиската администрација, во потрагата по извинување од БиБиСи и од Британија била прекумерно чувствителна за ова не толку сериозно прашање кога и Велика Британија и Индија имаат други сериозни работи со кои треба да се занимаваат.

@kabeermahajan: секој кој ја става оваа епизода на  Top Gear под прашање треба да проба да вози брзо на двоен автопат во Индија… (со исклучок на автопатот BOM – POONA )

@amreekandesi: Индија бара од водителот на Top Gear да се извини поради исмевањето на нашата култура.  Истата онаа Индија во која еден човек беше изгризан од стаорци во болница.

Рефлектирајќи го чувството дека администрацијата има многу поважни работи со кои би требало да се занимава, Јогеш Саркар, напиша во Индискиот форум за патување - BCMT touring:

Претпоставувам дека вистинската иронија е во тоа што индиски студент беше убиен во Велика Британија како расистички криминал, додека пак друг студент беше пронајден мртов под мистериозни околности, а сепак Индиската Висока Комисија е зафатена со работата на Џереми Кларксон!… Ја гледав епизодата и навистина не најдов нешто навредливо. Мислам, додека се смееме на епизодата поврзана со албанската мафија, какво право имаме да се буниме за епизода снимена во Индија? Ако ништо друго, сметам дека последниот дел за возењето низ Хималаите е реклама за Неверојатната Индија и се повеќе и повеќе странци би дошле во посета за да ја видат.

Top Gear Индија – смешната одјава за заслуги. Слика од екранот од Јутјуб видео на jack390

Во истата дускусија, повикувајќи се на другите контроверзии кои биле испровоцирани од Top Gear низ текот на годините, членот на форумот Хакет коментираше за епизодата Индија:

За мене епизодата не беше навредлива. Исмевањето повеќе се однесуваше на момците, повеќе на Британија отколку на Индија. Како второ, TG, Orangutan и др. секогаш исмеваат и предизвикуваат контроверзии. БиБиСи постојано одговара тоа да се сфати на еден хумористичен начин.

Друг член, Ануп Матур, смета дека Индијците постепено стануваат нетолерантни и неспособни за полесно сфаќање на работите.  Тој рече:

Ние Индијците брзо стануваме најнетолерантните луѓе во светот! Смислата за хумор и отсуството на способноста за справување со критиката отсекогаш биле отсутни.  Толку полни со себеси и толку правични по своите убедувања! Па не е ни чудо што луѓето едвај чекаат да не искритикуваат?!

Конечно, пресудата е дека се направи слон од мравка и дека е редно време да се помине преку тоа. Што би бил тогаш одговорот на Индија? Веројатно најдобро беше сумиран во овој твит:

@madversity: Не барајте извинување од оние кои треба да ги исмевате. Но сепак, вашиот хумор треба да биде во Top Gear

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.